/ Прочитано:

1.405

Воведување републичка туристичка инспекција и лиценци за водичите за поквалитетни услуги кон туристите

Здруженијата на угостителството и туризмот и на туристичките водичи на денешната заедничка средба предложија воведување републичка туристичка инспекција, како и законски измени кои ќе овозможат лиценцирање на туристичките водичи со цел поквалитетни услуги на туристите.

Здруженијата на угостителството и туризмот и на туристичките водичи при Стопанската комора на Македонија денеска потпишаа Меморандум за соработка, а на заедничката средба предложија воведување републичка туристичка инспекција, како и законски измени кои ќе овозможат лиценцирање на туристичките водичи со цел поквалитетни услуги на туристите.

Според нив, добиените лиценци би биле соодветна замена за сегашните легитимации кои туристичките водичи ги добиваат со полагање седум испити на факултетите за туризам во државава.

Бранко Босилков, претседател на Здружението за туристички водичи при Стопанската комора на Македонија, истакна дека ќе работат на механизми со кои ќе се унапредува професијата туристички водич.

„Очекуваме лиценцата за работа да ги мотивира младите да препознаат професија во оваа дејност, да инвестираат во знаење и да не работат како водичи само додека студираат“, потенцираше Босилков.

На денешната средба беше појаснето дека новите лиценци би се обновувале на определен број години врз основа на проверка на знаење што би довело до унифицирање на презентирањето. Здруженијата нагласуваат дека сериозен проблем е и тоа што нема доволен број водичи кои познаваат странски јазици за кои има потреба. Најголемиот дел од 380 активни водичи од вкупно регистрирани 760, зборуваат англиски, турски, француски, германски и италијански. Само двајца водичи го зборуваат холандскиот јазик, иако од Холандија има голем број туристи.

Што се однесува, пак, до воведување републичка туристичка инспекција, здруженијата сметаат дека под засилена контрола би биле и градските туристички инспектори. Посочуваат дека функционирањето на ваква институција ќе придонесе за елиминирање на сивата економија, која, според проценките на здруженијата, одзема околу 40 проценти од работата.

Според нив, сегашната регулатива не предвидува директни санкции за странските туристички групи без водичи, затоа што инспекторите немаат овластувања да ги казнат туку само да ја известат пазарната инспекција.

Според статистичките податоци, во првите седум месеци од годинава во Македонија имало 525.716 туристи или за 14,2 процента повеќе во однос на истиот период лани. За 17.6 проценти е зголемен бројот на странските туристи, а кај домашните за 6,6 проценти.

А. Б.