/Прочитано:

898

Воведувањето законски квоти за жените на високи раководни функции — шанса и ризик за рамноправното општество

Вредностите на демократскиот поредок претполагаат континуирано продлабочување на рамноправниот однос помеѓу жените и мажите. Кршењето на копјата, меѓутоа, вистински доаѓа до израз кога блокот вредности треба институционално да се вгради во законската конструкција на државата. Еден негов дел се огледа во законската квота за жените на високи раководни функции во јавниот и во приватниот сектор. Сред условите во кои мажите наголемо се чувствуваат како заложници на погрешно место, а жените, едноставно, се чувствуваат погрешно разбрани, општата дискусија за родовата еднаквост достигна ниво на кое сите расположливи аргументи се сметаат за наполно исцрпени. Проф. д-р Катерина Колозова од Институтот за општествени и хуманистички науки упатува на потребата од заеднички настап на граѓаните што вистински се засегнати од оваа проблематика пред надлежните институции.

Жените се борат со векови наназад за своите права: за правото на гласање, за правото на образование, за правото самостојно да одлучуваат за своето тело и непрегледно многу други. Изворните вредности на демократскиот поредок претполагаат континуирано продлабочување на рамноправниот однос помеѓу жените и мажите, изискуваат еднакви можности со еднакви шанси за напредок на обете страни од родовата оска. Кршењето на копјата, сепак, вистински доаѓа до израз кога блокот вредности треба институционално да се вгради во законската конструкција на државата. Еден негов дел се огледа во законската квота за жените на високи раководни функции во јавниот и во приватниот сектор — иновација што во демократска Европа добива сè поголема јавна тежина, но едновремено ги потенцира и разликите помеѓу родовите.

Високата цел на родовата рамноправност има сестран карактер: елиминирање на структурните причини за нерамномерната распределба на моќта помеѓу жените и мажите; обезбедување економска независност и еманципација на жените преку гарантирање дека еднаквоста се почитува на пазарот на трудот, како и во севкупниот економски живот, преку елиминирање на дискриминацијата и преку гарантирање еднакви финансиски примања; отстранување на воспоставените стереотипи преку вклучување на родовите теми во образованието; искоренување на нарушувањето на достоинството и на човековите права за жените преку преземање бројни одржливи активности за превенција и за борба против насилството врз жените врз основа на родовата припадност, обезбедувајќи помош и поддршка за сите жртви, како и осудување на виновниците.

Без оглед на наложената неопходност од соочување и од справување со проблемите на женската еманципација, историјата во многу наврати покажува дека мажите и жените не секогаш имале што да си кажат, природно застапувајќи различни гледишта, но често седнувале на заедничка маса за да ги разгледаат и најнепрегледните подробности. Двете страни за кратко време поттикнуваа разговори, изнесуваа свои искуства, разменуваа аргументи и противаргументи, но дебатата никогаш не доби своја завршница: мажите наголемо се чувствуваат како заложници на погрешно место, а жените, едноставно, се чувствуваат погрешно разбрани, па незадоволството често достигнува точка на вриење: наместо на разговор неосетно се преоѓа на притаено непријателство. На крајот, двата кампа повторно се осамени, обострано верувајќи дека општеството ги запоставило.

Жените во Македонија добија предност со наследството од поранешниот државен систем

Ако се прифати дека дискусијата за иднината на родовата еднаквост достигнала ниво на кое сите расположливи аргументи се наполно исцрпени, поглед кон минатото може да отвори нови агли за набљудување. Наспроти стигматизираната слика за поранешниот државен систем како безобѕирен кон женското граѓанство, проф. д-р Катерина Колозова од Институтот за општествени и хуманистички науки укажува дека Македонија има предност пред многу земји во Западна Европа во поглед на положбата на жените, со оглед на долгогодишната државна политика на бившиот општествен систем да се унапредува положбата на жените, остворајќи простор за нивно јавно дејствување првенствено преку системот на образованието.

„Кога станува збор за улогата на жените во општеството, наследството од претходниот систем повеќе може да се смета за предност отколку за товар. Тогашната политика инсистираше да се постигне што поголемо учество на жените, дословно се следеше филозофија на еднаквост и меѓусебно почитување. Денешен резултат на тоа, наспроти ситуацијата во Западна Европа, е што многу работни места, коишто немаат непосредна врска со заработката и со капитализмот, се окупирани токму од жени, како што се образованието и науката. Идеите што се изнесуваат во јавноста дека бившиот систем ја нарушувал вклученоста на жените се предмет на неоконзервативен заговор и почиваат на многу неискоренети стереотипи,“ објаснува Колозова.

Во врска со воведувањето законски квоти за жените на високи раководни позиции, Колозова упатува на потребата од заеднички настап на граѓаните што вистински се засегнати од оваа проблематика пред надлежните институции. Прашањата што се наметнуваат во врска со тоа како жените подобро да ги применат своите потенцијали и со тоа како компаниите да добијат корист од родовата различност на својот работен кадар — во идеално сценарио можат да наидат на доследен одговор во континуиран дијалог со сите релевантни играчи во борбената арена за женска еманципација. Двете страни треба за момент да ги остават настрана своите категории и заеднички да се обидат да постигнат пробив во напорите за родова еднаквост.

„Наивен либерализам е да се помисли дека работните места се пополнуваат со лица што вистински ги заслужуваат. За да се воведат квоти неизмерно важно е каква перцепција има средината во врска со женската еманципација, какви културолошки претпоставки, односно какви стереотипи и предрасуди владеат, како и дали владее општо верување дека законските квоти за жените ќе бидат од полза. Во тој домен, пресудна улога има граѓанското општество, односно колку граѓанството се залага за воведување новини во законите. Со оглед на погрешното толкување на граѓанството за феминизмот, како и застапената етноцентричност во граѓанскиот сектор, којашто бездруго ја имитира официјалната политика, а неретко и се дели на политичка основа, дали заеднички ќе се изградат ставови за женската еманципација ќе остане загатка“, заклучува Колозова.


Автор: Далибор Стајиќ Објавено на: 27.6.2013