Судење за сообраќајната несреќа во Хром
Возачот на камион кој усмрти единаесетгодишно девојче ја призна вината
Судијата Седат Реџепагиќ, кој го води предметот, истакна дека се работи за многу комплексен случај со тешки последици. Поради приложеното на главната расправа и поради законските обврски за одмерување на казната, најави дека пресудата за случајот ќе ја соопшти во четврток на 25 февруари.
Признавање на вината и каење за делото што го сторил, денеска пред судот и пред семејството на малата Матеа изрази возачот на камион Раде Васаќевски, кој во октомври минатата година во скопската населба Хром го усмрти единаесетгодишното девојче.
Во завршниот збор обвинителот истакна дека очекува законска одлука за висината на казната за стореното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ од чл. 300 ст. 4 в.в. со чл. 297 ст. 3 в.в. ст. 1, кое му се става на товар на обвинетиот.
„Во интерес на времето и во согласност со одредбите од Законот за кривична постапка нема да ја елаборирам фактичката состојба која целосно и правилно е утврдена во обвинителниот акт. Нема да интервенирам во квалификацијата на делото. Со оглед на тоа дека во оваа сообраќајна несреќа е изгубен млад живот поради сторени пропусти во сообраќајот, оценувам дека Судот треба да донесе соодветна законска санкција, имајќи го предвид и Законот за одмерување на казната, но притоа да ја има предвид и индивидуализацијата на казната во корелација со стореното кривично дело“, истакна обвинителот пред Судот.
Покрај тоа, обвинителот побара и казна забрана за управување со моторно возило бидејќи сторителот на делото е професионален возач.
Полномошникот на семејството на Матеа истакна дека во целост се вклучува во кривичниот прогон на обвинетиот и побара соодветна казна за смртта на единаесетгодишното девојче. Покрај тоа, законскиот застапник на семејството побара од Судот да ги упати на граѓанска постапка каде што ќе можат да ја остварат материјалната отштета.
Адвокатката на Васаќевски побара од Судот да ги земе предвид признавањето на вината и каењето од страна на обвинетиот при одмерувањето на казната.
„Покрај тоа, истакнувам дека како олеснителни околности Судот треба да го има предвид тоа дека обвинетиот досега не е осудуван, против него не се води друга кривична постапка, дека изрази каење и дека сè уште има последици поради стореното дело, има нарушено здравје, проблеми со срцето, за што прима соодветна терапија. Судот да има предвид дека Раде е единствениот извор на економска егзистенција на семејството и има дете со нарушен психофизички развој – парализа на долните екстремитети и е врзано за инвалидска количка, а покрај тоа има и циста и тумор на мозокот, а неговото лекување се врши исклучиво од примањата на Раде“, рече бранителката на обвинетиот возач и приложи докази за здравствената состојба на Раде и неговиот син.
Таа побара од Судот да определи алтернативна мерка како казна со која ќе се исполни функцијата на казнувањето.
Возачот Раде, со солзи во очите и со директно обраќање кон родителите на Матеа, кои беа присутни во судницата, изрази сочувство за прераното загинување на девојчето и побара прошка и можност да го посети нејзиното вечно почивалиште.
„Никогаш во животот не сум помислил дека ќе повредам некого. Најголем неуспех во животот ми е што не успеав да ѝ помогнам на Матеа. Тоа ангелче не смееше да замине и јас до гроба ќе носам црнина. Не успеав да ја видам, камионот е многу висок. Кога сфатив што се случило, веднаш скокнав од камионот, ја зедов в раце и ѝ го слушнав последниот здив. Не можев да ѝ помогнам и докрај ќе живеам со таа мисла. Подобро е јас да бев на нејзиното место“, рече Васаќевски плачејќи.
Тој додаде дека не сака милост од Судот и знае колку му е тешко на семејството на Матеа бидејќи и тој има дете кое секојдневно го гледа како умира.
Судијата Седат Реџепагиќ, кој го води предметот, истакна дека се работи за многу комплексен случај со тешки последици. Поради приложеното на главната расправа и поради законските обврски за одмерување на казната, најави дека пресудата за случајот ќе ја соопшти во четврток на 25 февруари.
Според Законот, казната за кривичното дело за кое е обвинет Васаќевски изнесува од една до пет години казна затвор.
Сообраќајната несреќа во која загина единаесетгодишното девојче се случи 24 октомври на крстосницата од улиците „Војвода Васил Чакаларов“, „Ангел Динев“ и „Исаија Мажовски“.
М.С.