/ Прочитано:

6.123

Воздухот во Скопје загаден со ПМ 2,5 честички е причина за зголемениот број на смртни случаи

Професор д-р Драган Ѓорѓев во текот на презентацијата на податоците посочи дека мора итно да се направи Национален план за намалување на загадувањето, кој реално ќе се имплементира. Целта на Институтот за јавно здравје, како што истакна тој, е во јавноста да излезат сите податоци за тоа колку живеењето во услови на токсичен смог е опасно по здравјето. 30 до 35 отсто од болестите се причинети од аерозагадувањето. Податоците покажуваат дека стапката на смртност е највисока во зимскиот период, кога всушност се највисоки и концентрациите на штетни материи во воздухот. Сите овие години во просек околу 1 300 животи годишно се губат поради аерозагадувањето.

Скопје загадување

Крајно време е да престанеме со меѓусебните обвинувања кои се однесуваат на тоа кој повеќе придонесува за загадувањето во Македонија бидејќи никој не е ослободен од вината за реалната состојба со загадувањето на воздухот. Сите имаме морална обврска да дадеме свој придонес затоа што податоците за загадувањето се повеќе од застрашувачки, е генералната порака од денешната Пленарна сесија со работилница за процена на влијанието на загадениот воздух врз здравјето на луѓето, што ја организираше Институтот за јавно здравје.

Резултатите од истражувањето, кое е спроведено во рамките на твининг-проектот поддржан од Европската Унија за понатамошно јакнење на капацитетите за ефективна имплементација на законодавството на ЕУ во областа на квалитетот на воздухот, се загрижувачки во однос на смртноста од три групи болести во Македонија кои се во директна корелација со постојаното присуство на високите концентрации на ПМ 2,5 честичките во воздухот. Професор д-р Драган Ѓорѓев во текот на презентацијата на податоците посочи дека мора итно да се направи Национален план за намалување на загадувањето, кој реално ќе се имплементира. Целта на Институтот за јавно здравје, како што истакна тој, е во јавноста да излезат сите податоци за тоа колку живеењето во услови на токсичен смог е опасно по здравјето.

„30 до 35 отсто од болестите се причинети од аерозагадувањето. Нашите податоци покажуваат дека стапката на смртност е највисока во зимскиот период, кога всушност се највисоки и концентрациите на штетни материи во воздухот. Сите овие години во просек околу 1 300 животи годишно се губат поради аерозагадувањето. Во однос на болестите што се во директна корелација со загадувањето, би сакал да истакнам дека станува збор за три големи групи заболувања, и тоа: исхемична болест на срцето, мозочен удар и рак на белите дробови. Овие болести, кои се последица од аерозагадувањето, се водечка причина за смрт на подрачјето на Македонија, истакна професорот Ѓорѓев.

Во научната студија активно се вклучени експерти од Финска, чии презентации денеска потврдија дека Скопје е најзагадениот град во Европа. Ото Ханинен од Институтот за јавно здравје и социјална грижа на Финска истакна дека Скопје е на врвот на листата најзагадени градови во Европа, каде што концентрациите на ПМ 2,5 честичките на годишно ниво достигнуваат и до 70 микрограми на метар кубен.

„Букурешт и Будимпешта се градови кои исто така се на врвот на листата на најзагадени градови во Европа, а на годишно ниво просечно во овие два града има 30-40 микрограми ПМ 2,5 честички на метар кубен. За жал, лидер е сепак градот Скопје каде што има дури 70 микрограми ПМ 2,5 честички на метар кубен, а таму каде што  има мерење конкретно на ПМ 2,5 честички, односно станицата во Карпош, резултатите покажуваат дека нивото на концентрации е 56 микрограми“, рече Ханинен.

Експертите од Финска нагласија дека сите граѓани, институции, невладини организации треба да сфатат дека ситуацијата со загадувањето во Македонија е повеќе од сериозна и дека станува збор за исклучително загрижувачки податоци. Според нив, крајно време е да се менуваат навиките на луѓето, менталитетот, размислувањата дека некој друг е виновен, да се надминат предрасудите дека велосипеди возат само посиромашните граѓани. За да се сведе загадувањето на воздухот на минимум во Финска, како што истакна Ханинен, сите имаа активно учество, а Владата секако ги презеде најригорозните мерки. Една од тие мерки, како што рече тој, беше исфрлање од употреба на старите возила.

„Во споредба со останатите земји членки на Европската Унија, во Финска граѓаните возеа најстари автомобили, но финските власти реализираа мерки кои беа наменети за намалување на загадувањето на воздухот, со што беше направена голема промена на возниот парк. Ваквата обнова доведе до драстично намалување на емисиите на загадувачки материи кои потекнуваа од сообраќајот, потенцираше Ханинен.

Во наредниот период, Институтот за јавно здравје ќе настојува да се направат истражувања за процена на ефектите од аерозагадувањето врз здравјето на луѓето и во останатите градови во Македонија.

А. Б.