/ Прочитано:

941

Врачени 5 повелби на новоименуваните извршители

Понеделник, 17 декември 2012 – Македонија доби уште 5 нови извршители, досега се регистрирани вкупно 97, а се предвидени 132 места за извршители ширум земјава. 

„Анализите на досегашната примена на Законот за извршување покажуваат дека се реализираше основната цел, а тоа е да се создаде ефикасен систем на извршување и остварување на правата на доверителите во разумен рок“, рече министерот за правда Блерим Беџети при врачувањето на 5-тe повелби на новите извршители.

Министерот Беџети појасни дека со стапувањето на сила на Законот на извршување се напушти судското извршување како вид на професија и беше воведен институтот извршител – лица кои вршат јавни овластувања именувани од министерот за правда, за подрачјето на одреден суд и извршуваат извршни исправи на судот или органот чие седиште е на подрачјето на кое е именуван.

Претседателот на Комората на извршители, Гордан Станковиќ вели дека од воспоставувањето на овој систем во 2006 година, бројот на предмети за извршување постојано се зголемува. Таа пракса трае до минатата година кога било забележано забавување во зголемувањето на предметите, па оттука Станковиќ заклучува дека е постигнат успех со воведувањето на овој систем.

„Тоа значи дека на петтата година од воспоставувањето на извршувањето се забележаа крајните резултати од донесувањето на Законот, а тоа е дефинитивно подобрувањето на правната дисциплина и подобрување на роковите во кои се исполнуваат обврските наметнати со извршните исправи“, вели Станковиќ.