Вранишковски: Поради единството со СПЦ, 10 години преживувам судска голгота
Четврток, 1 ноември 2012 – „Судската голгота ја доживувам поради моето прифаќање на единството со Српската православна црква (СПЦ) и почитувањето на Нишкиот договор“, откако на судот му одржа „лекција“, расчинетиот владика Зоран Вранишковски, aрхиепископот на нерегистрираната Православна Охридска Архиепископија, ги отфрли обвиненијата дека затајувал данок и перел пари, а со тоа го оштетил буџетот на Македонската православна црква (МПЦ) за 250.000 евра.
Почна судската постапка против Зоран Вранишковски и другите обвинети, меѓу кои неговата мајка, вујко, сестра, монаси и следбеници кои се обвинети за перење на пари. Според обвинителството, со пари на МПЦ купувале ниви и имоти преку нивното здружение на граѓани „Анастасија“.
Откако Вранишковски половина час одржа „лекција“, зборувајќи за односите на МПЦ и СПЦ, неговата работа и неговото отсуство од држава, останатите судски постапки кои се воделе против него, кратко се осврна на обвинението. Потенцираше дека не било возможно 250.000 евра што значат четиригодишен буџет на Архиепископијата, тој да ги присвоел за себе бидејќи како што нагласи во тој случај Архиепископијата немало да може да работи.
„10 години преживувам судска голгота, ова обвинение е само продолжение на минатите судски постапки. Ова е срам за мене и како човек и како свештено лице. Почитуван суде, морам да ви објаснам, јас го почитувам Нишкиот договор од 2002 година и сметам дека црквата мора да биде дел од единство, во овој случај единство со СПЦ, само на тој начин може да се нарече црква“, рече Вранишковски.
Во однос на обвинувањата дека на сите 19 обвинети при крајот на минатата година им дал по 5.000 евра кои легнале на нивните транскакциски сметки, за подоцна обвинетите да ги префрлат на сметка на здружението „Анастија“, рече дека во тој период тој бил надвор од државава и немал никакви контакти со нив.
Обвинителството ги товари обвинетите дека со парите што легнале на сметка на здружението „Анастасија“ купувале имоти, ниви и дуќани во ТЦ „Лептокарија“, иако знаеле дека парите се нелегално присвоени од буџетот на МПЦ во периодот од 2008 до 2002 година.
„Здружението „Анастасија“ го отворивме бидејќи тоа е единствениот легален начин последниве 10 години да јадеме леб бидејќи не сакаат нашата црква да се регистрира. Баравме начин како да функционираме и така дојдовме до здружение“, Вранишковски објаснуваше за основањето на здружението.
Вранишковски беше уапсен на почетокот од декември минатата година на граничниот премин Меџетлија откако од Грција сакал да влезе во Македонија со српски пасош. Веднаш по апсењето тој бил пренесен во затворот „Идризово“ во Скопје. Вранишковски беше осуден во отсуство на две и пол години затвор од Велешкиот суд за проневера на 250.000 евра црковни пари.
„