/ Прочитано:

3.173

„Време е превезот врз очите на божицата на правдата да не биде само моден детаљ“ – д-р Срѓан Шимац за предизвиците на правото од аспект на медијацијата

Задача на модерните општества е да осигурат механизми за остварување на највисоките нивоа на правда за граѓаните, кои можат да се остварат само ако во постапката активно, преку меѓусебен дијалог и договор, учествуваат странките, смета хрватскиот судија, медијатор и претседател на хрватската комора на медијатори, д-р Срѓан Шимац.

fotografija

Во своите написи, истражувања и анализи за предноста на медијацијата, познатиот хрватски судија вели дека за да се сфати медијацијата, нужно е да се сфати човековата природа и важноста на меѓусебната комуникација. Пресудниот момент за развој на праксата на помирување меѓу странките, односно медијацијата, вели Шимац, е кога самите странки ќе станат свесни дека можат конструктивно да учествуваат во спорот, избегнувајќи го меѓусебниот конфликт во судската арена.

Треба секогаш да се има предвид, нагласува судијата, дека за функционирање на едно демократско општество од исклучително значење е да постои и демократизација на постапките и споровите. Граѓанските судови станаа арени во кои странките се борат со сите дозволени средства.

„Странките станаа набљудувачи во парничната игра и се изгубија во неа. Судската постапка стана неразбирлива и неизвесна, а резултатите од тоа се затрупани судови, бескрајни и неизвесни парници и живот изгубен во правниот лавиринт“, пишува Шимац во своите написи посветени на разрешување конфликти со помош на медијација.

slika

Хрватскиот судија посочува дека правниците не смеат да бидат инертни кон промените и дека треба да бараат поефикасни начини од оние кои традиционално се прифатени за решавање на споровите.

„Потребни се правници од нов ков, со ново сфаќање. Ни правото ни правните институции, а ни правната професија, не можат да ја исполнат својата општествена улога, ниту да го оправдаат своето постоење ако се одвоени од државата и од општеството. Затоа, избегнувањето на конфликтноста, помирувањето и медијацијата имаат капацитет да внесат позитивни промени во општеството. Идејата е на странките да им се дозволи поголем степен на контрола над своите спорови и учество во постапката“, вели Шимац.

Комуникацијата, додава Шимац, е клучот на решението. Не постои конфликт за кој придонела само едната страна. Мит е дека исклучиво само едната страна може да биде  во право. Луѓето попрво сакаат да ја раскажат својата приказна, отколку да го слушнат другиот.

Оттука, вели судијата и медијатор, суштината на медијацијата е да ја слушнете и другата страна и да се обидете да ги разберете нејзините ставови. Да разбереш некого не значи да се согласиш со него, но сепак тоа е основата по потрагата на заедничката вистина, која пак води до остварување на целите на правдата.

адвокат со клиент

„Поради тоа, неопходно е правото да се раководи од премисите за изнаоѓање на решение за конфликтот помеѓу странките во една постапка. Се разбира, тоа воопшто не е лесно бидејќи управувањето со конфликтите е умешност, а умешност е бидејќи денес комуникацијата е занемарена. Вештината на слушање на другиот е сосема заборавена. За успех во животот важни се односите со другите луѓе, а секој конфликт е блокада во комуникацијата. Пораката е да гледаме на конфликтот како можност за унапредување на односите, т.е. на споровите помеѓу странките да гледаме како можност за постигнување на повисоки нивоа на правдата. Затоа, време е превезот врз очите на божицата на правдата да не биде само моден детаљ“, истакнува судијата Шимац.

M.В