/ Прочитано:

1.059

Времениот извештај на ГРЕКО за четвртиот круг на евалуација

ГРЕКО заклучува дека Северна Македонија се справила на задоволителен начин со деветнаесет препораки содржани во Извештајот од четвртиот круг на евалуација. Од преостанатите препораки, осум се делумно спроведени и две воопшто не се спроведени, се вели во времениот извештај на ГРЕКО за четвртиот круг на евалуација.

Во општи црти, се вели во извештајот, направени се забележителни напори од страна на властите со цел да се изменат и дополнат законските рамки од важност за оваа евалуација.

Во одредени аспекти, сепак, напредокот сè уште останува делумен бидејќи  голем број недостатоци треба допрва да се решат и останува да се види постојана практична примена на новите правила.

„За пратениците, изменетиот Кодекс за етичко однесување не пропишува конкретно однесување за разни ситуации на судир на интереси и интеракција со лобисти, а неговите одредби за подароци не се рационализирани. Санкциите за кршење на Кодексот се проширени, но нивното изрекување е надлежност на органот за надзор, а нивната разубедувачка моќ за вршење вакви дела е сомнителна. Исто така, додека новиот Закон за спречување на корупција и судир на интереси (ЗСКСИ) санкционира одредени прекршоци, други се изоставени и не се презентирани доследни и убедливи податоци за конечни исходи од постапки против пратеници или за казните кои се применети во согласност со правилата.

Во однос на судството, едно од достигнувањата се однесува на судиите поротници. Може да се очекува дека проширувањето на Кодексот за етика за судии на судиите поротници и организацијата на серија на конкретни сесии задолжителна обука, ќе ја зајакне нивната непристрасност и интегритет.

Воведувањето на правила и упатства за прифаќање на подароци, гостољубивост и други предности и за судиите и за судиите поротници е уште еден позитивен развој. ГРЕКО е особено загрижен што претходните намери за официјално отстранување на Министерот за правда од Судскиот совет се напуштени. Исто така, и покрај напорите во насока на разјаснување на дисциплинските прекршоци што се применуваат и на судиите и на обвинителите, кои се за поздравување, опсегот на санкции што се применуваат на нив не е проширен за да се обезбеди подобра пропорционалност. Кога станува збор за обвинителите, постоењето на повеќе несоодветни правила за однесување и понатаму останува извор на загриженост.

Што се однесува до системот за пријавување на интереси и имотна состојба, ГРЕКО го поздравува значително зајакнатото регулирање на условите за избор, именување и разрешување на членови на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), коешто е воведено со новиот закон (ЗСКСИ), а кој ќе поседува потенцијал за засилување на независноста и професионалноста на ова тело. На хартија, рационализирана е проверката на интересите и имотната состојба и се покажува поурамнотежен пристап во однос на случаи од целокупниот политички спектар. Сепак, останува да се види дека се спроведува подлабок надзор врз изјавите во пракса во однос на трите професионални групи што се разгледуваат“, се посочува во извештајот.

М.В