Врховен суд: Начелен став за објавувањето на донесените судски одлуки на веб-страниците на судовите
Врховниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 101 од Уставот на Република Северна Македонија, член 37 став 1 алинеја 1 и 3 од Законот за судовите („Службен весник на РМ“ бр. 58/06…198/18 и „Службен весник на РСМ“ бр. 96/19), член 63, 65 и 66 од Деловникот за работа на Врховниот суд на Република Северна Македонија, на Општата седница одржана на ден 21.12.2022 година, го утврди следниот:
НАЧЕЛЕН СТАВ
Судовите, донесените одлуки (пресуди и решенија) кои не се правосилни и кои се однесуваат на предмети од јавен интерес да ги објавуваат на веб страницата на судот.
Образложение
Согласно член 99 став 5 од Законот за судовите („Службен весник на РМ“ 58/2006… 198/2018 и „Службен весник на РСМ“ 96/2019), донесените правосилни одлуки судовите задолжително ги објавуваат на веб страницата на судот во рок од 7 дена од денот на правосилноста, на начин утврден со Закон.
Согласно член 9 став 1 од Закон за управување со движењето на предметите во судовите (“Службен весник на РСМ” бр. 42/2019) овластениот судски службеник на првостепениот суд е должен во рок од седум дена од денот на правосилноста на судската одлука, односно од денот на доставување на одлуката од страна на повисокиот суд, да ја објави на веб-страницата на судот со име и презиме на странките, односно називот на правното лице, при што се анонимизира адресата на живеалиште, односно престојувалиште или седиштето на странките, единствениот матичен број на граѓанинот или единствениот матичен број на субјектот на упис и личните податоци на сведоците и оштетените во постапката.
Согласно член 125 став 3 од Законот за кривичната постапка судовите се должни донесените одлуки во рок од два дена од изготвувањето да ги објавуваат на веб страницата на судот, на начин утврден со закон.
Согласно член 126 став 1 и 2 од истиот закон, сите судски пресуди се јавни и достапни во електронски или печатени примероци, освен во случаите кога јавноста е исклучена согласно со Уставот на Република Македонија, овој закон и меѓународните договори ратификувани согласно со Уставот на Република Македонија. Другите судски одлуки се достапни на увид и препис на секое заинтересирано лице, освен во случаи кога јавноста е исклучена согласно со ставот (1) на овој член.
Поаѓајќи од содржината на наведените одредби од Законот за судовите, Законот за управување со движењето на предметите во судовите, неспорно произлегува дека законска обврска на судовите е донесените правосилни одлуки во определениот рок да ги објавуваат на веб страницата на судот, за разлика од член 126 став 1 и 2 од Закон за кривичната постапка, според кој член сите судски одлуки се јавни и достапни во електронски или печатени примероци достапни на увид и препис на секое заинтересирано лице.
Со оглед на тоа што Законот за кривичната постапка како системски закон кој претставува специјален закон во однос на Законот за судови и Законот за управување со движењето на предметите во судовите, поаѓајќи од правилото „lex specialis derogate lex generalis“, во конкретниот случај, во врска со објавувањето на судските одлуки (пресуди и решенија) на веб страницата на судот, неминовно е сите судски одлуки да се објават на веб страницата на судот.
Jавноста во судските постапки е уставно загарантирано начело согласно членот 102 од Уставот на Република Северна Македонија. Во членот 16 од Уставот се гарантира слободата на јавното информирање.
Според членот 6 на Европската конвенција за заштита на човековите права пресудата се изрекува јавно, а според членот 10 секој човек има право на слобода на изразувањето и ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации.
Во насока на начелото на јавност, праксата на Европскиот суд за човековите права укажува на особената важност од достапноста на пресудата за пошироката јавност и на видливоста на остварувањето на правдата (Sutter v. Switzerland); дека јавната достапност на пресудата треба да се цени во светлина на посебните карактеристики на предметната постапка и во насока на членот 6 од Конвенцијата (P and B v. United Kingdom); и дека кога државните институции и судовите задржуваат информации од висок јавен интерес, одбивањето на пристап до тие податоци за граѓаните или организациите кои бараат пристап до нив, е повреда на правото на слобода на изразување и информирање загарантирани според член 10 од Конвенцијата (Tbrsasbg a Szabadybgjogokirt v. Hungary).
Во оваа смисла, известувањето за одржување на судските расправи, донесувањето на одлуката и дополнителни детали од предметот, националниот суд треба да обезбеди видливост за јавноста, односно таа да биде запознаена со овие информации.
Препораката Rec (2003) 13 на Советот на Европа за обезбедување на информации преку медиумите во врска со кривичната постапка укажува на правото на јавноста да добива информации од општ интерес, како и на потребата на новинарите за пристап до неопходни информации за да можат да известуваат за функционирањето на правосудниот систем.
На новинарите и медиумите кои имаат јавен или правен интерес во определена кривична постапка, судот мора да им обезбеди пристапност до судските одлуки, за со цел истите да можат да се користат за цели на правилно информирање во јавноста, односно сето ова поткрепено со судската практика на ЕСЧП во потенцирање на значењето на приоритетот на јавниот интерес.
Поради горе наведеното, Претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија кој суд е одговорен за единство во примената на законите од страна на судовите и за работата на судовите, согласно член 37 став 1 алинеја 1 и 3 од Законот за судовите, предложи Општата седница на Врховниот суд на Република Северна Македонија да го утврди начелниот став судовите, донесените одлуки (пресуди и решенија) кои не се правосилни и кои се однесуваат на предмети од јавен интерес да ги објавуваат на веб страницата на судот.
Општата седница на Врховниот суд на Република Северна Македонија на седницата одржана на ден 21.12.2022 година, по расправање по предлог начелен став, согласно член 37 став 1 алинеја 1 и 3 од Законот за судовите, го утврди предложениот начелен став.
ВРХОВЕН СУД НА
РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
ОПШТА СЕДНИЦА