Врховниот суд утврди начелно правно мислење за надлежност за трошоци во кривична постапка
Врховниот суд на Република Северна Македонија, на Општата седница co која претседаваше Претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија Беса Адеми, одржана на ден 21.05.2024 година, согласно член 37 став 1 алинеја 1 од Законот за судовите („Службен весник на РМ“ бр.58/06, 35/08, 150/10, 83/18 и 198/18 и „Службен весник на РСМ“ бр.96/19), член 63 став 1 и 2, член 65 став 1 од Деловникот за работа на Врховниот суд на Република Северна Македонија, одлучувајќи по поднесената Иницијатива за утврдување на начелен став и начелно правно мислење поднесена од м-р Оливер Гашев, адвокат од Велес, заведена под Су-03 бр. 177/23, го утврди следното:
НАЧЕЛНО ПРАВНО МИСЛЕЊЕ
Второстепениот суд е надлежен да одлучува по жалба изјавена против првостепена одлука во делот на одлуката за трошоците сторени во текот на кривичната постапка.
Образложение
Согласно член 37 став 1 алинеја 1 од Законот за судовите, од страна на м-р Оливер Гашев, адвокат од Велес, до Општата Седница на Врховниот суд на Република Северна Македонија, беше поднесена Иницијатива за утврдување начелен став и начелно правно мислење во врска co надлежноста за одлучување по жалба изјавена против првостепената одлука во делот на одлуката за трошоците сторени во текот на кривичната постапка. Во Иницијативата за утврдување начелен став и начелно правно мислење поднесена од страна на м-р Оливер Гашев, адвокат од Велес, се поставени две прашања : 1. Кој е надлежен второстепено да одлучува по жалба на пресуда во делот на решението за трошоците на постапката, апелациониот суд или кривичниот совет на основниот суд кој одлучувал во прв степен, а составен согласно член 25 став 5 од Законот за кривичната постапка? и 2. Кој суд е надлежен второстепено да одлучува по жалба на решението за трошоците на постапката донесено од првостепен суд, апелациониот суд или кривичниот совет на основниот суд, кој одлучувал во прв степен, а составен согласно член 25 став 5 од Законот за кривичната постапка?
Имено, co иницијативата се укажува на постоење на различна судска практика, по однос на тоа кој е надлежен да одлучува по жалба на пресуда во делот на решението за трошоците на постапката и по жалба на решение за трошоци на постапката, за што се приложени и конкретни судски одлуки. Па така, по жалба изјавена против првостепена пресуда на Основниот суд Кавадарци, само во делот на одлуката за трошоците на постапката, одлучувал Апелациониот суд Скопје, а во друг кривичен предмет на истиот основен суд одлучувал Кривичниот совет на Основниот суд Кавадарци. Исто така, по жалба на решение за трошоците на постапката донесено од Основниот суд Кавадарци, одлучувал Кривичниот совет на Основниот суд Кавадарци, додека пак по жалба на решение за трошоци на постапката донесено од Основниот суд Велес, одлучувал Апелациониот суд Скопје.
Согласно членот 37 став 1 алинеја 1 од Законот за судовите, Врховниот суд на Република Северна Македонија утврдува начелни ставови и начелни правни мислења по прашања од значење за обезбедување на единството во примената на законите од страна на судовите во рок од три месеци, но не подолго од шест месеци по сопствена иницијатива или по иницијатива на претседател на суд или по иницијатива на седниците на судиите или судските оддели од судовите или по иницијатива на адвокати и ги објавува на веб страницата на Врховниот суд на Република Македонија.
Имајќи го предвид горенаведеното, а притоа раководејќи се од горецитираната одредба од член 37 став 1 алинеја 1 од Законот за судовите, Општата седница на Врховниот суд на Република Северна Македонија оцени дека постои невоедначена примена на законот, од следните причини:
Согласно член 25 став 5 од Законот за кривичната постапка, првостепените судови, во совет составен од тројца судии, одлучуваат за жалби против одлуките на судијата на претходна постапка и против други решенија кога тоа е определено co овој закон, донесуваат одлуки во прв степен надвор од главната расправа, донесуваат пресуда според одредбите за извршување на странска кривична пресуда утврдени co посебен закон и ставаат предлози во случаите предвидени во овој или во друг закон.
Согласно член 103 од Законот за кривичната постапка, во секоја пресуда и решение co кое се запира кривичната постапка ќе се одлучи кој ќе ги поднесува трошоците на постапката и колку изнесуваат тие.
Согласно член 104 од ЗКП обвинетиот, оштетениот, приватниот тужител, бранителот, законскиот застапник, полномошникот, сведокот, вештакот, преведувачот, толкувачот и стручното лице, без оглед на исходот на кривичната постапка, ги поднесуваат трошоците за нивното доведување, за одложувањето на главната расправа и другите трошоци на постапката што ги причиниле по сопствена вина.
За трошоците од ставот (1) на овој член се донесува посебно решение, освен ако за трошоците што ги поднесува приватниот тужител и обвинетиот се решава во одлуката за главната работа.
По жалбата против решението од ставот (2) на овој член одлучува советот од членот 25 став (5) на овој закон.
Имајќи ги предвид погорецитираните одредби од Законот за кривичната постапка, произлегува дека советот од членот 25 став (5) на Законот за кривичната постапка е надлежен да одлучува по жалба против решението за трошоците настанати по сопствена вина, доколку за истите не е одлучено co одлуката за главната работа. Ова е единствен случај кога се носи посебно решение за трошоците. Во останатите случаи, донесената пресуда, независно од тоа дали е осудителна, ослободителна или одбивателна пресуда или решение за запирање на кривичната постапка, задолжително содржи одлука за трошоците на кривичната постапка.
Оттука, co оглед дека Апелациониот суд е надлежен да одлучува по жалбите против одлуките на основните судови, во смисла на членот 33 од Законот за судовите, произлегува дека по жалба изјавена против првостепена одлука во делот на одлуката за трошоците сторени во текот на кривичната постапка, надлежен да одлучува е второстепениот суд.
Имајќи го предвид горенаведеното, Општата седница на Врховниот суд на Република Северна Македонија, заради обезбедување единството во примената на законите од страна на судовите и работата на судовите, го утврди начелното правно мислење според кое второстепениот суд е надлежен да одлучува по жалба изјавена против првостепена одлука во делот на одлуката за трошоците сторени во текот на кривичната постапка.
ОПШТА СЕДНИЦА НА ВРХОВНИОТ СУД
НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА