/ Прочитано:

1.879

Врховниот суд во годишниот извештај бара поажурно доставување на списите за предметите и конзистентност со практиката на Стразбур

Врховниот суд на Република Македонија во 2016 година постапувал по вкупно 4.318 предмети од сите видови во согласност со надлежноста на Судот, се вели во извештајот на Врховниот суд за 2016 година. Останати нерешени предмети од претходната година биле 1.798, а новопримени  биле  2.520  од кои во текот на годината биле решени 2.374 предмети, а останале нерешени 1.944 предмети. Приливот не е совладан за 146 предмети.

„За ваквата состојба значително придонесе намалениот судиски состав во подолг временски период. Во текот на извештајната година се вложени напори за обезбедување ефикасно постапување и организациски мерки со распоредот за работа со кој судиите учествувале во повеќе совети и материи. Сепак, Судот не го совлада приливот за 61 предмет“, велат од Врховниот суд.

Во Одделот за казниви дела во текот на извештајната 2016 година, новопримени биле 625 предмети, односно вкупно во работа по сите основи биле  966 предмети, од кои се решени 590 предмети, а на крајот на годината останале нерешени 376 предмети по сите основи. Приливот не е совладан за 35 предмети.

„Бројот на нерешените предмети се должи на низа објективни фактори, меѓу  кои и зголемениот број на предметите, особено во областа на организираниот  криминал и тоа сложени, обемни предмети, со голем број осудени лица, кои бараат значителни напори, како и подолг временски период за нивно ефикасно совладување“, велат од Судот.

Причините во врска со природата и карактерот на предметите кои влијаат  врз временскиот период за нивно одлучување, додаваат од Врховниот суд, се рефлектираат и врз времетраењето на постапката за добивање мислење од Јавното обвинителство на Република Македонија. Врз вкупниот број нерешени предмети, секако има влијание и фактот што дел од нив во Судот се примени на крајот од извештајната година, поради што и не можеле да бидат земени во работа, од причина што биле дадени на мислење  во Јавното обвинителство на Република Македонија.

„Врховниот суд на Република Македонија подолг период се соочува со недостиг на соодветен број судии, како и недостиг на стручни соработници. За да се обезбедат услови за непречено и ефикасно работење на Врховниот суд на Република Македонија, неопходно е благовремено и соодветно  пополнување на судскиот состав“, истакнуваат од Судот.

Овие објективни околности, велат од Врховниот суд, претставуваат оправдани и релевантни причини кои директно влијаат врз нарушување на принципот на ажурност.

„Меѓутоа, и покрај вака поставените, односно намалени човечки ресурси, со добра организација во однос на распоредот за работа и активна соработка на сите чинители во процесот, Одделот за казниви дела квалитетно ја заврши извештајната година. Судиите и судските советници од Одделот во текот на извештајната 2016 година имаа одлична соработка со раководителот на дактилобирото и со сите дактилографи кои стрпливо, стручно, навремено и технички уредно ги изработуваат сите видови одлуки и други материјали што беа изготвени од  судиите и советниците“, посочуваат од Врховниот суд.

Во Одделот за граѓански дела, во извештајниот период, споредбено со  претходната година, приливот на предмети е намален за 181 предмети. Во споредба со 2015 година поради нецелосна судиска екипираност,  решени се 159 предмети помалку, но и покрај тоа приливот е совладан во целост, а заостатокот намален за 11 предмети.

„Постигнатите резултати се должат на зголемената заложба да се решат што  поголем број предмети и покрај тоа што во Одделот за граѓански дела бројот  на судиите беше намален во однос на претходната 2015 година, одделни судии и  виши судски соработници постапуваа по предмети и од друга материја, а еден од  судиите во овој оддел подолг период е отсутен поради боледување“, велат од Врховниот суд.

Во одделот за судење во разумен рок причина за пречекорување на рокот од  6 месеци како законска рамка за решавање на овој вид предмети пред  Врховниот суд на Република Македонија е главно недоставувањето списи на  предметите на кои се однесува барањето.

„Ова е особено случај со предметите од управна материја, каде што списите на предметот на кој се однесува барањето за заштита на правото на судење во разумен рок се наоѓаат кај органот кој постапува. Оттука, произлегува големиот број незавршени предмети во првостепениот совет и покрај повеќе испратени ургенции за достава на списи по доставено барање до Судот кој постапувал по конкретниот предмет на кој се однесува барањето за заштита на правото на судење во разумен рок и во тие рамки  задоцнето произнесување на судиите кои постапуваат по предметите, за редоследот на преземените процесни дејствија“, истакнуваат од Врховниот суд.

Во овој контекст, додаваат од Судот, недостасува правно средство со кое Врховниот суд на Република Македонија ќе се наметнува пред пониските судови за побрзо  доставување на списите на предметите, особено во случаите кога барањето за  заштита на правото на судење во разумен рок се однесува на активен предмет, односно предмет во тек, каде што важи правило да се создадат услови постапката по  предметот да продолжи во фазата во која се наоѓа и да не се чека одлучувањето по барањето за заштита на правото на судење во разумен рок.

„Неможноста во сите случаи да се почитува рокот од 6 месеци за  решавање по барањето за заштита на правото на судење во разумен рок се воочува во секоја од досегашните извештајни периоди и била предмет на разгледување и пред седниците на Одделот, каде што се донесени соодветни заклучоци, кои сами по себе не можат да дадат резултат, ако системски не се пристапи и кон преиспитување на процесните правила за решавање по овој вид предмети, како и објективноста на поставената законска рамка, која не кореспондира со судската практика на Европскиот суд за човекови права“, велат од Врховниот суд.

Имено, образложуваат од Врховниот суд, законската рамка од 6 (шест) месеци  и несоздавањето процесни услови да се забрза постапката, односно да се воведат механизми за  решавање на предметите во тој рок и во двата степена на одлучување пред Врховниот суд на Република Македонија, само по себе значи давање можност странките – барателите да се жалат и на долгото постапување на Врховниот суд на Република Македонија, па дури и да се доведе во прашање и ефикасноста на правното средство.

Неможноста Врховниот суд на Република Македонија во сите случаи да го испочитува рокот – рамката од 6 (шест) месеци за завршување на постапките по барањето за заштита на правото на судење во разумен рок, значат и обврска за преиспитување на законскиот рок во контекст на конзистентност на постапката пред Врховниот суд на Република Македонија и Европскиот суд за човекови права и практиката на тој суд.

Од Врховниот суд повторно ја потенцираат обврската за претседателите на судовите, да се заложат за доставување на списите на предметите по кои се врши оценка на постапувањето во разумен рок, сè со цел овој суд да може да ги запази роковите за судење во разумен рок, имајќи предвид дека последиците од ненавременото  постапување по задолжението за доставување на списите по предметите кои се потребни за постапување по барањата за судење во разумен рок, се одразуваат врз вкупното постапување по овие предмети пред Врховниот суд на Република Македонија, а со тоа и на оценката за ефикасноста на правното средство.

„Од значење за следење на ефикасноста на правното средство е да се инсистира преку претседателите на судовите навремено да се даваат податоци за почитувањето на роковите дадени од овој суд за завршување на предметите кои се во тек, во процесната фаза на одлучување на која се однесува барањето за заштита на правото на судење во разумен рок. Ова е од причина што и податоците од овој вид се од значење за одржување на ефикасноста на правното средство“, посочуваат од Судот.

Со оглед на улогата и значењето на судската администрација во Врховниот суд на Република Македонија, како највисок суд во Републиката, во процесот на обезбедување ефикасно постапување на Судот, се бара да се вложат  напори за подобрување на статусот на судските службеници со подобрување на законските решенија преку обезбедување на можности за напредување и наградување.

Исто така, потребно е да се продолжи со активноста за добивање на документ за  предавање на зградата на користење на Врховниот суд на Република Македонија од страна на Министерството за правда, бидејќи тоа претставува пречка за решавање на проблемот со фасадата на Врховниот суд на Република Македонија, што ја загрозува безбедноста на вработените и странките, а за што во континуитет се известуваат надлежните институции.

M.В