Врховниот суд за прописите укинати од Уставниот суд: Судска одлука не може да се заснова на пропис кој не постои во правниот поредок
Врховниот суд донесе и објави правно мислење за временската важност на закон/пропис/општ акт кој е укинат со одлука на Уставниот суд. Правното мислење го пренесуваме изворно и во целост:
Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Северна Македонија согласно член 91 став 3 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006…96/19), и член 41 и член 46 став 2 од Деловникот за работа на Врховниот суд на Република Македонија, расправајќи по прашањето дали судска одлука може да се заснова на пропис кој не постои во правниот поредок на Република Северна Македонија во моментот на одлучувањето (а била важечка во моментот на поведување на судската постапка), односно дали истата би била ништовна доколку би била донесена, на седницата одржана на ден 07.10.2019 година, го усвои следното:
П Р А В Н О М И С Л Е Њ Е
Судска одлука не може да се заснова на пропис кој не постои во правниот поредок на Република Северна Македонија во моментот на одлучувањето (а била важечка во моментот на поведувањето на судската постапка), односно истата не би можела да се изврши доколку би била донесена, а ако извршувањето е започнато ќе се запре.
О б р а з л о ж е н и е
Одделот за судска практика при Врховниот суд на Република Северна Македонија донесе заклучок Одделот за граѓански дела да расправа по правното прашање – дали судска одлука може да се заснова на пропис кој не постои во правниот поредок на Република Северна Македонија во моментот на одлучувањето (а била важечка во моментот на поведување на судската постапка), односно дали истата би била ништовна доколку би била донесена, а сето тоа со цел за воедначување на судската практика и единствена примена на законите.
Во конкретниот случај станува збор за тужби кои ги поднесува Топлификација АД против исклучени корисници на топлинска енергија, а од кои бара надомест согласно Условите за снабдување со топлинска енергија на подрачјето на град Скопје ( член 52 став 3 ) согласно Тарифниот систем.
Имено, станува збор за тужби кои се поднесени во момент кога се уште бил во важност член 52 став 3 од понапред спомнатите Услови, а судските одлуки се донесени по укинувањето на член 52 став 3 од Условите.
Член 52 став 3 од Условите за снабдување со топлинска енергија на подрачјето на град Скопје е укинат со одлука на Уставниот суд на РМ од 4.2.2009 година.
Согласно член 112 од Уставот на РМ, Уставниот суд ќе укине или поништи закон ако утврди дека не е во согласност со Уставот. Уставниот суд ќе укине или поништи друг пропис или општ акт, колективен договор, статут или програма на политичка партија или здружение, ако утврди дека тие не се во согласност со Уставот или со закон. Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.
Согласно член 79 од Деловникот на Уставниот суд, одлуките на Уставниот суд на РМ со која се укинува или поништува закон, пропис или друг општ акт произведува правно дејство од денот на објавувањето во Службен весник на РМ.
Согласно член 80 од истиот Деловник, извршувањето на правосилните поединечни акти донесени врз основа на закон, пропис или друг општ акт што со одлука на Судот е укината не може да се дозволи, ниту да се спроведе, а ако извршувањето е започнато, ќе се запре.
Согласно член 81 став 3, извршувањето на правосилни поединечни акти донесени врз основа на закон, пропис или друг општ акт што со одлука на Уставниот суд е поништен, не може да се дозволи, ниту да се спроведе, а ако извршувањето е започнато, ќе се запре.
Во членовите 79, 80 и 81 од Деловникот на Уставниот суд, се дадени правните дејствија на одлуките на Уставниот суд, со тоа што укинувањето има дејство од моментот на носење на укинувачка одлука, што значи дека одлуката имала дејство од моментот на нејзиното укинување, а поништувањето има дејство како таа одредба, односно закон, пропис или друг општ акт воопшто и да не постоел.
Во конкретниот случај, се поставува прашањето на временската примена на општите правни акти. Имено, од понапред наведените одредби произлегува дека одлуките на Уставниот суд со кој се укинува закон или друг општ правен акт се конечни и обврзувачки за сите, па со укинувањето на одреден акт, истиот практично престанува да важи и не е веќе дел од правниот поредок, а со тоа и не може да преставува основ за донесување на поединечни акти во иднина, ниту пак извршување на поединечни акти донесени врз негова основа, доколку извршувањето веќе не е завршено.
ВРХОВЕН СУД НА
РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
ОДДЕЛ ЗА ГРАЃАНСКИ ДЕЛА
Правно мислење на Врховниот суд за трошоците за објавување пресуда
КАСНУВАЊЕ ОД КУЧЕ СКИТНИК: Врховниот суд со правно мислење за надоместокот на штета
ВРХОВНИОТ СУД: Правно мислење за надоместокот за експроприрана недвижност
Сентенци на Врховниот суд по правен основ имотни односи и парнична постапка
Сентенци на Врховниот суд по правен основ парнична постапка
Сентенца на Врховниот суд за судир на надлежност на основни судови
Сентенци на Врховниот суд во врска со парничната постапка, облигационите и работните односи
„Продолжување на важност на договор за вработување на определено време“ – сентенца на Врховниот суд
СЕНТЕНЦИ НА ВРХОВНИОТ СУД: „Дозволеност на ревизија“ и „Неовластено соопштување на деловна тајна“
СЕНТЕНЦИ НА ВРХОВНИОТ СУД: „Пасивна легитимација на РМ“ и „Сопственик на возило“
СЕНТЕНЦИ НА ВИШИОТ УПРАВЕН СУД
ЗАКЛУЧОК НА ВРХОВНИОТ СУД: Надлежност за донесување на одлуката за враќање на одземените предмети
Сентенци од специјализираните судски оддели на Вишиот управен суд
СЕНТЕНЦИ НА ВРХОВНИОТ СУД: Казнено право, кривична постапка и повреда на ЗКП
М.В