Втор ден од Меѓународната конференција за управување со правни ризици: правни трендови
Започна вториот ден од Меѓународната конференција за управување со правни ризици во организација на Академик. На најголемиот правен настан во регионот, кој се организира по четврти пат и во присуство на огромен број учесници од земјата и од странство, и денес ќе се говори за правните ризици како иновативна и креативна тема која воедно претставува и инспиративен предизвик за правната заедница и за бизнис-заедницата.
Пред бројните учесници од земјата и од странство, за правните ризици како тренд кој ќе ја одбележи претстојната декада, во текот на вчерашниот прв ден на Конференцијата свои излагања имаа реномираниот македонски адвокат Георги Димитров, угледниот проф. д-р Кирил Чавдар, хрватскиот инвеститор и претприемач Ненад Бакиќ, потоа Карл Остринг, главен правен застапник и инвестициски менаџер во „АБ Тракшн“, консултантот Џереми Хопкинс од британската „Клеркингвел консалтинг“ и познатата словенечка адвокатка д-р Маја Менард.
Управувањето со правните ризици е тренд во правото, но тоа има и огромна улога во светот на економијата и на инвестициите. Како што нагласија предавачите на првиот ден од Конференцијата, управувањето со правните ризици не само што е правен тренд, туку тоа е и иднината на правото и на корпоративната деловна филозофија и на корпоративното управување. За континуирано следење на тематиката на правните ризици, неопходна е едукација од поширокиот општествен контекст затоа што правото не е изолирана професија.
„Правните консултанти во компаниите се фактор за успешното деловно-правно работење на компаниите, па денес во бизнис-секторот е тренд да се вработуваат повеќе правници затоа што тоа говори многу за угледот и за сериозниот пристап на компанијата“, беше истакнато на првиот ден од најголемиот регионален правен настан.
На денешниот втор ден од Конференцијата, ќе говорат предавачите Михаела Алберг, „Телиасонера“ – Стокхолм, Шведска; Маријана Винтијадис, управувачки директор во „Крол“ – Милано, Италија; Филип Пенсол, управувачки партнер на париската канцеларија на Адвокатското друштво „Квин Емануел“, Париз, Франција; академик д-р Жан Митрев, Специјална болница „Филип Втори“ и Константинос Корнилакис, од „Кументакис и адвокати“ – Солун, Грција.