/ Прочитано:

3.400

Втора научна трибина посветена на употребата на канабисот во медицински цели во Република Македонија

Здружението за канабис и зелени политики „БИЛКА“ ја организира втората научна трибина „Употреба на канабис во медицински цели во Република Македонија“. За разлика од првата трибина, посочуваат од Здружението, оваа трибина е од медицински карактер и на неа во својство на предавачи ќе земат учество: проф. д-р Арбен Таравари, специјалист невролог и виш научен соработник при Клиниката за неврологија, доц. д-р Аспазија Софијанова, специјалист педијатар и професор при Медицински факултет, д-р спец. Нико Беќаровски, специјалист токсиколог и виш научен соработник при Клиниката за токсикологија, д-р Дарко Костовски, специјалист психијатар при ГОБ 8-ми Септември, ас. д-р Филип Гучев, специјалист ревматолог, и д-р Игор Стојковски, специјалист онколог.

Трибината ќе се одржи на 7.3.2018 година, во „Кино Култура“, од 13:00 до 15:30 часот. Модератор на научната расправа ќе биде Ивана Драгшиќ, долгогодишен активист за легализација на канабис, а воведен говор ќе одржи коосновачот на Здружението и реномиран новинар Огнен Jанески.

Кон крајот на минатата година во салата на Наставно-научниот совет при Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје,  во организација на Здружението за канабис и зелени политики „БИЛКА“ – Скопје и Здружението на млади кривичари се одржа научна расправа на тема „Легализација на канабисот, да или не?“.

Пред бројната публика на стручната расправа свое излагање имаа адвокати, судии, професори и обвинители, кои говорејќи за легализацијата на канабисот од правен аспект, заклучија дека за прашањето за легализација на канабисот мора да се следат современите трендови и, во таа насока, да се отвори сериозна јавна дебата за усогласување на законодавството со либералните концепти за легализацијата на канабисот.

М.В