/ Прочитано:

3.817

ВТОРА ОБУКА ОД ПРВИОТ ЦИКЛУС ОБУКИ „ПИШУВАЊЕ НА ПРАВНИ ПОДНЕСОЦИ“: Подготовка и видови жалби

Денеска во најсовремениот едукативен и тренинг центар на Академик се одржа втората обука од првиот циклус обуки насловен „Пишување на правни поднесоци“.

На денешната втора обука од првиот циклус обуки насловен „Пишување на правни поднесоци“ се говореше за подготовка и видови жалби. Воедно на обуката беше реализирана и практична вежба за пишување на жалба.

Предавач на денешната обука беше судијата Антоанета Димовска  од Основниот суд Скопје 2. Судијката Димовска вели дека прашањето за подготовката на жалби е многу важно од практично-правен аспект и од тие причини, студентите по право како идни практичари мора добро да се подготвени за жалбената постапка.

„Како идни правни практичари мора да сте подготвени одлично за подготовката на жалбата бидејќи ова прашање подразбира добра запознаеност со процесните закони и процесното право, но и добра запознаеност со конкретниот случај“, истакна судијката Димовска.

Во Законот за парничната постапка е пропишано дека против пресуда донесена во прв степен странките можат да изјават жалба во рок од 15 дена од денот на доставувањето на преписот на пресудата, ако во овој закон не е определен друг рок.  За жалбата против пресудата одлучува второстепениот суд.

Покрај податоците што мора да ги содржи секој поднесок, судијката Димовска истакна дека  жалбата треба да содржи и означување на пресудата против која се изјавува жалба, изјава дека се побива пресудата во целост или во определен дел,  причина за жалбата и
потпис на подносителот на жалбата.

Во врска со причините поради кои може да се побива пресуда, судијката посочи дека пресудата може да се побива поради суштествена повреда на одредбите на парничната постапка,  поради погрешно или нецелосно утврдена фактичка состојба и  поради погрешна примена на материјалното право.

Покрај појаснувањата за законските и формално-правните аспекти на жалбата, на денешната обука студентите имаа и практична вежба за хипотетички случај. Она што е важно за практичната едукација, вели судијката Димовска, е токму работењето на вакви случаи кои им даваат солидна основа на студентите од практична гледна точка.

Студентите по право кои беа денешни учесници на обуката истакнуваат дека на денешната обука се дал одличен осврт на прашањето за подготовката на жалбата. Исто така, мошне креативно беше замислена и  практичната вежба за подготовката и пишувањето жалба.

 

„Овие обуки се навистина одлични. Предавачот, односно судијката Антоанета Димовска предава многу детално и не се осврнува само на формата на тоа што конкретно го работиме, туку огромно внимание посветува на содржината,  што е потребна за понатаму.  Би сакале да напоменеме дека онаа празнина што ја имаме во образованието тука целосно се надополнува. Тоа е многу добро, бидејќи придонесува за развој на свеста кај додипломците практично да го применуваат она што веќе го учат како теорија.

Одлична атмосфера. Добивме материјали што ни се потребни при обуката, достапна ни е платформата од каде што можеме да ги користиме сите потребни податоци за да напишеме правни поднесоци и жалби. Она што е многу битно е што на ваквите обуки има евалуација на она што сме го подготвиле. Знаењето што го добиваме на факултетот тука на прекрасен начин го надградуваме со практични вештини кои ни се потребни. Иако веќе дел од нас се и на магистерски студии,сето  ова го имаме видено само како теорија“, велат студентите по право.