Втората верзија на измените на Законот за спречување на корупција на увид на јавноста
Министерството за правда известува дека денеска на ЕНЕР е објавена втората верзија на измени на Законот за спречување на корупција, со очекување на предлози и коментари за подобрување на текстот.
„Имајќи предвид дека важечкиот Закон за спречување на корупција е донесен во 2002 година и менуван седум пати, согледано е дека измените кои се предложени ќе надминат 1/3 од законскиот текст, што од законодавно-правен аспект бара донесување на измените како нов законски текст.
Од тие причини, велат од Министерството за правда, на целосен увид на јавноста ставаме законски текст кој ги обединува Законот за спречување на корупција и Законот за спречување на судир на интереси, кој содржи клучни измени и дополнувања на следните прашања:
1) Се воведуваат транспарентни постапки за избор на ДКСК со учество на невладиниот сектор и медиуми. Во таа насока предложени се две алтернативни постапки.
2) Се менуваат критериумите за избор на претседател и членови на ДКСК заради деполитизација на нивната функција.
3) Се зајакнуваат надлежностите на ДКСК и се зголемува нејзиното финансирање.
4) Се гарантира пристапот на ДКСК до бараните податоци за службени лица и политички партии со цел утврдување на имотната состојба и злоупотреба за финансирање на кампања и партии.
5) Се воведува обврска сите државни органи да одговараат на барањата за информации од ДКСК.
6) Се воведуваат прецизни рокови за постапување на ДКСК по приговори за финансирање на изборни кампањи за злоупотреба на буџетски средства по теркот на распишување на избори.
7) Се даваат надлежности за увид во договори за јавни набавки во случај на сомневање за корупција, со што се проширува временскиот опфат и надвор од изборен период.
8) Се воведува обврска за јавно објавување на анкетниот лист во период од 2 години по престанокот на функцијата и пријавување на промени во имотната состојба во тој период.
Во текстот се имплементирани препораките на ГРЕКО кои се однесуваат на измени на законска регулатива, препораките на Европската комисија, на Прибе, како и други препораки од експерти.
Министерството за правда ги повикува експертите, политичките партии и граѓанските организации да ги достават своите предлози за подобрување на текстот.
Клучните новини во предложените измени на Законот за спречување на корупцијата
M.В