/ Прочитано:

1.132

Второ читање на измените на законите за нотаријатот и извршувањето

На дневен ред на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците се Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за нотаријатот и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за извршување, кои се во фаза на второ читање.

Двата предлог-закони во фазата на прво читање кон крајот на месец октомври беа на дневен ред на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

Собранието на РМ го објави извештајот од оваа седница, кој го пренесуваме во целост:

„Членот на Комисијата Соња Мираковска во својата дискусија посочи дека со предложените законски измени се прават суштински промени и значителни подобрувања во текстот на законот.

Пратеникот Мираковска посочи дека со измените во членот 18 предлог на законот се уредува нова постапка за поднесување на нотарски платен налог за комунални услуги што е во согласност со потребите на граѓаните. Со менувањето на постапката за именување на нотари се отстрануваат ситуациите каде што во одредени градови неможат да се именуваат нотари. Пратеникот Соња Мираковска предложи за ова законско решение да се организира јавна расправа а ја истакна и потребата преку амандмани да се подобри текстот на законското решение.

Пратеникот Лидија Тасевска посочи дека со предложеното законско решение се надминуваат детектираните непрецизности во постоечкото законско решение, а ќе се допрецизираат законските одредби кои поради нивната недореченост во пракса оставаа простор за различно толкување. Пратеникот Тасевска се осврна на делови од законот кој што се однесуваат на можноста секоја станка има право на слободен избор на нотар со што се отстранува можноста за создавање на нелојална конкуренција, како и воведувањето на дисципинската одговорност на заменик-нотарот со што се штитат интересите на граѓаните.

Пратеникот Анета Симеска Димовска ја поддржа иницијативата за одржување на јавна расправа по предлог на законот. Таа во својата дискусија ја истакна потребата од нотарски услуги и во местата каде што не се исполнети законските услови за именување на нотар.  Во овие места законот предвидува Нотарската комора да  обезбеди присуство на нотар од редот на нотарите каде што територијано припаѓа општината. Пратеникот Симеска Димовска истакна дека ова законско решение не функционира бидејќи не е во согласност со потребите на граѓаните, кои за да заверат некоја исправа се принудени да патуваат до местата каде што има нотар а со тоа да се изложуваат на дополнителни трошоци.

Во врска со Предлог-законот за извшување членот на Комисијата Панчо Минов истакна дека ја поддржува потребата од донесување на предложениот закон, при што истовремено укажа дека дел од решенијата содржани во предложените измени биле дел од Предлог законот кој го предложил пред една година, но истиот не бил донесен.

Во оваа смисла истакна дека е добро решението со кое се предвидува намалување на трошоците за извршување, добро е тоа што висината на надоместокот за извршување, како и наградата ќе зависи од висината на побарувањето на доверителот, како и намалувањето на надоместокот за извршување кога доверител е правно лице, а должник физичко лице, за услуги кои произлегуваат од комунални дејности, телефонија, мобилни и кабловски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште, при што укажа дека покрај комуналните услуги и  други услуги од јавен интерес треба да бидат опфатени со одредбата со која е предвидено вкупниот износ на надоместокот и наградата да не може да надминат 20% од главниот долг определен во извршната исправа. Покрај ова укажа дека во постапката за присилно извршување многу е значајна доставата, бидејќи поради несоодветна достава многу граѓани не си ги плаќаат долговите, при што укажа дека истите треба да се опоменат.

Заменик Членот на Комисијата Катерина Кузмановска истакна дека го поддржува предложениот закон, со оглед на тоа што големо е незадоволството кај граѓаните поради големите трошоци за извршување. Исто така укажа дека со Законот за извршување донесен во април 2016 година биле воведени повеќе новини кои сериозно го нарушиле концептот на извршувањето, при што истакна дека со предложените измени ќе се надминат проблемите со висината на трошоците за извршување во целина, извршувањето врз недвижности, задолжителната вонсудска наплата, ретроактивната примена на законот, драстичната нерамномерна распределба на предметите на големите доверители концентрирани кај неколкумина извршители, екстремно сложената процедура за именување на извршители и назначување на заменици извршители, неквалитетната и неефективната постапка за полагање на електронските испити и друго. На крајот од својата дискусија истакна дека е добро решението со кое се предвидува вкупниот износ на надоместоците и наградата за извршување кога доверителот е правно лице, а должникот физичко лице, за извршување на нотарски платен налог за услуги кои произлегуваат од комунални дејности, телефонија, мобилни и кабловски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште да не може да надминат 20% од главниот долг определен во извршната исправа.

Заменик Членот на Комисијата Ане Лашкоска истакна дека со предложениот закон е предвидено вкупниот износ на надоместоците и наградата за извршување кога доверител е правно лице, а должник физичко лице, за извршување на нотарски платен налог за услуги кои произлегуваат од комунални дејности, телефонија, мобилни и кабловски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште да не може да надминат 20% од главниот долг определен во извршната исправа, при што упати прашање до претставникот на Владата колку, односно за колкав процент ќе се намалат трошоците за извршување? Исторемено упати прашање дали имало забелешки од правни лица во однос на предложениот закон и колку од нив се вградени во истиот?

Заменик Членот на Комисијата Снежана Калеска-Ванчева поддржувајки го предложениот закон истакна дека е неопходна потребата од измени на постојниот закон, при што укажа дека треба да се направи сериозна анализа, со цел да се добие законско решение кое ќе биде добро за должниците, но и за извршителите, затоа што истите треба да функционираат во рамките на правниот систем, а Законот за извршување не може да биде социјален закон.

Членот на Комисијата Соња Мираковска поддржувајќи го предложениот закон истакна дека е добро решението со кое се намалуваат надоместоците за извршување, како и наградата на извршителите, со оглед на тоа што со постојното законско решение се утврдени превисоки тарифи кои се огромен терет за граѓаните, но мора да се направи сериозна анализа дали извршителите ќе можат да опстанат. Во оваа смисла укажа дека е неопходно да се направи баланс, односно со намалувањето на надоместоците да им се извезе во пресрет на граѓаните, а истовремено да се овозможи фунционирање на извршителите. Имено, за таа цел неопходно е да се организира јавна расправа.“

Измените на законите за нотаријатот и за извршувањето пред  Комисијата за политички систем

Објаснување на измените на Законот за нотаријатот, кои се во собраниска процедура

Измените на Законот за нотаријатот и на Законот за извршување пред пратениците

Симулација за намалувањето на трошоците на граѓаните во постапките пред извршителите и нотарите

Владата ги прифати законските измени за намалување на трошоците за нотарите и за извршителите

АКРМ СО БАРАЊЕ ДО ВЛАДАТА И ДО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ПРАВДА:  Активно да бидеме вклучени во подготовката на измените на законите за нотаријатот и за извршување

За измените на Законот за нотаријатот ќе се слушнат аргументите и на нотарите и на адвокатите, вели министерката за правда

М.В