/ Прочитано:

982

За 7.993 обвиненија донесени се осудителни пресуди во 90% од случаите, се нотира во извештајот на Јавното обвинителство

Годишниот извештај на Јавното обвнителство за 2017 година е доставен во Собранието на Република Македонија. Споредувајќи ги статистичките податоци за предметното работење на Јавното обвинителство на Република Македонија, вишите јавни обвинителства, основните јавни обвинителства и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, може да се заклучи дека во извештајната 2017 година во повеќето предмети постапувано е ажурно и стручно, се вели во извештајот.

Во изминатата година е постапено против вкупно 28.753 лица, што во споредба со претходната 2016 година, кога имало 29.093 лица, претставува разлика од 340 лица или 1,16% помалку.

Бројот на новоподнесени кривични пријави против 17.402 лица полнолетни лица во текот на 2017 година во однос на претходната 2016 година, кога имало вкупно 18.796 пријавени лица, значи дека во извештајниот период има намалување за 1.392 лица или 7,4%.

Во однос на кривичните дела сторени од деца, во текот на 2017 година има 1.074 пријавени деца, што во однос на претходната 2016 година, кога имало вкупно 1.186 деца, претставува намалување за 112 или 9,4%.

Спрема непознати сторители во извештајниот период има пријавени вкупно 10.277 лица, додека пак во претходната 2016 година имало 9.111 лица, што подразбира зголемување за 1.166 лица или за 12,7%.

Во текот на извештајната 2017 година основните јавни обвинителства решиле пријави против 16.698 лица или 56%, а останале во работа кривични пријави против 12.939 или 44%, по кои се  преземаат дејствија за прибавување на податоци во врска со кривичната пријава.

Донесувањето на пресуда врз основа на спогодба на јавниот обвинител и осомничениот во извештајната 2017 година применето е во 327 случаи, така што  се забележува намалување за 131 склучена спогодба во однос на 2016 година, кога  имало 458 вакви спогодби.

„Податоците од извештајот говорат дека јавните обвинителства, и покрај проблемите со кои се соочуваа во текот на 2017 година, успеаја да го задржат совладувањето на приливот на кривичните пријави. Па така и во оваа извештајна година се решени 56% од вкупниот број на пријави. Од вкупниот процент на пријави кои во текот на 2017 година останале во работа кај јавните обвинители и другите државни органи 44%, најголем број на предмети се евидентирани на подрачјето на Вишото јавно обвинителство Гостивар и Вишото јавно обвинителство Скопје“, се вели во извештајот.

Во поглед на овие кривични пријави, додаваат од Обвинителството, нужно е да се истакне дека исто така во најголем број случаи се работи за пријави поднесени од оштетени физички и правни лица, непоткрепени и без доволно основи на сомненија за да се поведе постапка пред суд, што пак директно влијае за примена на институтот собирање потребни известувања, било непосредно од јавни обвинители било преку Министерството за внатрешни работи и други органи.

Квалитетот на работењето на јавното обвинителство се согледува и во поглед на јавнообвинителските одлуки, при што од 7.993 обвиненија донесени се осудителни пресуди од страна на судовите во вкупно 7.386 или 90% од случаите, а во оваа бројка не спаѓаат 327 спогодби склучени во истражна постапка, во скратена постапка и спогодба по поднесен обвинителен акт.

И покрај убедувањето на јавноста, се додава понатаму во извештајот, дека јавното обвинителство многу често ја користи мерката притвор како мерка за обезбедување присуство на лица и за непречено водење на кривичната постапка, податоците покажуваат дека во извештајната 2017 година оваа мерка е употребена во 1,5% од случаите или од вкупно 28.753 новопријавени лица мерка притвор е одредена само спрема 451 лице.

Значајно е да се напомене дека и во 2017 година има користење на институтите од чл. 43 и чл. 44 од ЗКП и склучувањето предлог-спогодби помеѓу јавните обвинители и осомничените.  Придобивките од користењето на  спогодувањето и примената на одредбите од чл. 43 и чл. 44 од ЗКП, намалени трошоци за кривична постапка и ефективна и ефикасна кривична постапка со кратко времетраење, укажуваат на оправданоста на заложбата на Јавното обвинителство на Република Македонија во иднина сè поголем број на предмети да се решаваат на ваков начин.

Исто така, битно е да се напомене дека во 11,2 % од вкупниот број на решени предмети поднесени се казнени налози, со што се обезбедува забрзување на постапката, скратување на нејзиното времетраење и зголемување на ефикасноста.

M.В