/ Прочитано:

2.074

За активностите на Државното правобранителство како адвокат на државата малку се знае во јавноста

Институтот за човекови права, „СКУП“ – Македонија и „Медиум“ денеска го презентираа Првиот мониторинг извештај за работата на Државното правобранителство на РМ. Извештајот е изработен во рамките на проектот „Заедно во борба против корупција“, поддржан од Европската Унија и воедно претставува прво надворешно следење на работата на овој орган од аспект на транспарентноста, отчетноста и ефективноста.

На денешниот настан се обратија Александар Божиновски, проектен менаџер во „СКУП“ – Македонија, Мирослав Драганов, извршен директор на Институтот за човекови права, експертката Вања Михајлова и Андријана Сливоска од Државното правобранителство на Република Македонија.

Државното правобранителство на РМ, на кое со закон му е дадена функција да биде адвокат на државата, беше истакнато на денешниот настан, има мандат да се грижи за владеењето на правото преку спречување злоупотреба на државниот имот и правна заштита на имотните права и интереси на Република Македонија.

Главна задача на Државното правобранителство е штитењето на имотните права и интереси на РМ и нејзините државни органи пред судовите и другите органи во земјава и во странство. Државните правобранители при вршењето на својата функција се самостојни и за својата работа одговараат пред Владата на Република Македонија и пред државниот правобранител.

Државното правобранителство, како и другите државни органи, има обврска функцијата да ја извршува во согласност со принципите на транспарентност, интегритет и одговорност. Секоја негова стратегија, активност и одлука мора да соодветствува со овие фундаментални вредности.

„И покрај важната улога, за активностите на овој орган малку се знае во јавноста. Активностите и работата на Државното правобранителство се речиси невидливи и малку препознаени, пред сè, поради непостоењето на проактивната транспарентност на овој орган“, беше истакнато на денешниот настан.

Во таа насока, во извештајот се вели дека веб-страницата на Државното правобранителство содржи податоци за организационата структура на органот, правната рамка, годишните извештаи, стратешките планови, буџетот и слично.

Соопштенијата за јавноста главно се однесуваат на известувања за одржани состаноци и присуства на настани и конференции на државниот правобранител или неговите заменици.

„Информациите кои се од значење за тековното работење и кои би ги интересирале граѓаните или медиумите не се објавуваат во форма на соопштенија. Изборот на актуелниот државен правобранител од август годинава не беше објавен ниту со соопштение за јавноста на веб-страницата, ниту со која и да било друга медиумска активност. Државното правобранителство не практикува да дава соопштенија за медиуми, иако како орган неколку пати беше споменувано во медиумски написи, и тоа особено во предмети за отуѓување на државно неизградено земјиште“, се посочува во извештајот.

Во поглед на ефикасноста, во извештајот се вели дека според годишните извештаи за работа и според Стратешкиот план за 2017 – 2019 година како главни приоритети се ставени редовното, навременото и економичното преземање на сите правни мерки и средства во постапките кои се водат пред судовите и другите органи и институции. Сепак, како главен проблем на Државното правобранителство се наведува зголемениот прилив на предмети, а малиот број вработени.

Во рамките на проектот „Заедно во борба против корупција“, кој го имплементираат „СКУП“, како носител, и Институтот за човекови права (ИЧП) и „Медиум“, како партнери, со следење на работата на Државното правобранителство од страна на Институтот за човекови права се лоцираат слабостите во однос на работењето на овој орган.

Институтот го следи работењето од аспект на транспарентност, отчетност и ефективност. Утврдените слабости и правните празнини врз основа на овие наоди ќе претставуваат основа за предлог-мерките за нивно надминување.

Фокусот на следењето ги опфаќа постапувањата на Државното правобранителство во неколку битни сегменти од неговата надлежност, и тоа: заштитата на имотните права и интереси на РМ, особено во постапките за отуѓување на градежното земјиште, постапките за експропријација, денационализација, надоместок на штета, атхезионите постапки, постапки за работни спорови и други граѓански спорови, како и користење на институтот вонсудска спогодба во различни видови предмети.

M.В