/ Прочитано:

5.552

За да отпочне процесот на селекција на отпадот, неопходен е ангажман и од компаниите и од граѓаните

Според Асоцијацијата за управување со посебни текови на отпад неопходно да се работи на подигнување на јавната свест кај македонските граѓани за селекција на отпадот. Истовремено сметаат дека е потребна и поголема ангажираност од страна на општините и комуналните претпријатија, сè со цел да се создаде интегриран систем за управување со отпад во Република Македонија.

Асоцијацијата за управување со посебни текови на отпад при Стопанската комора на Македонија денеска на прес-конференција нагласи дека е неопходно да се работи на подигнување на јавната свест кај македонските граѓани за селекција на отпадот, а според нив, потребна е и поголема ангажираност од страна на општините и комуналните претпријатија, сè со цел да се создаде интегриран систем за управување со отпад во Република Македонија.

Од Асоцијацијата сметаат дека за да се спроведе овој процес до 2020, мора да има поголема вклученост од страна на сите правни субјекти, а како што истакна претседателот на оваа Асоцијација, Филип Ивановски, главна алка во покренување на процесот за селекција на отпадот се општините.

„Веруваме дека по локалните избори со новите локални самоуправи ќе имаме соработка во делот на нивното учество во оваа наша активност, бидејќи без општините и јавните комунални претпријатија не можеме да имаме ефикасен систем за собирање и рециклирање на отпадот. Она на што ние инсистираме е секоја од општините во следните четири години да има буџет за набавка на садови за селекција и секоја општина да предвиди кампања која ќе ја прави во соработка со нас за подигнување на јавната свест“, рече Ивановски.

Тој посочи дека според резултатите од нивното истражување, граѓаните во Македонија сакаат да го селектираат отпадот, но само ако имаат доволно контејнери за секој отпад посебно. Во оваа насока, како што истакна Ивановски, во наредните години главната цел на Асоцијацијата за управување со посебни текови на отпад ќе биде насочена кон инвестирање на финансии за што поголем број садови за селекција на отпад.

„Потребно е да постојат и еко-патроли што ќе прават увид во состојбата на садовите за селекција на отпадот. За што поефикасна селекција и рециклирање на отпадот, и компаниите што генерираат отпад мора да учествуваат во финансирањето на системите за собирање и рециклирање на отпадот“, беше истакнато од страна на Асоцијацијата за управување со посебни текови на отпад.

А. Б.