/ Прочитано:

3.017

За да се намалат поплаките на граѓаните од поштенските услуги, потребна е примена на иновации и нови практики

Имплементацијата на светските трендови во поштенските услуги, дигитализацијата, развојот на нови производи и услуги, како и навремената и сигурната достава на пратките се само дел од алатките за зголемување на конкурентноста на компаниите што работат во секторот поштенски услуги, истакнуваат од Сојузот на стопански комори на Македонија.

Според последните статистички податоци за поштенските активности во земјава за 2016 година, што ги објави Агенцијата за пошти, најмногу поплаки од граѓаните добила токму за ненавремената достава на пратки. Од сите поднесени рекламации, повеќе од половината или 52,6 отсто се пожалиле на пречекорување на рокот за достава. Притоа, најмногу поплаки во 2016 година имало за времето на достава од страна на „Македонска пошта“.  Најголем проблем граѓаните имале со доставата на препорачани писма, услуга која е значително поскапа од испраќање обично писмо.

Според извештајот на Агенцијата за пошти, од вкупниот број рекламации, дури 90 отсто се однесувале на препорачани писма. Односно, 4.475 рекламации биле за доставата преку „Македонска пошта“, додека 322 за другите даватели на поштенски услуги во земјава.  Еден од причинителите за опаѓање на овие услуги е и недоволниот квалитет на обезбедување на поштенските пратки.

„За да се намалат овие бројки и поплаките од страна на крајните корисници, потребна е имплементација на нови трендови за брзина и сигурност на поштенските текови како  прв чекор за навремена достава на пратките. Примената на иновации и нови практики во секторот поштенски услуги е од големо значење за развој на компаниите од оваа област. Во Република Македонија може да кажеме дека се ретки компаниите во секторот поштенски услуги кои за да бидат во чекор со светските трендови имплементирале андроид со цел следење во живо на статусите за доставување на пратки, како и имплементација на автоматско поврзување на веб шоп софтвер со софтвер на пошта. За клиентите најбитна е  навремената и сигурна достава на пратки и токму кон тоа треба да се стремат операторите“, изјави Александар Милошевски и додаде дека иновативноста, организираниот пристап и прецизноста, како и примената на премиум и еко поштенски услуги се само дел од новитетите за квалитетна достава на пратките.

Тој појасни дека за издвојување од конкуренцијата значајна е понудата на услуги кои ќе бидат посебно приспособени кон клиентите – од флексибилните можности за испорака на документи и пратки, до опцијата за маркетинг на производи како што се автомобили или електроника до одбрани потрошувачи, како и новините што се имплементираат во светот.

„Поштата има свој удел во десетина клучни индустриски гранки, во малопродажбата, банкарството, логистиката, маркетингот. Тренд во европските земји е на поштенските услуги да се гледа како на алатка која ќе им овозможи на компаниите, пред сè, на малите и средните, кои нудат квалитетни производи, а не се доволно познати да допрат до крајните потрошувачи во разните делови на земјата преку директно рекламирање или преку испорака на производите. Таквиот начин на стимулирање на МСП преку директна соработка со поштенските услуги значи поддршка за нивниот развој како важна алка во развојот на севкупната економија“, изјави Милошевски.

Во Република Македонија, според податоците на Агенцијата за пошти регистрирани се вкупно 33 даватели на услуги. За ненавремена достава на пратки, законските прописи предвидуваат глоба од 3.500 до 5.000 евра за поштенскиот оператор.

М.В