/ Прочитано:

1.359

За ефикасна борба против перењето пари, потребна е инклузивност на сите чинители во општеството

„Банкарскиот сектор, финансиските институции, обвинителствата, поддржани од полицијата, сите активни чинители во општеството, мора категорично да спротивстават на перењето пари и финансискиот криминал. Крајно време е Република Македонија да заземе посериозен пристап во борбата против перењето пари“, беше истакнато денеска на првата Меѓународна конференција за спречување на перење пари и финансирање тероризам.

Во организација на Академијата за банкарство и информатичка технологија (АБИТ),  денеска се одржа првата Меѓународна конференција за спречување на перење пари и финансирање тероризам. Целта на настанот беше запознавање со основите и разликите на перењето пари и финансирање тероризам, како и идентификување на високоризични клиенти и правилно следење и откривање на сомнителни трансакции.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, рече дека институциите кои се задолжени за спроведување на законот треба и мора со соодветен интензитет да ја унапредуваат и приспособуваат својата подготвеност за ефикасно спротивставување кон перењето пари.

„Kриминалот ја следи општествената еволуција, прилагодувајќи се на околностите, технологиите и слично. Ова особено се однесува на проблемот со перењето на пари, кое пак стана еден од базичните сегменти во финансирањето на терористички операции. За ова од особена важност се квалитетното кадровско екипирање и нормативната поставеност и опсег. Логистиката во тие задачи мора да дојде токму од стручната и експертската фела“, рече министерот Оливер Спасовски во своето обраќање на Меѓународната конференција за спречување на перење на пари и финансирање на тероризам.

Според специјалната јавна обвинителка Ленче Ристоска, перењето пари опфаќа повеќе сфери, сите области од финансиското работење и целокупниот поредок. За ефикасно решавање на овој проблем, како што истакна таа, треба инклузивност на сите чинители во општеството и интердисциплинарен пристап.

„Банкарскиот сектор, финансиските институции, обвинителствата, поддржани од полицијата, сите активни чинители во општеството, мора категорично да спротивстават на перењето пари и финансискиот криминал. Крајно време е Република Македонија да заземе посериозен пристап во борбата против перењето пари“, нагласи специјалната обвинителка Ристоска.

Потенцирајќи дека во изминатиот период имало многу случаи на перење пари, односно обиди да се легализираат валканите пари, директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми, истакна дека приоритет на оваа институција е да ги спречи ваквите активности.

А. Б.