/ Прочитано:

3.659

За квалитетно основно образование, потребни се јасни учебници и мотивирани ученици

Во македонското основно образование, потребно е ревидирање на наставните програми на тој начин што тие би требало да водат грижа за обемноста на предвидениот материјал и да содржат аспекти на приспособување на содржините со различни образовни потреби, се констатира во истражувањето „Од бројки кон пракса – идентификување и анализа на показателите поврзани со квалитетот на наставниот процес во основното образование во Македонија“ на Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“.

Во истражувањето, подготвено од авторките Ана Мицковска-Ралева, Ана Томовска-Мисоска, Олимпија Христова-Заевска, Сузана Черепналковска и Весна Костиќ-Ивановиќ, се истакнува и дека покрај ревидирањето на наставните програми, потребна е и анализа на учебниците од аспект на поврзаноста на содржините со целите поставени во наставните програми. Наставниците, исто така, имаат потреба од дополнителни материјали и прирачници кои ги употребуваат за да ги остварат целите на наставата.

Исклучително важен сегмент за квалитетот на високото образование и постигнување високи резултат е и одржувањето висока мотивација за учење. Според податоците од истражувањето, мотивацијата на учениците во училиштата во Македонија во најголем степен е инструментална и речиси сите се согласуваат дека учениците учат поради оценките, поради тоа што родителите покажуваат голем интерес за постигнатите оценки, а не за добиените резултати.

Учениците сакаат повеќе практична настава

Во однос на посакуваните промени во наставните програми, се вели во истражувањето, учениците испитаници се изјаснија дека би сакале да можат да изберат наставни предмети според сопствениот интерес, односно предмети што сакаат да ги учат, како: програмирање, графички дизајн, медицина, животни вештини, часови по глума итн. Исто така, учениците би сакале да има повеќе практична настава, експерименти, повеќе екскурзии, организирани прошетки и посети на локалитети, музеи, театри, компании и друго.

„Овие предмети што ги имаме сега како изборни не ми се допаѓаат. Мислам дека треба да се воведат нови;, Новите учебници од ’Кембриџ‘ се неразбирливи; Лекциите се многу кратки, има малку податоци; Има само текстови, нема формули; Најинтересен е учебникот по физика. Има многу експерименти, слики, текстови со објаснувања под сликите. Исто така и учебникот по биологија има цртежи, слики“, се дел од коментарите на учениците.

Податоците од истражувањето укажуваат на потребата од дополнителна анализа на квалитетот на учебниците што се користат, како и на начините на кои различни наставници им ги приближуваат содржините од учебниците на учениците.

Наставните програми се перципираат како преоптоварени со содржини

Прашањето за наставните програми и за учебниците, нагласува Сузана Черепналковска, е од особена важност за квалитетно образование во секој образовен систем. Квалитетни програми, соодветни на потребите на општеството во 21 век, соодветни на интересите на учениците, би претставувале солиден темел на квалитетен образовен систем.

„Пред каква и да е ревизија на наставните програми, потребно е да се направи анализа, а потоа и национална стратегија на целите на нашиот образовен систем, односно треба да се има јасна визија какви знаења, вештини треба да стекнат учениците во текот на образовниот процес. Откако прецизно ќе се дефинира каков тип знаења, вештини треба да стекнат учениците на одредена возраст, на одреден степен на образование, тогаш треба да се ревидираат наставните програми, односно наставните содржини и да се дефинираат формите, методите кои би овозможиле усвојување на одреден тип знаење, вештини и др. Истражувањето на квалитетот на основното образование поддржано од ‘Фајнанс тинк’ покажа дека наставните програми се перципираат како преоптоварени со содржини, факти, дека не се приспособени на ученици со  различни образовни потреби и дека често целите не се јасно дефинирани. Учениците, пак, сметаат дека треба да имаат можност да избираат содржини и предмети според нивните лични афинитети“, вели Черепналковска.

Нераскинливо поврзани со наставните програми, додава Сузана Черепналковска од гимназијата „Орце Николов“, се и учебниците во кои наставните програми наоѓаат конкретна реализација.

„Во спроведеното истражување ’Од бројки кон пракса – пет индикатори кои придонесуваат за квалитет на основното образование во Македонија‘, наставниците и учениците изразија делумно задоволство од квалитетот на учебниците. Забелешките се однесуваа на неразбирливоста на јазикот, лошата организација на текстот, оптовареноста на содржината со безброј податоци, непотребни или застарени информации, предолги лекции во кои не е изделено важното од неважното и др. Секако дека се потребни посовремени учебници, односно учебници изработени според сосема поинаков концепт, кој би им понудил на учениците одредени теоретски знаења, но пред сѐ, применливост на знаењата“, образложува Черепналковска.

Според неа, применливоста на знаењата во конкретни и секојдневни ситуации и поврзувањето на знаењата со реалноста се најголемиот недостаток воопшто на македонскиот образовен систем. Учебниците треба да го привлечат вниманието на учениците со интерактивниот пристап кон содржините, да понудат проблемски пристап во изучувањето на содржините, да ги поттикнат да размислуваат и да истражуваат на одредена тема, да бидат креативни.

Учебниците треба сликовито да им ја претстават содржината на учениците

„По одредени наставни предмети, учебниците треба сликовито да им ја  претстават содржината која ја изучуваат. Потребни се учебници во кои дел од содржините и темите би биле актуелни, блиски со интересите на учениците од 21 век. Освен што се особено важни учебниците, кои со содржините ќе ги заинтересираат или ќе создадат отпор, тешкотија кај учениците, важни се и прирачниците или другите дополнителни материјали за наставниците, кои би им помогнале полесно, поефикасно, покреативно да ги реализираат наставните содржини и да ги постигнат зацртаните цели“, вели Черепналковска.

Ана Томовска од Универзитетот „Американ колеџ“ вели дека кога се работи за наставните програми, а врз основа на податоците од истражувањето,  наставниот кадар перципира дека тие се со јасни цели, поттикнуваат развој на личните и социјалните компетенции и се систематични и постапни.

„Сепак, дел од наставниот кадар смета дека тие се преобемни, а најголем дел од нив сметаат дека тие не се приспособени за учениците со различни образовни потреби. Од тука произлегува потребата да се разгледа како може да се одговори на образовните потреби на различните ученици и соодветно на тоа, ако има потреба да се интервенира во наставните програми по различни предмети. Учениците, пак, сакаат поголем избор на предмети и вклучување актуелни теми и предмети“, истакнува Томовска.

Наставниците, додава Томовска, исто така, ги оценуваат учебниците како преполни со факти и неприспособени за потребите на учениците со различни образовни потреби.

Учебниците треба да се јасни за учениците

„Учениците, пак, сакаат учебници напишани на јасен и разбирлив начин, во кои има примери, илустрации и истакнување на важните аспекти од материјалот. Од ова општа препорака би било дека е потребно да се внимава на термините што се користат при пишување на учебниците. Тие треба да се јасни, систематични и привлечни за учениците. Исто така, учебниците би требало да содржат помалку фактографски информации, а повеќе информации кои поттикнуваат понатамошно истражување и анализа на материјалот што се учи. Учебниците би требало да се придружени со соодветни помагала кои ќе поттикнуваат критичко размислување, односно вклучување на ученикот во активно барање податоци, нивна соодветна анализа и синтеза и нивна примена во решавање на проблемски ситуации. Материјалот треба да е што е можно повеќе поврзан со секојдневјето на учениците“, образложува Ана Томовска, една од авторките на истражувањето на „Фајнанс тинк“.

Черепналковска и Томовска подвлекуваат и дека при развивањето на образовните реформи, потребно е да се стави и силен акцент кон развивањето на внатрешната мотивација за учење, односно учењето заради знаење, а не учење заради оценка.

„Како да се мотивираат учениците е комплексен проблем и не зависи само од квалитетните наставни програми и учебници, туку и од доброобучените наставници и од тоа зошто и како се тие мотивирани да работат со ученици на одредена возраст. Потребна е обука на наставниците како да ја поттикнат интринзичната мотивација, односно да учат за знаење, а не за оценки. Спроведеното истражување покажа дека македонските ученици учат за оценка, не за знаење, а тоа резултира со брзо заборавање на изучените содржини. Доминира инструменталната мотивација, односно учење за оценки, кои се доживуваат како инструмент за остварување на други цели: запишување во саканото средно училиште или како одговор на притисоците на родителите кои очекуваат високи оценки од сопствените деца“, посочува Сузана Черепналковска.

Бесмислено е да се очекува дека учениците би сакале да се стекнат со знаења кои не можат никаде да ги применат

Според Черепналковска, ако содржините од наставните програми се актуелни, ако наставните содржини се презентирани на начин кој бара активно вклучување на повисоките мисловни процеси кај учениците, а не само репродукција и ако учениците ги перципираат наставните цели неопходни за нивното понатамошно професионално и кариерно развивање, неопходни за активно вклучување во општествениот живот, ќе бидат помотивирани активно да се вклучат во образовниот процес и да ги стекнат потребните знаења и вештини.

„Бесмислено е да се очекува дека учениците би сакале да се стекнат со сувопарни знаења кои не можат никаде да ги применат, како и со вештини кои не се барани во општеството во кое живеат. Исто така, разбирливо е дека учениците имаат отпор кон учење податоци кои одамна застареле и не служат за ништо, освен за вежбање на меморијата. Еден од можните начини да се мотивираат учениците е и да им се овозможи да изберат дел од содржините што ги изучуваат. Значи, потребна е анализа кои содржини неопходно мора да ги изучуваат, кои содржини би можеле да се воведат како изборни и би ги задоволиле личните афинитети на учениците и би ги мотивирале да бидат активни учесници во наставниот процес“, истакнува Черепналковска.

За мотивирани ученици потребни се и мотивирани наставници

Таа смета дека на проблемот со мотивацијата на учениците треба да се гледа и пошироко, односно дека е општествен проблем. Нашето општество, нагласува едната од авторките на истражувањето, не ги слави тие што знаат и умеат, туку тие што нешто поседуваат.

„Речиси и не се споменуваат успесите на оние што нешто постигнале во одредена научна област. Во овој контекст треба да се разгледа и статусот на наставниците во општеството и перцепцијата на професијата наставник денес. Не можете да очекувате немотивирани наставници да ги мотивираат учениците. За жал, живееме во средина во која веќе подолг период тоа не е професија која е на врвот на посакуваните професии“, додава Сузана Черепналковска.

Ана Томовска, исто така, образложува дека за мотивацијата на учениците е  потребно сеопфатно дејствување на различни чинители. Пред сè, вели Томовска, треба да се има предвид дека учениците сакаат да бидат вклучени во активности кои ги перципираат како забавни, поттикнувачки, предизвикувачки.

„Токму затоа огромна важност треба да биде ставена не само на материјалот што се учи туку и на начинот на кој тој се предава. Затоа користењето соодветни наставни методи кои ќе поттикнуваат заинтересираност на учениците за материјалот што се учи, истражување и поврзување на материјалот од различни предмети е од особена важност. Исто така е важно наставниците да умеат соодветно да им помогнат на учениците при користење на различни извори на информации и извлекување заклучоци. Учениците исто така сакаат повеќе избор на предмети поврзани со нивните интереси и со актуелни теми“, заклучува Ана Томовска, една од авторките на истражувањето „Од бројки кон пракса – идентификување и анализа на показателите поврзани со квалитетот на наставниот процес во основното образование во Македонија“ на Институтот за економски истражувања и политики.

Образовниот систем мора да го развива критичкото мислење

Реформите во образованието кои ќе значат подобри наставни програми и учебници и помотивирани ученици се најавуваат и од Министерството за образование и наука. Главните промени, вели министерката Рената Тренеска-Дескоска-, ќе одат во основното образование и тоа во одделенската настава, бидејќи, како што нагласува министерката, за поставување темели на писменост, најважни се првите години.

„Сметаме дека треба да има нов наставен план соодветен на учениците од таа возраст, понатаму да се воведат методи кои ќе значат креативно изучување на прашањата и начин кој ќе ги заинтересира  децата да ја следат наставата и да учествуваат во неа, а потоа и соодветни материјали кои ќе бидат користени. Потребни се измени на закони и подзаконски акти, но и промена на свеста и на пристапот кон учениците кој ќе значи поттикнување на нивната креативност, мотивираност, креативно мислење и критичко размислување“, вели Дескоска.

Во контекст на најавените реформи, во истражувањето на „Фајнанс тинк“ се препорачува дека образовниот систем мора да ги развива критичкото мислење и научниот пристап кон разгледување на информациите кај учениците.

„Истовремено, тој треба да ги поттикнува мотивацијата за постигнување и внатрешната мотивација кај учениците, да развива кај нив интерес за научно пристапување кон појавите и да ја развива нивната самоефикасност, како и свесноста за околината“, нагласуваат од Институтот за економски истражувања и политики  „Фајнанс тинк“.

М.В