/ Прочитано:

2.478

ЗА ЛЕКТОРЦКИТЕ РАБОТИ: нови измени и дополнувања на Законот за употреба на македонскиот јазик

Македонскиот јазик во Законот за употреба на македонскиот јазик е нормиран како духовно богатство од посебно културно и историско значење за Републиката. Од оваа законска определба, а во функција на заштитата, унапредувањето и збогатувањето се утврдени и начелата на најновите законски интервенции во Законот за употреба на македонскиот јазик, кои се однесуваат на лекторирањето како дејност.

Според предлагачот, Министерството за култура, потребата за измена на Законот е во насока на неговата заштита.

„Тоа ќе се овозможи преку ново нормирање на лекторирањето чија цел ќе биде поквалитетно и постручно вршење на оваа дејност“, оценува Министерството.

Лектор – само лице со положен лекторски испит и добиена лекторска лиценца

Во  Предлог-законот се определуваат нови дефиниции, структура и методологија на лекторирањето, лекторскиот испит и лиценцата.

„Лекторирање може да врши лице со положен испит за лектор, односно со добиена лекторска лиценца, во согласност со овој закон. Лекторска лиценца дава Министерството за култура по положен испит во согласност со овој закон.“ – дефинира член 1 од  Предлог-законот.

Структура и методологија на спроведување на лекторскиот испит

Понатаму низ законскиот текст се определува методологијата на полагање на испитот за лектори. Предвидено е испитот да се состои од два дела, и тоа: прв дел (теориски дел), со кој се проверува теориското знаење на кандидатите и втор дел (практичен пример), со кој се проверува практичната способност на кандидатите.

Првиот дел од испитот се полага писмено по електронски пат, со одговарање на определен број прашања во вид на решавање на електронски тест на компјутер. Прашањата од првиот дел на испитот се од областа на фонологијата, морфологијата, лексикологијата, синтаксата и стилистиката на македонскиот јазик.

Вториот дел од испитот се состои од практичен пример кој содржи конкретен јазичен материјал, кој опфаќа пократки или подолги изводи од текстови (или целосни текстови), со различна тематика и од различни функционални стилови, како и одделни изрази и реченици, наменски приспособени за целта на испитот, во кои се содржани разни неправилности во однос на правописот, употребата на збороформите и на лексиката, синтаксата, стилот и други отстапувања од стандарднојазичната норма. Како дел од вториот дел на испитот утврдени се одговори на прашања во вид на решавање на електронски тест на компјутер кои кандидатот треба да ги одговори врз основа на анализата на практичниот пример.

Во понатамошните членови од Предлог-законот се регулира дека испитот ќе се полага пред Комисија, нејзиниот состав, стручните и административните служби за спроведување на испитот, барањето за спроведување на испитот, постапката за спроведување на испитот, трошоците на испитот и соодветните прекршочни одредби во врска со примената на законот.

Предложеното решение е заштита на струката, сметаат експертите

„Воочливо е дека измените се насочени кон ограничување на дејноста во однос на специјалистите. Од мое гледиште, тоа е позитивно и би било навистина добро тие што се специјалисти да се остручат во лекторската дејност. Во секој случај мислам дека е позитивен процес, македонистите ќе си го добијат правото да бидат суштински дел во процесите каде правилната употреба на македонскиот јазик е од големо значење, а тоа е јавната сфера. На ова прашање треба да се гледа и од социјалната димензија, односно што се создаваат можности за нови вработување преку вклученост на лекторите во институционалните облици, на пример администрација, судство, управни органи. Покрај тоа ќе може и директно да влијаат на процесите на заштита на македонскиот јазик“, смета проф. д-р Александра Ѓуркова, професор во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

За проф. д-р Снежана Веновска-Антовска, професор во истиот Институт и член на одборот на Здружението на лектори на Македонија, ваквото законско решение ја штити струката и македонскиот јазик.

„За Предлог-законското решение може да се каже дека е заштита на струката. Постоечкиот закон создаваше проблеми во практиката. Има одредби кои се двосмислени и се создаваше можност за различни толкувања и примена. Конкретно, со него им се овозможуваше и на лица кои не се лектори да вршат лекторска дејност. Така на пример, докторите по филолошки науки можеа да вршат лекторирање иако за тоа како професионална дејност е утврдено дека се надлежни лекторите. Титулата „Доктор“ претставува универзитетски и научен дострел кој не може да се идентификува со струката на лекторите кои тоа го работат како основен делокруг на нивната работа низ практична примена. Во минатото имаше појави да бидат поднесувани барања за вршење на лекторска дејност од личности кои не беа стручно определени за тоа. По таа логика секое лице кое универзитетски изучил друг јазик може да биде лектор по македонски јазик само затоа што има докторат по филолошки науки. Оваа ситуација дојде и до Уставен суд кој ги укина законските одредби кои правеа дискриминација во однос на лекторирањето односно ја укина законски определената можност за лица кои што имаат значаен удел во развојот на македонскиот јазик (како што беа нормирани законски) да можат да вршат лекторска дејност. Затоа добро е што се дефинира прашањето кој може да биде лектор и какви услови треба да исполни. Сепак, лекторот гарантира за јазичниот израз, не го интересира содржина туку формата“, вели Веновска-Антовска.

Отворање на социјалната димензија: шанса за вработување на лекторите

И според Веновска-Антовска регулирањето на прашањето за лекторите отвора и социјална димензија.

„Лекторите полесно ќе бидат вклучени во институционалното задолжително лекторирање како судството, администрацијата, медиумите итн. Јас секогаш сум била на стојалиште дека правните акти на иституциите мора да бидат лекторирани. Не може во законски текстови да постојат законски нелогичности и недоречености. Затоа е добро што лекторите ќе бидат вклучени во институциите, што ќе значи нивно вработување, но и заштита и правилна употреба на јазикот“, истакнува професорката.

Универзитетите да воведат задолжително лекторирање на магистратурите

Како дејност која примарно се проучува во студентските клупи, се наметнува прашањето колку универзитетите како највисоки образовни институции внимаваат на употребата на македонскиот јазик.

Во оваа насока, Веновска-Антовска потенцира дека во високото образование од исклучиво значење е употребата на македонскиот јазик. Како добар пример го истакнува Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, каде е воведено задолжително лекторирање на магистерските тези.

„Неопходно е да се воведе ваков задолжителен модел на сите факултети, ако заштитата не започне тука, во рамки на образованието па се до во самото вршење на професијата, не може да се говори ни дека јазикот е заштитен“, апелира таа.

Здружение на лектори на Македонија: Правописот е устав на јазикот

Според Здружението на лекторите на Македонија решението со кое само лицата со лекторска лиценца ќе можат да вршат лекторирање е одличен предлог во функција на заштита на лекторската струка и дејност. Од таму најавија дека овие денови ќе се организира и дебата во врска со новините предложениот закон, но и најавените измени во македонскиот правопис. Лекторирањето и правописот се клучни за заштита на македонскиот јазик.

„Едноставно, правописот е устав на јазикот“ –  со правна терминологија од Здружениетоистакнуваат како се заштитуваат вредностите на јазикот.


Автор: Милчо Велјаноски Објавено: 8.11.2013