/ Прочитано:

2.350

За новиот Нацрт-предлог за Меѓународен договор за намалување на проектилите и оружјата за масовно уништување

Владимир Кацарски, адвокат

На почетокот од месец февруари 2019 година во јавноста беше објавена веста дека светските велесили се повлекле од уште еден договор за деескалација на војувањето со оружја за масовно уништување. Оваа загрижувачка вест беше повод да размислувам како да се надгради и соодветно да се модернизира овој заштитен механизам воспоставен уште во времето на Студената војна, притоа користејќи ги новите механизми кои ни стојат на располагање.

За основа го зедов веќе дерогираниот Договор за ограничување проектили со среден дострел (INF Treaty) и почнав да го работам мојот проект. Свесен дека од крајот на Студената војна, кога само неколку светски суперсили располагаа со овие оружја, денес такви случаи има повеќе. Тука спаѓаат и други држави кои имаат НХБ-вооружување, но и другите недржавни ентитети, па и нив ги сместив во овој мој предлог-проект. Со тоа, бројката на потенцијални држави потписнички на овој предлог-проект рапидно се зголеми.

Понатаму ги увидов и другите ризици по светската безбедност и потребата да се биде посилен од соседот или од некој друг за кого се смета дека е главен конкурент на регионално ниво. Тука првенство мислам на држави кои се толку често непријателски расположени една кон друга, што со својот арсенал би можеле да го уништат светот кој денес го знаеме. Освен постојните неконвенционални вооружувања, овде се обработува и ограничена употреба и на новите средства во современото војување.

Покрај решавањето на глобалниот ризик и регионалните ризици од користењето на ова НХБ-вооружување, тука спаѓаат и модерните закани за кои светот мора да биде обединет. Експлозијата над градот Чељабинск, како и инцидентот од слична природа во Тајланд го подигнуваат на повисоко ниво овој мој предлог-проект.

Крајниот резултат на новиот Нацрт-предлог за Меѓународен договор за намалување на проектилите и оружјата за масовно уништување е целосно сменета Преамбула, како и двојно поголем број членови во нормативниот дел во однос на претходниот договор.

Светската историја почнала со војни и тие и во иднина ќе останат дел од нашата природа и секојдневието. Главната цел е да се постигне колку што може поголема деескалација на воените конфликти, но ако тоа не може, барем да бидеме сигурни во денуклеаризација на војувањето.

Механизмите поставени во мојот предлог-проект би можеле да обезбедат, а во некои локални конфликти и да гарантираат дека пред каков било настан опишан погоре би морале да поминат барем неколку фази повеќе од ова што го имаме денес. Инволвираноста на повеќе субјекти во активното зачувување на мирот и безбедноста би требало да ја постигне посакуваната цел.