/ Прочитано:

1.947

За обезбедување здраво млеко на пазарот, контролите мора да почнат од сточната храна

Стекот околности во врска со канцерогеното млеко увезено од соседството е под институционална контрола, но и натаму подложен на разногласие меѓу потрошувачите. Во исчекување натамошни информации за поподробна процена на ризикот, Агенцијата за храна на Република Македонија секојдневно го мониторира теренот, со цел да се обезбеди завидна заштита на јавното здравје во Републиката. Дејан Рунтевски, директор на Агенцијата, потврдува оти е донесено Решение за задолжително лабораториско испитување на млекото и млечните производи што се увезуваат во Македонија. Зголеменото присуство на канцерогената материја афлатоксин М1 во млекото непосредно доаѓа од сточната храна, објаснува проф. д-р Среќко Георгиевски од Земјоделскиот факултет во Скопје, укажувајќи оти материјата не влијае на квалитетот на месото. 

Намерувајќи на обезбедување високо ниво на заштита на здравјето на граѓаните и интересите на потрошувачите во однос на храната, Законот за безбедност на храната се применува во сите фази на производство, преработка и дистрибуција на храна и сточна храна. Врз основа на законската обврска за континуирано отворено и транспарентно консултирање со јавноста, обезбедувајќи ефективно спроведување на официјалните контроли на живи животни, храна и сточна храна во споменатите фази, Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија пристапи кон задолжително испитување на млекото што се увезува на домашниот пазар. При постапката на лабораториско испитување се земаат предвид сите можни директни краткотрајни и долготрајни последици на млекото врз здравјето на потрошувачите, а едновремено се испитуваат и можните кумулативни токсични ефекти.

Дејан Рунтевски, директор на Агенцијата, упатува на соопштението објавено утринава, според кое Агенцијата добила официјален допис од Управата за ветеринарство на Република Србија за повлекување млеко на повеќе српски производители од тамошниот пазар. На известувањето веднаш му уследиле контроли од страна на инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство, при што е утврдено дека од сите наведени видови млеко, во Македонија е регистрирано повисоко ниво афлатоксин единствено во млекото „Моја кравица“ со масленост од 2,8 отсто, на белградскиот производител „Имлек“. Зголемено присуство на афлатоксинот М1 е забележан во уште еден производ од Република Хрватска; станува збор за млекото „Дукат УХТ“, со масленост од  2,8 отсто и со 7 витамини, во пакување од еден литар. Целокупното количество на производот, инаку со рок на траење до 19 април 2013 година, воопшто не е пуштено во промет и во најскоро време се очекува да биде уништено.

Во врска со увозот на прехранбени производи од странство, Член 95 од Законот за безбедност на храната ја овластува Агенцијата за храна да одобри посебни предизвозни проверки на храна и сточна храна, кои, пак, треба да ги спроведеа земјата-извозничка непосредно пред да премине на увоз во Македонија. Притоа, надлежниот орган во странската земја, како и сите останати тела за контрола прецизирани во одобрението, се одговорни за постојана комуникација со Агенцијата. Конечно, надлежниот орган или телото за контрола на земјата-извозничка треба да обезбеди здравствен сертификат за секоја пратка проверена пред нејзиното влегување на територијата на Македонија.

Д-р Среќко Георгиевски: „Aфлатоксинот не влијае врз квалитетот на месото од животните што го внесле во својот организам“

Од стручен агол, пак, пројавениот афлатоксин се смета за штетна материја која во млекото допира преку внесување загадена сточна храна во животинските грла, вели д-р Среќко Георгиевски, професор на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје.

„Храната наменета за човекови потреби е непосредно врзана за храната што им се дава на домашните животни. Всушност, Афлатоксинот Б1 внесен преку сточната храна во телото на животното, во случајов во кравата, во млекото се претвора во афлатоксин М1. Афлатоксинот спаѓа во категоријата „микотоксини“, кои се јавуваат како габична инфекција на зрното што грлата го внесуваат при прехранување. Практиката во аграрот наложува строги правила за соодветно складирање и преработка на сточната храна, меѓутоа ако временските услови се пројават со суша, земјоделецот или преработувачот не може да стори многу во превентивна смисла. Овде е многу важно да се напомне дека афлатоксинот нема влијание врз квалитетот на месото од животните што го внесле во својот организам“, образложува Георгиевски

Според Член 28 од Законот за безбедност на храната, сточната храна не смее да се стави во промет или да се користи во исхраната на животни наменети за производство на храна доколку таа е небезбедна, т.е. ако има несакано дејство врз здравјето на луѓето или животните и ја прави храната добиена од животните небезбедна за исхрана на луѓето. Доколку се утврди дека храната за животни не ги задоволува условите за безбедност, а е дел од серија или пратката со сточна храна од ист вид, ќе се смета дека целата храна за животни од таа серија, т.е. пратка не е безбедна. Оттука, навременото отстранување на штетната храна за животни — во согласност со востановените законски одредби — е гаранција за спречување појави со штетни последици врз здравјето на потрошувачкото општество; институционалната контрола останува континуирано да го следи нејзиниот тек за транспарентно проценување на ризикот.


Автор: Далибор Стајиќ Објавено: 21.02.2012