/ Прочитано:

1.650

За остварување на своите права, лицата со хендикеп бараат помош од граѓанските здруженија

Специјалното образование во Македонија генерира непрофесионални и нестручни генерации со хендикеп, кои понатаму не можат целосно да си го најдат своето место во државата. За остварување на нивните права бараат помош од граѓанските здруженија.

ДЕте во количка

Во секој сегмент од општественото живеење се прекршуваат правата на децата со попреченост, но и на возрасните инвалидизирани лица, констатираа учесниците на работилницата „Заштита на децата од насилство и промовирање на социјалната инклузија на децата со попреченост“, во организација на  УНИЦЕФ. За жал, како што објаснуваат претставниците на голем број организации кои работат на полето на човековите права, во Македонија сè уште не постои механизам кој би собрал податоци и кој потоа би ги обработил за да имаме целосна претстава во колкава мера и на кој начин се прекршуваат правата на оваа категорија граѓани.

„Најсериозни проблеми утврдивме во образованието. Конкретно, инклузивното образование не е достапно за сите деца со попреченост, односно само мал број деца се вклучени во образовниот процес, кој пак од своја стана не соодветствува со нивните потреби. Недостасуваат дефектолози, нема соодветни наставни програми, инфраструктурата на училиштата исто така не е приспособена кон потребите на децата со хендикеп итн. Во здравствената заштита, исто така, постојат ограничувања, односно нема специјализирани програми за рехабилитација, а проблем е и плаќањето партиципација. Децата до 6 години се ослободени од ваквите давачки, додека пак лицата со инвалидитет над 26 години мора да плаќаат партиципација. Ова секако е небулоза, нема логика и на некој начин е дискриминација. Во сферата на социјалната заштита, исто така, забележавме повеќе проблеми. Дневните центри имаа капацитет само за одреден број деца со попреченост, додека пак за останатите нема место. Нема друг сервис на социјални служби кои ќе можат да ги задоволат потребите на сите деца“, вели Владо Крстовски, член на Национален совет на инвалидски организации на Македонија.

На оваа работилница беше потенцирано дека наместо да бидат дискриминирани и грубо да се кршат правата на децата, но и на возрасните со инвалидска попреченост, општеството треба од нив да создаде личности кои ќе придонесуваат и кои ќе бидат продуктивни во заедницата, односно ќе бидат активни, како на економски така и на социјален план. Но, како што појаснија, многу малку се работи на ова поле.

Дете свири гитара

„Проблемот го детектиравме во специјалното образование кое постои во Македонија. Постојат основни и средни специјални училишта, но само една третина од децата со хендикеп по завршувањето на основно специјално училиште продолжуваат во средно училиште, додека од средните специјални училишта ниту едно дете со хендикеп не го продолжува образованието на некој од универзитетите. Тоа е така бидејќи специјалните средни училишта произведуваат работници, на пример за во индустријата за картонска амбалажа. Тука е клучниот проблем. Децата со инвалидитет од старт се упатуваат на изучување одредени занаети, а немаат соодветно образование кое би го надградиле на факултет. Ние не сме среќни со овој концепт и сметаме дека самото тоа претставува сегрегација, што е недозволиво во ова време. Сите организации за човекови права се залагаат за инклузивно образование на децата со хендикеп. Специјалното образование во Македонија генерира непрофесионални и нестручни генерации со хендикеп, кои понатаму не можат целосно да си го најдат своето место во државата. За остварување на нивните права бараат помош од граѓанските здруженија“, вели Томислав Ортаковски од „Полио плус“ – движење против хендикеп.

Ортаковски посочи неколку примери во однос на прекршување на правата на децата со хендикеп, односно примери на дискриминација. Вели дека дел од нив имаат судска разрешница, а дел се во процедура. Здружението „Полио плус“ неформално ги застапува децата и возрасните со инвалидитет пред Комисијата за заштита од дискриминација и пред Народниот правобранител, а во соработка со Здружението на млади правници ги води случаите во македонските судови.

Деца во школо

„Дете со Даунов синдром веќе неколку години се соочува со дискриминација од сите – од наставниците, од директорот, од техничкиот персонал во училиштето, а примерот го следат и соучениците. Комисијата за заштита од дискриминација во овој случај утврди дискриминација поради тоа што на девојчето не му било дозволено да оди на ученичка екскурзија со сите други деца од одделението. Сега случајот ќе се решава судски. Уште еден пример кој го доставивме до надлежната Комисија е случајот со детето со хендикеп кое е во инвалидска количка во Делчево. Нивната семејна куќа се наоѓа покрај прометна улица на која нема тротоар, нема сообраќајна сигнализација и целосно е небезбедна. Возилата многу често се паркираат пред влезот на куќата и на детето му е оневозможен просторот за минување со инвалидската количка. Случајот го процесиравме и неформално го застапувавме пред Комисијата за дискриминација, од каде што беше утврдена дискриминација во делот на непристапна околина на безбедно движење на децата со хендикеп. Општината беше задолжена да го реши проблемот, но по нејзиното одбивање да создаде услови за безбедно движење на детето, случајот влезе во судска процедура, по што имаме позитивна завршница. Општината Делчево со одлука на судот направи тротоар и пристапна рампа“, истакна Ортаковски.

Граѓанските здруженија кои работат на полето на заштита на човековите права активно ќе учествуваат во проектот на УНИЦЕФ и на Европскиот форум за лица со инвалидска попреченост, што ќе се спроведува во Македонија во делот што се однесува на механизмите за следење на состојбите на лица со инвалидска попреченост. Велат дека проблемите можат да се решат доколку има постојана и координирана соработка меѓу државата и сите други организации кои работат на ова поле. „Чуда не се случуваат преку ноќ, но мора да ги изнајдеме приоритетите и да ги решаваме постепено“, беше нагласено на денешната работилница на УНИЦЕФ.

А. Б.