/ Прочитано:

3.089

За предизвиците пред кои се наоѓа системот на пензиското и инвалидското осигурување – проф. д-р Лазар Јовевски

Трудовиот и социјалниот систем во Македонија се пред бројни предизвици. Предизвик е и потребата од измени на Законот за работните односи кој мора да ги следи реформите во трудовоправната област, кои пак треба да бидат реален одраз на општествените текови, вели професорот по трудово право Лазар Јовевски, кој на Конференција и советување на тема „Актуелни состојби во трудовото и социјалното право“ говореше за остварувањето на правата од пензиско и инвалидско осигурување во системот на социјално осигурување на Македонија.

Клучното прашање е каков Закон за работните односи навистина ни треба

„Законот за работните односи е еден од круцијалните закони во македонскиот правен систем. Законот уредува материја која е многу чувствителна и затоа секогаш многу внимателно мора да се пристапува кон секоја негова измена. Законот е менуван повеќепати. Измените се навистина бројни, а има и одлуки на Уставниот суд. Секако, јас сум за промени во Законот за работните односи бидејќи овој закон мора да ја следи динамиката на општествените односи, на правото и на економијата. Но, како што реков, измените мора да бидат резултат на процес на анализи и на дијалог. Во моментов се работи на измени на Законот, и јас како претставник на еден од синдикатите сум вклучен во подготовките на измените. Според мене, измените на Законот не треба да бидат водени од идејата дали треба да се менува законот, туку од тоа каков закон навистина ни треба“, вели професорот Јовевски, кој на конференцијата издвои три предизвици за пензиското осигурување. За овие предизвици на системот професорот образложува:

„Моето излагање беше на тема Остварување на правата од пензиско и инвалидско осигурување во системот на социјално осигурување на Македонија. Во таа смисла, моите видувања презентирани во излагањето беа  насочени кон фактот дека има бројни осцилации и проблеми во системот на пензиското и инвалидското осигурување веќе повеќе децении наназад. Во излагањето издвоив три предизвици со кои се соочува системот. Првиот предизвик е финансиската стабилност на системот, вториот предизвик е опфатот на системот и третиот предизвик е визијата и идниот развој на системот“, вели Јовевски.

Стабилност, опфат и визија

Финансиската стабилност на системот подразбира финансиска издржливост на системот, односно негова ликвидност. Финансиската стабилност всушност овозможува системот, како што е поставен сега, да не биде ликвиден и да може непречено да функционира за исплатата на пензиите. Тука треба да се нагласи дека финансиската одржливост не подразбира само исплата на пензиите според моменталните потреби на пензионерите, туку и развојна компонента, која пак е поврзана со горната граница на максималниот износ на пензија и минималната пензија. Растот на пензиите не може да се согледува изолирано бидејќи континуираниот раст на пензиите е поврзан со другите економски параметри, како што се на пример: економскиот раст, појавата на инфлацијата, па сѐ до реалните потреби на потрошувачката кошничка на граѓаните. Оттука, финансиската одржливост на системот не е прашање на тоа дали државата ќе дотира или нема да дотира одредени средства во буџетот, туку е нешто повеќе од тоа.

Вториот предизвик е опфатот на системот, односно кои лица ќе бидат опфатени во системот. Тука, пред сѐ, се мисли на возраста, дали ќе се оди со зголемување на старосната граница на пензионирање, со замрзнување, или пак со евентуално намалување од икс причини. Исто така, концептот на опфат подразбира дали може да се вклучат во пензискиот систем одредени посебни категории на граѓани кои не се со бенефициран стаж и кои би оствариле поголем опфат на права, како и граѓани кои не оствариле пензиски стаж по основ на работа и кои би добиле т.н. социјална пензија.

Третиот предизвик е визијата, која како своја фокус точка го има прашањето за тоа дали треба да градиме државен систем на пензиско и инвалидско осигурување, приватен систем на пензиско и инвалидско осигурување, или пак некој мешан, хибриден систем, кој ќе опфаќа одредени аспекти на државен и приватен систем кои ќе овозможат одредена ликвидност и мобилност на системот.

Оваа визија мора да биде добро конципирана,  јасна и со конкретни цели, како и со чекори за остварување на овие цели. Ако ги нема овие елементи, сметам дека каква и реформа да се прави во иднина, ќе биде промашена работа, за што впрочем сме сведоци и во изминативе децении дека во многу ситуации има многу промашувања, како што сметам дека се и сега одредени предлози кои не се аналитички издржани. Ваквите актуелни решенија кои моментално се предлагаат, за жал, само имаат цел да предизвикаат одредено задоволство кај народот, а притоа немаат издржана научна основа, па и практична одржливост“, вели професорот Јовевски.

Постои процес на константна дестабилизација на пазарот на трудот

Во врска со прашањето за состојбата на трудовоправниот и социјалниот систем, Јовевски вели дека во земјата е присутна инертност. Тоа, нагласува Јовевски, мора да се промени.

„Во Македонија трудовоправниот и социјалниот систем се пред бројни предизвици.  Се чини дека во моментов во државата има инертност за она што ни се случува. Во Македонија имаме процес на константна дестабилизација на пазарот на трудот и константен одлив  на работна сила, пред сѐ, на млади луѓе, но и на повозрасни. Ова предизвикува силни влијанија врз пазарот на труд во смисла на недостиг на работна сила.

Веќе подолго време, за жал, се соочуваме со немањето свест за прашања поврзани со трудот, а кои се однесуваат и на работниците и на работодавачите. Недостасува компонентата на културата на трудот, која е клучна за работните односи. Не се гради систем на превенција, туку систем на репарација. Тоа не е воочливо само во здравствениот систем, туку и во пензискиот и во инвалидскиот систем, но и во други области кои се поврзани со трудот, како што се: безбедноста и здравјето при работа, еколошките работни места, достоинството на работа, заштитата од психичко вознемирување на работното место и секако дискриминацијата, која е многу застапена, како во државниот така и во приватниот сектор. Во таа смисла, имаме  конкретни и акутни проблеми, но имаме и системски проблеми. Овие проблеми треба да се решаваат што поскоро или ќе предизвикаат многу негативни последици, како за организираниот систем така и за граѓаните“, нагласува професорот Јовевски.

М.В