/ Прочитано:

1.142

ЗА ПРЕДМЕТИТЕ КОИ ГИ БАРА СЈО: Советот на јавни обвинители ја повика Јанева да достави релевантни податоци за надлежноста

Аневски потенцираше дека е нужно присуството на обвинителката Јанева, а доколку не дојде, како што вели Аневски, ќе им ја олесни работата, односно тие најверојатно ќе донесат негативна одлука.

Прес Специјално јавно обвинителство предмет „Тортура“

Специјалното јавно обвинителство информираше дека ќе воспостави надлежност над предметот во јавноста попознат како „Маџар телеком”, над предметот против Зоран Верушевски за кривичното дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи” од членот 396 од Кривичниот законик и над предметот оформен под ко 1 бр. 55/2016 против Горан Верушевски.

„Во текот на утрешниот ден до Советот на јавните обвинители на Република Македонија ќе биде доставено барање за доставување на наведените предмети со сите списи до ова јавно обвинителство заради наше постапување во рамки на законските овластувања бидејќи овие предмети произлегуваат од Законот за специјалното јавно обвинителство и содржината на овие предмети се однесува на незаконското следење на комуникациите“, истакна на денешната прес-конференција специјалната јавна обвинителка.

СЈО уште пред месец и половина ги побара овие предмети од Основното јавно обвинителство Скопје, но оттаму беше соопштено дека тие не произлегуваат од прислушуваните разговори, па за утврдување на надлежноста над нив го задолжи Советот на јавни обвинители.

„Ние и понатаму веруваме во независноста и непристрасноста на сите јавни институции. И покрај сите недоразбирања кои ги имавме во изминатиот период, ќе се најде начин тие да се надминат затоа што Законот за специјално јавно обвинителство нè овластува да ги истражуваме предметите што произлегуваат од незаконски прислушуваните материјали, од една страна, и фактот дека ние сме единствените кои ги имаме незаконски прислушуваните материјали и врз основа на нив одлучуваме што е во наша надлежност“, појасни обвинителката Ленче Ристоска.

Таа верува дека ќе се изнајдат механизми за соработка и разбирање со Советот на јавни обвинители.

Од друга страна, пак, Советот на јавни обвинители денеска ги разгледувал барањата на Јанева упатени до Основното јавно обвинителство Скопје и до Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за воспоставувањето на надлежноста над повеќе предмети.

„Јавната обвинителка е повикана на седницата на Советот за да се произнесе и да ги направи веројатни околностите врз основа на кои ја темели својата надлежност во сите предмети кои се побарани од нејзина страна. Ќе треба да даде релевантни податоци од каде го црпи нејзиното барање за воспоставување на стварната надлежност над предметите, од што произлегува и кои се тие околности дека истите се поврзани и произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите“, истакна претседателот на Советот, Петар Аневски.

petar-anevski-1.jpg

Аневски потенцираше дека е нужно присуството на обвинителката Јанева, а доколку не дојде, како што вели Аневски, ќе им ја олесни работата, односно тие најверојатно ќе донесат негативна одлука.

„Како негативен е оценет и Извештајот за шестмесечната работа на Специјалното јавно обвинителство, кој Советот го доби на 15 март“, рече Аневски и најави дека ќе даде детали преку соопштение.

Аневски додаде дека денеска го добиле и предметот „Шпион“ за кој, исто така, треба да се произнесат дали е во надлежност на СЈО.

Специјалната јавна обвинителка денеска потврди дека, со решение од 25.3.2016 година, воспоставиле надлежност и над овој предмет и во оваа насока од Апелациониот суд Скопје побарале да им биде доставен овој предмет со сите списи заради натамошно постапување и одлучување.

Обвинителката Ристоска појасни дека во постапката по жалба Специјалното јавно обвинителство ги има истите овластувања како и вишиот јавен обвинител.

„Ние го презедовме тој предмет бидејќи од самите материјали произлезе дека тој предмет е поврзан, односно произлегува од незаконското прислушување и пред да преземеме конкретни дејствија, би било непрофесионално да кажуваме какви конкретни дејствија ќе преземеме“, додаде Ристоска.

Седницата на Советот, на која е поканета Јанева, е закажана за во среда.