/ Прочитано:

1.233

За применлива легислатива, компаниите бараат со свои предлози да бидат вклучени во подготовката на законите

Сојузот на стопански комори на Македонија предлага пакет од 75 мерки за спроведување на структурните економски реформи во Македонија.

Пакетот мерки, кој е доставен и до Владата на РМ, е структуриран во неколку категории и секоја од предложените мерки е утврдена врз основа на соодветна анализа, позитивни деловни практики и компаративни искуства во соодветната област.

Заеднички приоритети за сите сектори, вели Даниела Арсовска, претседател на ССКМ, се  вклучувањето на деловната заедница како засегната страна со свои предлози и мислења во измените и носењето на законските решенија за да може да постои применлива легислатива.

„Понатаму, да се воспостави систем на работа на инспекциските служби при што мора да постојат точно утврдени акти поделени по сектори за тоа која документација е потребно да ја поседуваат компаниите, за да се овозможи простор за саморегулација и за да се превенираат репресивни мерки и казнувања. Трето и најважно е регулирање на неформалната, односно сивата економија, која не придонесува во буџетот, а во исто време е нелојална конкуренција на легално регистрираните субјекти. Во врска со ова прашање, од страна на институциите би се понудиле две можности на оние кои нерегистрирано работат, или да се спречи да вршат нерегистрирана дејност или да се регистрираат и легално да вршат дејност и да плаќаат даноци“, истакнува Арсовска.

Економските мерки, додава Арсовска, доколку се имплементираат во целост, ќе бидат во насока на хармонизација со препораките на ЕУ за неопходноста од спроведување на структурните реформи кои треба да обезбедат повисока стапка на раст на долг рок. Исто така, Арсовска додава дека во корелација со предложените мерки, важно е и прашањето за  ефикасната администрација на централно и локално ниво.

M.В