ЗА ШЕКСПИР И ПРАВОТО: Интервју со проф. д-р Драги Михајловски
Тие што не ја бараат правдата, а вешто ја користат правната терминологија, се лоши правници и обични манипулатори. Добар е само оној правник што и беспрекорно владее со правната терминологија и се стреми, поучен од писателите како Шекспир, кон квалитетно постигнување правда, вели во интервјуто за Академик, Драги Михајловски, универзитетски професор, писател и преведувач кој на македонски јазик ги преведе сите драми и сонети од Вилијам Шекспир.
Професоре Михајловски, според истражувањата на кои посочува угледниот „Економист“, Шекспир е најцитираниот автор од страна на адвокатите во судските процеси во САД и во Англија. Како одличен познавач на делата на Шекспир, за кои имате направено и епохален превод што ги опфаќа сите негови драми и сонети, би ни посочиле ли што е она што го прави Шекспир толку интересен за правото и какви пораки, во таа смисла, упатуваат неговите дела?
Малку е чудно што во начело две спротивни науки, правото, кое главно се заснова на чиста логика, и книжевноста, која предоминантно се базира врз алогичности и аграматикалности со цел да се изгради таканаречената литерарност што едно дело го прави посебно, препознатливо, или со еден збор уметничко, се доведуваат во ситуација да се споредуваат, па дури и да се мешаат едно со друго. Ваквата дихотомија или оксиморонска спротивставеност на овие две области, тера да се обидеме да откриеме, макар и кусо, во рамките на овој разговор, во што е работата или да речеме народски, каде се крие зајакот, со оглед на многуте книги, написи напишани, претежно, од универзитетски професори или конференции одржани на оваа мошне скокотлива тема, главно на факултетите од англосаксонското говорно подрачје. Значи, Шекспир и правото. Дали има некаква врска помеѓу овие две, во основа, спротивставени дисциплини? Кај големите мајстори на книжевноста, а Шекспир, секако, е еден од врвните, несомнено има. Правото отсекогаш се стремело кон правото засновано врз логика, а правдата „што бега низ пенџере!“ кога правото влегува во судницата, е нешто сосема друго, концепт што отвора место за користење на прсиплева, како што рековме, аграматикалности (на синтаксичко, морфолошко, лексичко, фонолошко и други рамништа!), како и едночудо алогичности (силни и слаби фигурални решенија од типот на метафори, оксиморони, синегдохи итн…) Книжевноста, од примерот на Шекспир може да се види, влече кон изнаоѓање на правдата при што си дозволува, без многу додавања или одземања, да користи множество правни термини. Значи, уметникот само го употребува правото од чисто формален, според моето скромно мислење, аспект за да ја постигне својата крајна цел: задоволување на правдата која најчесто е апстрактна и недостижна категорија. Кај слабите автори речиси и нема постигнување на правдата, додека кај вистинските, врвните, оние како Шекспир, на пример, има. Затоа велиме дека првите се неуспешни, а вторите успешни! На кој начин ова се остварува кај Шекспир? На пример, во одличната комедија The Comedy of Errors (Комедија на грешки) по правда ликот Егеон треба да умре затоа што не може да ја плати сумата утврдена со договор до крајот на денот, а судот решил секој да плати со својот живот ако го фатат на туѓа територија, односно во некој од скараните градови, но правдата која Шекспир, преку ликовите на близнаците Антифол, постојано ја бара и кон која несомнено се стреми, на крајот од драмата ќе го спаси Егеон и ќе донесе помирување меѓу разјадените страни. Така е, речиси, во сите триесет и седум драми за кои се смета, според внатрешните и надворешните податоци, дека автор или коавтор (во раните или доцните драми!) е Вилијам Шекспир (1564-1616 година!) Правото и правдата, книжевноста и правото се во едно неизбежно двојство. Само врвните автори како Шекспир постојано, небаре во некаква драмска бајка, ја бараат и интертекстуално успеваат да ја најдат или да дојдат до вистината која е крајна цел (барем теориски!) и на правниците и на писателите. Кај Шекспир, ако се работи за комедија, на крајот сите се задоволни од најдената правда или вистина, а ако станува збор за трагедија, на крајот сите плачат зашто најдената правда или вистина на главните ликови им донела смрт. Во која било комедија на Шекспир има компромиси со смртта, а во која било трагедија нема, иако правдата е задоволена. Во комедијата The Merry Wives of Windsor (Веселите жени од Виндзор) на пример, патот до правдата и вистината е толку јасен што има сцена во која актерите сами го повикуваат да дојде господинот Резил зашто одамна го нема на бината, а е битен фактор за понатамошна разврска на врзаното дејство.
Во универзитетското образование за правниците во Велика Британија, постојат и програми и модули за изучување на Шекспир. Што може и што треба да научат правниците од книжевноста, особено од творештвото на Шекспир?
Кај нас, па и во светот, раширено е мислењето дека книжевноста е импровизација, односно дека до правдата или до вистината (цел на книжевноста, но и на науката за правото!) се стига прекутрупа, без акумулирано знаење што содржи еден куп научени техники. Но се лажат. Прецизноста е мајка на книжевноста, таа е математика и секој што сака да се занимава сериозно со книжевност треба да биде прецизен, точен, јасен, да не импровизира, а не да испадне на крајот празен, нејасен, маглив, мрглав. Писателите, ако веќе употребуваат во развивањето на своите дела правна терминологија, треба да ја знаат како Шекспир, детално, за да можат дури да играат со неа, а правниците треба да научат убаво и привлечно да пишуваат, да бидат точни и недвосмислени (што е многу тешко во услови кога јазикот сѐ повеќе се развива и зборот добива свои хомонимни варијанти!), со мисла дека крајна цел на примената на правото е достигнување на правдата, а не само суверената употреба на правната терминологија. Тие што не ја бараат правдата, а вешто ја користат правната терминологија, се лоши правници и обични манипулатори. Добар е само оној правник што и беспрекорно владее со правната терминологија и се стреми, поучен од писателите како Шекспир, кон квалитетно постигнување правда. За таа цел, правниците треба да се богатат со знаења и техники изложени во делата на добрите писатели, а писателите треба, ако веќе користат правна терминологија, да го проучат правото, како функционира тоа, и да ја знаат детално правната терминологија која секогаш има свои специфичности. Никако не смее да се импровизира. Читателот мора да мисли дека ликот во делото ја знае детално правната терминологија што писателот посветено ја учел и ја научил. Без исполнување на овие услови, нема ни добри писатели, ни добри правници.
Литературата, филозофијата, социологијата, етиката, се дел од образовните програми за правосудството во многу европски земји. Акцентот се става на овие области токму заради градењето на правната култура во правосудството. Голем дел од судиите велат дека читањето на Шекспир, Кафка или Достоевски им помогнало да дојдат до аксиолошката основа на правото и етиката. Како професор и писател, сметате ли дека изучувањето на творештвото на овие автори влијае или би влијаело врз степенот на правната култура и етиката?
Секако. Со читањето на делата од овие врвни автори и се зголемува степенот на правната култура и многу се учи и се крева рамништето на моралните вредности. Сигурен сум дека автори како овие што ги набројавте, пред да ги напишат своите најдобри дела, проучиле многу правни случаи и го извлекле оттаму она што им треба, а најчесто тоа била правната терминологија. Не случајно најдобрите дела на овие автори имаат „правни“ наслови како Злосторство и казна на Достоевски, Процес на Кафка или Мера за мера на Шекспир. Познато е и дека еден голем мајстор како Толстој ја проучувал состојбата во руските затвори и казнената политика на власта пред да го пушти да помине низ таа голгота Нехљудов, главниот лик од неговиот последен, ако не и најдобар роман со, не без причина, христијански наслов Воскресение. Но да се вратиме на Шекспир. Ќе го земеме за пример она што тој го научил од правниците, а можеби и од Платон и неговата Држава (иако Борхес вели дека знаел малку латински, а уште помалку грчки!) Шекспир, секогаш кога составува идеална држава, а тоа, колку што мене ми е познато, го прави двапати: еднаш во Хенри Шести: втор дел и еднаш во неговата, најверојатно, последна драма Луњата, редовно постулатите за една идеална, утописка држава, ги кажуваат неомилени одметници (Хенри Шести: втор дел) или пијаници (Луњата). Зошто е тоа така не навлегуваме овде, само ќе кажеме дека Шекспир е автор кој вешто избегнувал да се судри со власта или поточно со кралицата Елизабета Прва која, во негово време, ја држела речиси целата власт во свои раце и била моќна да ја спроведе во дело кога и да посакала. Оттука, употребувал иронија, односно по секое сериозно кажување на едниот лик, настапува друг кој зборувајќи настрана, го дерогира кажаното и сѐ се претвора во една тешка фарса. На пример, овој дијалог од драмата Хенри Шести: втор дел во кој водачот на востаниците Џек Кејд е исмеван од касапинот не само за потеклото, туку и за сето она што ќе го направи кога ќе стане крал. На тој начин се осигурува саканата безбедност на авторот:
Барабан. Влегуваат Кејд, касапинот Дик,
ткајачот Смит, еден бичкиџија и неопределен
број други
Кејд. Ние, Џон Кејд (Качето), наречени така по
оној што може да го наречеме наш надреден
татко,-
Касапинот (настрана) Или поточно по оној што
ни дигна Каче харинга.
Кејд. Зашто нашите душмани ќе паднат пред нас
кои вдахновени од духот на падот на многумина
владари и кралеви – заповедавме тишина.
Каспинот. Тишина!
Кејд. Татко ми беше Мортимер, –
Касапинот (настрана) Беше чесен човек и добар
ѕидар.
Кејд. Мајка ми беше Плантаженет,-
Касапинот (настрана) Добро ја познавав; беше
бабица.
Кејд. Жена ми потекнува од Лејзи, –
Касапинот (настрана) Навистина беше од семејство
на торбар и продаваше разни тантели.
Ткајачот (настрана) Но не и во последно време,
зашто немоќна да патува со својата преполна
торба, таа останува дома и пере алишта,
Кејд. Затоа јас водам потекло од чесен дом.
Касапинот (настрана) Да, навистина, и ливадата
е чесна околина, и таму е тој роден, под една
ограда; зашто татко му никогаш немал куќа туку
колиба.
Кејд. Храбар сум јас.
Ткајачот (настрана) И мораш, зашто на
просјаштвото му треба храброст.
Кејд. Јас сум способен да издржам многу.
Касапинот (настрана) Нема тука двоумења зашто
сум го видел со свои очи како го камшикуваат три
пазарни денови.
Кејд. Не се плашам ни од меч ни од оган.
Ткајачот (настрана) Не треба ни да се плаши
од меч зашто палтото со витешки грб му е
непробојно.
Касапинот (настрана) Но ми се чини дека треба
да се плаши од оган, зашто раката му е изгорена
што сакал да краде овци.
Кејд. Значи, бидете храбри; зашто вашиот вожд е
храбар и се колне дека ќе изврши реформација. Во
Англија седум од лебовите од по половина пени,
ќе се продаваат по цел пени; пехарите ќе бидат
трипати поголеми; ќе го сметам за престапен секој
оној што ќе пие мало пиво. Цело кралство ќе ни
припаѓа на сите, и само во Чипсајд ќе си го пасеме
коњот. И кога ќе станам крал, како што ќе бидам
крал –
Сите. Бог да го чува и да го брани вашето
величество!
Кејд. Ви благодарам, добри луѓе – ќе нема пари;
сè ќе се јаде и пие на моја сметка, и сите ќе ги
облечам во иста ливреја, и ќе се сложуваат како
браќа, и ќе ме признаваат за нивен единствен
владар.
Касапинот. Прва должност ќе ни биде да ги
убиеме сите правници.
Кејд. Тоа и јас сум наумил да го сторам. Зар не е
работа за жалење, од кожата на едно невино јагне
да се прави пергамент? А со ова парче пергамент,
малку нашкрабано, да се убие човек? Некои велат
дека пчелата боцка; но јас велам, восокот боцка, а
еднаш јас лично запечатив една работа и оттогаш
не сум свој господар.
Или во драмата Хамлет во која Шекспир, во една морбидна атмосфера во која гробарите ископуваат черепи на гробишта, си игра мајтап со правната професија:
Исфрла уште еден череп
Хамлет. Еве уште еден. Зошто ова да не е череп
на некој адвокат? Кај му се сега сите негови
надмудрувања, закачки-макачки, ситничарења,
увиди, хипотеки и сплетки? Зошто трпи овој
недоделкан силеџија да го мава по тиква со
калливата дурија без да го репне со тужба
за физички напад? Хм, типов во свое време
можел наголемо да купува земја, со должнички
признаници, облигации, тапии, двојни гаранции,
покритија. Дали ова му е тапија за тапиите и
покритие за покритијата, што главата со тапија му
е полна тапии од кал? И зошто гаранциите да не
му гарантираат барем двојно од сѐ што изнакупил
туку да го сведат на само една должина и ширина
од два поседовни листа? Одвај купопродажните
договори му ги собира во ќиурот камоли да остане
нешто за купецот. Не останува, не?
Хорацио. Ни ронка, принцу.
Хамлет. Зар пергаментот не се прави од овча
кожа?
Хорацио. Да, принцу, и од телешка.
Хамлет. Овци и телиња се сите што веруваат во
правни документи. Ќе зборувам со типов.
И за правото на наследство големиот Шекспир има свој коментар. Еве еден извадок што го говори Едмунд, незаконитиот син на грофот Глостер, од драмата Кралот Лир:
Едмунд. Природо, ти си мојата божица. На твојот
закон
должен сум да ти служам. Зошто треба
да страдам од чумата викана адет и да дозволам
обични ситни души од правото да ме лишат
само затоа што дванаесетина или четиринаесетина
месеци
сум стасал по брат ми? Зошто копиле? Зошто
порочен,
кога телото ми е од исто добра градба,
умот исто благороден, а на лик сум сосем
ко рожба од чесна дама? Зошто нѐ жигосуваат така
со „порочен”, со „порочност, копилство – порочен,
порочен”
нас што во похотната кражба на природата
примаме
подобри гени и помоќна снага
одошто во здодевната, бајата, заморна постела
се троши на создавањето еден куп будали
зачнати меѓу сонот и јавето? Затоа велам,
законит Едгар, ќе ја имам твојата земја.
Љубовта на таткото е за копилето Едмунд
како што е за законитиот. Убав збор „законит”.
Е па, господине законит, ако писмово успее
и планот ми се оствари, порочниот Едмунд
ќе стане законит. Јас растам, успевам!
Сега богови, копилињата помогнете ги!
И токму од овој монолог на Едмунд почнува неговата голема ујдурма за да стигне до високи позиции во англиското општество. И многу други примери раскажуваат во драмите на Шекспир, за узурпација на власта (Ричард Трети) незаконски погубувања на владари ( Ричард Втори), граѓански војни (Хенри Шести, бунтови (Кориолан), користољубиви убиства (Макбет), а во трагикомедијата Венецијанскиот трговец, на пример, дури е прикажано цело едно судење пред венецијанскиот дужд во кое виновник испаѓа Евреинот Шајлок затоа што антисемитско е целото расположение во тогашното шекспировско, односно елизабетанско општество. И речиси сите други драми на Шекспир нудат материјал за учење од страна на правниците, како што и сите или речиси сите книги напишани од правници располагаат со граѓа потребна за градење на приказната во едно дело напишано од писател.
Во Македонија често се случуваат „драматични“ општествени ситуации околу носењето на некои закони или судски одлуки. Како ги доживувате како писател и како мислите дека тие влијаат врз општеството?
Трауматично и негативно. Како и зошто стигнавме дотаму да го коментираме секое носење на нови закони или судски одлуки, не знам. Веројатно од спуштеното ниво на кредибилност. Не дека за некои работи не сме во право, но грев е да се смета дека сме најпаметни и дека можеме да им се мешаме во работата на правниците. Јас сум за тоа секој да си ја врши работата за која учел. Ако има нешто спорно, правниците меѓусебно нека си ја решат работата. Што има сите, и уки и неуки, за тоа да им се мешаме. Друго е ако некој не учел, а се пика во работа за која не е ниту способен ниту некогаш учел. Вака, секако, тешко паѓа кога сите се прават умни. Народот вели: многу баби, детето килаво!
Кога сме веќе кај законите, каков е вашиот став во врска со новите решенија за високото образование, за кои протестираа студентите?
За жал, мојот став од две илјади и четврта година, кога бев колумнист на весникот „Дневник“, па наваму воопшто не е променет и е спротивен на она што го гледаме денеска: државни факултети со квалитет, но без пари, приватни факултети со пари, ама без квалитет, општ распад на системот на високото образование итн… Велам за жал бидејќи само тврдоглавите, глупите и необразованите, не растат и не се менуваат, односно остануваат таму каде што пред дванаесет години си биле. Би сакал да е денеска поинаку, ама не е. Две илјади и четврта година, а подоцна и во еден разговор објавен во порталот „Телеграф“, реков и сѐ уште стојам на тоа дека добро решение за нашето високо образование би било формирање на еден универзитет! Убеден сум дека ние сме малоброен народ и мала држава и немаме интелектуалци ни за тој еден Универзитет, а камоли за многуте што постојат насекаде низ државата! За да се избегне понатамошното уривање на квалитетот на наставно-научниот кадар, потребно е сите македонски интелектуалци да се соберат на едно место, во еден Универзитет. Тој Универзитет воопшто не мора да биде во Скопје, туку некаде кај локалитетот Стоби каде што би се направил, по примерот на Оксфорд, Кембриџ и други универзитети во САД, универзитетски град со парите што би се добиле од продажбата на сегашниов имот на универзитетите. Во тој студентски град би живееле и на тој Универзитет би студирале сите заинтересирани од целата држава (врските отсекаде се одлични!), на македонски, албански и англиски јазик (освен на Филолошкиот!), а по завршувањето студентите би се враќале во градовите од кои дошле! На тој начин ќе им се обезбеди еднаков старт на сите, а зијан би имале само рентериерите во градовите каде што сега се студира и врскаџиите! Во Стоби постојано би живеел само техничкиот персонал! По пензионирањето и професорите би можеле да се враќаат во родниот град или каде што ќе сакаат да живеат ако имаат средства за тоа! Вака изгледа како еден голем, неостварлив сон, но ви тврдам дека секое важно остварување тргнува од еден обичен сон! И Мартин Лутер Кинг вели, пред да го убијат, дека имал сон за пониженото афроамериканско бројно население. Ова го кажал во 1968 година или порано, не сум сигурен, а видете како стојат работите денес. Сите Афроамериканци се барем формално слободни, ги уживаат сите права како и белите жители на САД, имаат свој претседател. Незамисливо во 1968 година…
Тргнувајќи од Кантовото гледиште дека суверенитетот на една земја произлегува од суверенитетот на читателската јавност, колку литературата треба да биде рефлексија и укажување на општествените апсурди, но и сатиричен бастион за одбрана на културните вредности?
За жал, денеска општеството ни е толку презаситено со апсурди што книжевноста за апсурдното одамна загуби секаква смисла. Дали книжевноста може да ја надмине апсурдноста на стварноста и како да го направи ова? Се поставува дури и прашањето дали воопшто има смисла книжевноста? И сатиричното гледање на реалноста полека ја губи смислата. Сѐ полека губи смисла! Дали има надеж или и ние бавно, но сигурно стануваме дел од сеопштото европско расположение поврзано со чувството на безнадежност, изумирање што доаѓа од растечката присутност на белата чума? Ќе видиме. Има уште време и уште надеж за луѓето што останаа да живеат на ова парче земја! Што сме му згрешиле на Горниот што вака решил да ни го дотера умот? Да не ни дојде умот кога ќе ни сјојде кумот? Но среќа, вели нашиот Цепенков, „Правдата се тенчи, ама не се кини!“ И треба да му веруваме. Нему, на сите наши предци. Оти никогаш не згрешиле. Никогаш!
М.В / veljanoskim@akademik.mk