За справување со насилството врз децата потребна е сеопфатна мобилизација на јавноста
Половина од децата во светот искусиле физичко, психолошко или сексуално насилство. Насилството врз децата е глобален проблем присутен во сите земји, и кај богатите и кај сиромашните семејства. Затоа е потребно фокусирање на овој проблем, како и на проблемот со сиромаштија кај децата и заедничка борба на граѓанскиот сектор, институциите и религиските заедници.
Ова е пораката што ја упатија дел од учесниците на денешната меѓународна конференција на тема „Крај на детската сиромаштија и насилството врз децата“, во организација на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.
Според Фред Нијабера од „Аригато интернационал“ од Најроби, Кенија, кој е и директор на Иницијативата за крај на детската сиромаштија, потребен е тристран пристап во справувањето со овие проблеми.
Прво, рече, треба да се види каде се пропустите и проблемите, потоа тие да бидат мотив за менување на политиките за решавање на проблемот, како и воспоставување социјални промени.
„Потребна е промена на политиките, но и промена на свеста, луѓето треба да размислуваат поинаку. Не е доволно само истражување, лоцирање на проблемите и менување на политиките, туку треба да се организираме сите заедно да направиме нешто повеќе во сопствените организации и институции. Сите заедно можеме да ја намалиме или да ја искорениме детската сиромаштија или насилството врз децата“, рече тој.
Драги Змијанац, директор на „Меѓаши“, истакна дека е потребна мобилизација на јавноста, на граѓанските организации, на верските заедници и на државата за сеопфатно справување со детската сиромаштија и со насилството кои, како што рече, ги погодуваат децата во сите земји во светот.
„Вклучување на децата во образовниот систем, со решавање на егзистенцијалните проблеми на нивните семејства и превенирање насилство за да нема трајни последици по психофизичкиот развој на децата се дел од начините за справување со проблемите, рече Змијанац.
На дводневната конференција учествуваат учесници од 10 држави од Европа и претставници на „Аригато интернационал“ од Кенија. Целта е да се разменат искуства и да се креираат и предложат решенија за справување со овие проблеми.