/Прочитано:

712

За тужбата со која се иницира судска постапка како actio popularis

Судската постапка иницирана како actio popularis се поведува со тужба во која како тужители се јавуваат здружение или здруженија на граѓани, а основата е утврдување на дискриминација врз основа на определена заштитена карактеристика на поголема група луѓе, образложуваат Неда Чаловска од Хелсиншкиот комитет и Славица Чубриќ од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, авторки на анализата „Користење на actio popularis во случаи на дискриминација“.

???

Тужбата, истакнуваат авторките Чаловска и Чубриќ, мора да содржи детални податоци за работата на здружението/здруженијата на граѓани во заштитата на принципот на еднаков третман или податоци за работата, односно заштитата и унапредувањето на правата на конкретната група луѓе. Ваквите податоци се неопходни за да се покаже оправданиот интерес на здружението на граѓани за заштита на интересите на одредена група, односно заштитата од дискриминација.

На пример, кога се поведува actio popularis судска постапка за огласите за вработување што можат да бидат дискриминаторски врз различни основи, здружението на граѓани што работи на заштита на правото на еднаков третман може да иницира actio popularis судска постапка за утврдување дискриминација во огласите за вработување и да бара од судот да се преземат дејства за отстранување на дискриминацијата или нејзините последици во однос на членовите на групата. Исто така, actio popularis судска постапка може да поведе и здружение на граѓани што работи со конкретната група на различни начини, ги штити нејзините интереси и работи на унапредување на нејзиниот статус во општеството.

Понатаму, се вели во анализата „Користење на actio popularis во случаи на дискриминација“, тужбата мора да содржи факти што даваат основан сомнеж, односно треба да сторат веројатно дека во конкретниот случај се врши дискриминација од страна на тужениот. Овој дел се однесува на товарот на докажување, што и во actio popularis постапките треба да биде префрлен на страната на тужениот, по утврдување на prima facie случај на дискриминација. Врз основа на ова, тужбата треба да содржи податоци од анализи, извештаи, документирани случаи, сведоци, статистички податоци. Дополнително, тужбата содржи и одредени докази, на пример исечоци од весник каде што има одредена дискриминаторска содржина, снимка од прилог, емисија, или пак друга содржина емитувана на радиодифузер добиена од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми.

На крајот од тужбата треба да се истакне барање за да се утврди дека постапувањето на тужениот го повредило еднаквиот третман во однос на членовите на групата, да се забрани преземање дејства со кои се крши или може да се прекрши еднаквиот третман, односно да се извршат дејства со кои се отстранува дискриминацијата или нејзините последици во однос на членовите на групата. Исто така, може да се бара пресудата со која е утврдена повреда на правата на еднакво постапување да се објави во медиумите на трошок на тужениот.

Особено е важно, нагласуваат Чаловска и Чубриќ, петитумот на тужбата да биде точно и јасно прецизиран со цел судот да може да донесе одлука со која ќе бара конкретни дејства за да се забрани преземање дејства со кои се крши или може да се прекрши правото на тужителот на еднакво постапување, односно да се извршат дејства со кои се отстранува дискриминацијата или нејзините последици. Конкретното уредување на петитумот на тужбата е особено важно во случаите на системска дискриминација, каде што треба да се преземат повеќе дејства од страна на државата за да се отстрани дискриминацијата.

„На пример, во случаите на сегрегација во образовниот процес не е доволно судот само да го утврди постоењето на сегрегација туку и да наведе кои дејства треба да се преземат од страна на државата за да се оствари процесот на десегрегација. Со оглед на фактот што ЗСЗД во членот 41 став 4 предвидува дека тужбата е дозволена доколку постои согласност од лицето кое тврди дека е дискриминирано, без притоа да ја наведат формата во која таа согласност треба да биде дадена, тужителите треба да одлучат дали ќе достават ваква согласност со поднесувањето на тужбата во писмена форма, дали ќе искористат поинаков начин за поднесување на ваква согласност или ќе бараат од судот да не бара согласност од едно лице поради тоа што тужбата се однесува на поголем број лица, во најголем број случаи неидентификуван број лица. Во единствениот случај на судска постапка иницирана како actio popularis за сегрегација на деца Роми, тужителите одлучија да не поднесуваат согласност од лице кое тврди дека е дискриминирано поради тоа што се работи за поголема група лица и нивниот број не е идентификуван. Првостепениот суд одлучи да ја отфрли вака поднесената тужба поради законската обврска за поднесување согласност од жртва на дискриминација, поради што предметот е во жалбена постапка пред второстепениот суд (подетално можете да прочитате во делот од анализата со наслов Студија на случај)“, се образложува во анализата „Користење на actio popularis во случаи на дискриминација“.

Потребни се законски измени за доследно користење на actio popularis во случаите на дискриминација

М.В