/ Прочитано:

2.083

За влез во трговски центри кои се затворени задолжително треба да се покаже сертификат за вакцинација или потврда за прележан ковид-19

На прес-конференцијата портпаролите на Владата информираа дека, во согласност со препораките од Комисијата за заразни болести, Владата ги донесе најновите мерки, протоколи и препораки за заштита на здравјето на населението, кои стапуваат во сила од денеска.

Во согласност со препораките, Владата донесе одлука без разлика на капацитетот, дали е голем или мал, за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, ресторани, обложувалници и казина, како и за влез на концерти, свадби, спортски настани и воопшто за сите организирани настани на отворено, но и за влез во трговски центри кои се затворени, задолжително треба да се покаже:

  • сертификат за вакцинација, односно примена најмалку прва доза вакцина против заразната болест ковид-19 или
  • потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето за лица над 18-годишна возраст.

Во сите угостителски објекти опфатени со оваа мерка каде што капацитетот е поголем од 30 гости, задолжителнo e воспоставување редарска служба за контрола и спроведување на мерката. А за оние со помал капацитет, под 30 гости, контролата е должност на редовно вработените лица во угостителскиот објект.

Останува забраната за организација на свадби, веселби и прослави во објекти од затворен тип, додека друг тип на настани на затворено и натаму може да се организираат со исполнетост до 30% од капацитетот.

Од 1 септември 2021 година домашни и странски државјани ќе можат да влезат на територијата на Република Северна Македонија доколку претходно на граничниот премин приложат:

  • сертификат за извршена целосна имунизација (со две дози на вакцина против заразната болест ковид-19);
  • сертификат/потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето или
  • медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР-тест, направен 72 часа пред влез на територијата на Република Северна Македонија.

За нашите граѓани кои ќе се враќаат во земјата по 1 септември, а немаат ПЦР-тест, или потврди за примена вакцина или за прележан ковид-19, ќе се одреди мерка карантин од седум дена домашна изолација.

Владата, исто така, донесе одлука учебната 2021/2022 година да започне со физичко присуство, со полн капацитет, според утврдените и донесени протоколи.

Портпаролите информираа дека исклучоци од оваа одлука може да се однесуваат на деца со ретки болести или попречености, деца кои доаѓаат од семејства со хронично болни, по барање на родителите, како и други немедицински причини со дозвола на училиштето.

Најновите рестриктивни мерки, протоколи и препораки

Новите заклучоци на Главниот кризен штаб во врска со рестриктивните мерки

Новите мерки на Владата за превенција и заштита од коронавирусот основа за дискриминација во остварување на човековите права и слободи

Соопштение на Владата во врска со новите рестриктивни мерки

М.В