/ Прочитано:

1.217

За зголемена транспарентност и доверба, Судскиот совет треба да ги образложува своите одлуки аргументирано

Институтот за човекови права денеска одржа отворена дебата на тема „Транспарентноста и отчетноста на Судскиот совет во функција на јавниот интерес – презентација на работата на Судскиот совет на РМ за периодот од август до ноември 2017 година“. На настанот се промовираше четвртиот квартален извештај за работата на Судскиот совет и Советот за утврдување на факти за периодот август – ноември 2017 година.

Отчетноста, се вели во Извештајот, се осигурува доколку институциите и носителите на јавни функции работат во интерес на јавноста и доколку се спречува работењето за лични интереси. Отчетноста не подразбира само отчетност пред друга институција, туку уште поважна е отчетноста кон граѓаните.

„Заради тоа, Судскиот совет на РМ треба да ги образложува своите одлуки аргументирано со цел зголемување на довербата на граѓаните во ова тело и заради намалување на постоењето на каков било сомнеж за неговите одлуки. Во насока на зголемена транспарентност, Судскиот совет, почнувајќи од јули 2017 г., своите одлуки за избор на претседатели на судови и судии започна да ги објавува навремено, донесените одлуки се пообразложени за разлика од претходната практика, а одлуките со кои се изврши последниот избор на судии се посодржајни, со повеќе објавени елементи од биографиите на кандидатите, како и со табели со бодови за кандидатите, што досега не било случај. Но, и покрај тоа, во одлуките не се содржани елементи на отчетност кон граѓаните, што подразбира одлуките да содржат и причини зошто некој кандидат не е избран за судија или за претседател на суд иако бил рангиран погоре на листата од избраниот кандидат. Иако во законот не е категорично посочена таа обврска, детално напишаните одлуки би го задоволиле јавниот интерес и би ја зголемиле довербата во работењето на членовите на ССРМ“, се истакнува во Извештајот.

Во кварталниот извештај се вели дека, за разлика од претходните избори на судии, одлуките за избор од месец ноември содржат информации за сите кандидати кои биле пријавени, со бројот на бодови од оценувањето од претходната година, со кратките податоци од биографијата, со годините на стаж и со процентот на изразена поддршка од вработените во судот во кој кандидатот ја извршува судиската функција, врз основа на анонимно спроведена анкета за секој кандидат поединечно.

Од анализата на одлуките за избор на судии во повисок суд, кои се целосно објавени на интернет-страницата, не може да се утврди по кој принцип биле рангирани кандидатите што имале ист број бодови бидејќи постојат рангирања со кои од двајца кандидати со ист број бодови од оценувањето од претходната година прворангиран е кандидатот што има помалку години стаж и/или помалку проценти на изразена поддршка од вработените во судот. Одлуките за избор на претседатели на судови, во случајов претседатели за АС Штип, ОС Куманово, ОС Тетово и ОС Ресен, содржат само број на бодови од оценувањето на кандидатите. Во сите овие случаи избран е првиот кандидат на листата кој има највисок број бодови од оценувањето. Додека одлуката за избор на претседател на Основен суд Скопје 1 Скопје, каде што е избран шестиот кандидат од вкупно седум рангирани кандидати, содржи подетални информации за сите кандидати, како: бројот на бодови, судовите во кои работат, биографиите и судискиот стаж. При изборите од претходните години, изборот на претседатели на судови се вршеше во согласност со бројот на добиени бодови од оценувањето, така што кандидатот што има највисок број бодови во однос на другите пријавени кандидати ќе се избере за претседател на суд. Аналогно на тоа се избираа и судиите во повисоките судови“, се нотира во Извештајот.

При изборот на судии, во ноември 2017 г., за време на нивното претставување на седницата од страна на членовите на Комисијата, покрај бројот на бодови беа презентирани и другите критериуми набројани во членот 41 од Законот за Судскиот совет.

„Ако досега секогаш се избираа кандидатите кои имаа најголем број бодови, во овој случај се избираа кандидатите кои, во согласност со ранг-листата, не се со најголем број бодови. Така, во случаите кога првиот кандидат не го доби потребното двотретинско мнозинство гласови, се пристапи кон редоследен избор на кандидатите по ранг-листата. Воедно, откако еден кандидат за судија ќе го добие потребното двотретинско мнозинство гласови, не се продолжуваше со гласање за останатите кандидати кои се на ранг-листата за судија, туку тој кандидат се прогласуваше за избран. Во некои случаи за првпат членовите на Судскиот совет ги истакнаа процентите на добиената поддршка од спроведената анкета, годините на стаж и програмата за работа при изборот за претседател на суд за битни елементи поради кои за одреден судија ќе гласаат ‘за’, но немаше образложение зошто за одредени судии ќе се гласа „против“, иако имаат поголем број бодови, повеќе години стаж и поголем процент на поддршка. Како одговор на прашањето: Зошто нема образложение за гласањето ‘против’, дел од членовите истакнаа дека во моментот на изборот тоа не претставува законска обврска“, посочуваат од Институтот за човекови права.

За избор на судии за Врховниот и Апелацискиот суд, додаваат од Институтот во Извештајот, иако беше објавен оглас за 2 судии во Врховниот и 4 во Апелацискиот суд и иако на огласот беа пријавени 7 судии за Врховниот и повеќе од 50 за Апелацискиот суд Скопје, кои ги исполнуваа условите во согласност со законот, сепак, за Врховниот суд е избран само еден судија, и тоа од листата на кандидати според принципот на правична и соодветна застапеност иако имаше потреба од двајца судии, а во Апелацискиот суд од потребни 4, избрани се тројца судии.

„При голем број пријавени кандидати за судии, со усвоени ранг-листи, Судскиот совет сепак не ги пополни сите потребни судиски места во согласност со претходно објавените огласи, со што се доведува во прашање ефективноста и ефикасноста на Судскиот совет бидејќи во наредниот период ќе треба да ја повтори постапката за избор на судии“, се вели во Извештајот.

Претседателката на Институтот за човекови права на денешната презентација на Извештајот истакна дека може да се види одреден напредок во транспарентноста на Судскиот совет, но дека таа сè уште е недоволна, особено не онака како што тоа го бараат меѓународните документи.

„Транспарентноста е потребна за да можат граѓаните да осознаат зошто еден судија е избран, а друг судија не е избран. Истото се однесува и за самите судии, кои може да бидат незадоволни од изборот, а едноставно не знаат зошто, ако  ги исполнуваат условите, не биле избрани. Транспарентноста е важна и од аспект на Стразбур“, подвлече Цаца Николовска, посочувајќи на судиите што се обратиле до Стразбур.

„Тоа што Европскиот суд за човековите права го најде, меѓу другото, е и поради таа неотчетност и нетранспарентност. Друга работа е независноста. Не може да има независно судство, ако во делот на изборот и на разрешувањето нема транспарентност и отчетност на органите и нема никаква одговорност во тој дел“, нагласи Цаца Николовска.

Во врска со Советот за факти, во Извештајот се констатира дека тој нема своја веб-страница од причина што Судскиот буџетски совет не спровел соодветна набавка за тоа. Советот за факти ги доставува извештаите за својата работа преку електронска пошта до медиумите и до Институтот за човекови права. Во изминатиот период, особено во стратешките документи на Владата, се потенцира укинувањето на ова тело.

„Претседателот на Советот за факти преку соопштенија до јавноста, доставени до медиуми и граѓански организации, комуницираше со јавноста. Поради најавеното укинување на овој орган со усвојување од Владата на Предлог-законот за укинување на Советот за утврдување факти и одговорност кај судиите, претседателот на Советот за факти достави соопштение до јавноста во кое ги наведува причините поради кои смета дека е потребен ваков орган и дава препораки за разделување на водењето на дисциплинската постапка од одлучувањето, доколку сепак се укине Советот“, се посочува во Извештајот.

М.В