За зголемување на бројот на трансплантации, потребно е подигнување на свеста кај граѓаните
Националниот координатор за трансплантација, професор д-р Аспазија Софијанова, како една од основните причини за отсуството на волја за донирање органи ја посочува сè уште недоволно развиената свест на нашите граѓани околу ова прашање, но и религиозните верувања. Исто така, ја посочува потребата од измена на постојниот закон и тоа во членот 28. Во ставот (1) од овој член стои дека делови од умрено лице заради пресадување може да се земат доколку умреното лице за време на живот изречно писмено со изјава заверена на нотар не се спротивставило на тоа.
Од 2014 година кога беа направени последните измени на Законот за зeмање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување, извршени се вкупно 8 кадаверични трансплантации. Овој термин означува земање органи од лица кај кои е дијагностицирана мозочна смрт, при што органите се сè уште здрави и секако способни да продолжат да работат во организмот на примателот. Според националниот координатор за трансплантација, професор д-р Аспазија Софијанова, во сите 8 случаи најблиските семејства на починатите лица потпишале писмена согласност дека се согласуваат да ги донираат органите. Биле земени бубрезите, а трансплантациите се извршени на Клиниката за урологија.
„Овој број на извршени кадаверични трансплантации е далеку од очекуваниот и не ги задоволува потребите на државата. Во земјава во просек годишно има околу 150-200 состојби на кома, а токму овие пациенти се потенцијални донори. Под претпоставка, ако 20% од нив донираат, тоа се 40 донори, односно 80 бубрези, со што ќе се задоволат потребите на годишниот прираст на пациенти коишто имаат потреба од дијализа“, вели професор д-р Софијанова.
Како една од основните причини за отсуството на волја за донирање органи, таа ја посочува сè уште недоволно развиената свест на нашите граѓани околу ова прашање, но и религиозните верувања. Исто така, ја посочува потребата од измена на постојниот закон и тоа во членот 28.
Во ставот (1) од овој член стои дека делови од умрено лице заради пресадување може да се земат доколку умреното лице за време на живот изречно писмено со изјава заверена на нотар не се спротивставило на тоа.
(2) По исклучок од ставот (1) на овој член, нема да се земат делови од телото на умрено лице заради пресадување доколку двајцата живи родители, односно посвоители, брачниот другар, старателот или мнозинството од живите полнолетни деца најдоцна шест часа од констатирањето на мозочната смрт дадат писмена изјава дека не се согласуваат делови од телото на умреното лице да бидат земени заради пресадување.
Според Софијанова, измените на Законот треба да бидат во неколку насоки.
„Секој човек треба да биде потенцијален донор, што значи дека во случај на мозочна смрт, по автоматизам се смета дека е донатор на органи. Секако, неопходен услов е претходнo во текот на животот доброволно да се изјасни дека ќе ги донира своите органи“, вели професор д-р Софијанова.
Како пример ги посочува некои од развиените земји каде што секое од овие лица поседува медицинска картичка со податоци за РХ-група, РХ-фактор и типизација. На овој начин веднаш може да се најде компатибилен орган за одредено лице. Според неа, неопходно е и да се изврши измена во делот кој предвидува задолжителна согласност од семејството.
„Практиката покажува дека најголемиот дел од семејствата не ја почитуваат одлуката на нивниот член да ги донира своите органи, па затоа во иднина тие не треба да бидат прашувани“, вели професор д-р Софијанова.
Според Здружението за бубрежно болни „Нефрон“, постојниот закон е солиден и применлив. Потсетуваат дека неговите решенија се преземени од законот од Хрватска која во регионот има најголем број кадаверични трансплантации по број на жители. Според сегашниот модел се и повеќето закони во светот каде што постојат многу развиени системи за трансплантација и дарителството е на највисоко ниво. Според Здружението, најзначаен, но истовремено и најоспоруван член од Законот е членот 28 („Делови од умрено лице заради пресадување може да се земат доколку умреното лице за време на живот изречно писмено со изјава заверена на нотар не се спротивставило на тоа“).
„Тој член го класифицира нашиот закон во законите со т.н. претпоставена согласност, каде што секој оној што за време на живот писмено негативно не се изјаснил во врска со дарувањето на органи е потенцијален дарител. Сепак, прецизирано е дека семејството на умреното лице ја дава согласноста“, вели Душко Ѓорѓиев, претседател на „Нефрон“.
Toj потсетува дека со претходното законско решение во периодот 2011-2013 беше предвидено да се даде изјава за дарителство кај матичниот лекар, но тоа во практика било неизводливо.
Според Здружението „Нефрон“, причината за малиот број кадаверични трансплантации не треба да се бара во актуелното законско решение, туку во непостоењето системски решенија. Тоа, според нив, значи формирање работни тела и назначување координатори кои ќе бидат посветени исклучиво на оваа проблематика. На овој начин би се надминала сегашната состојба во која плодни периоди на успешни трансплантации се заменуваат со оние во кои ваквите активности речиси замираат. Така на пример, кадаверична трансплантација не е извршена речиси 2 години.
Здружението „Нефрон“ тврди дека не постојат издржани истражувања кои би ја потврдиле тезата на дел од лекарите дека покрај законските недостатоци, недоволно развиената свест на нашите граѓани е исто така причина за малиот број кадаверични трансплантации. Тие се повикуваат на истражување од 1993 година кога на прашањето – „Дали би дале согласност за земање органи за трансплантација од блиски роднини во случај на нивна смрт?“ потврдно одговориле 78,67% од испитаниците. Исто така, Здружението во 2012 година добило написмено поединечни официјални дописи, но и консензуален став од претставниците на Македонската православна црква, Исламската верска заедница, Католичката црква, Еврејската заедница и Евангелско-методистичката црква – дека го поддржуваат дарувањето органи и трансплантација на органи од мртви лица, со цел да се спаси друг живот.
„Проблемот е во тоа што недоволно се работи на јавната промоција на значењето на органодарителството и трансплантацијата“, вели Ѓорѓиев.
Според министерот за здравство Арбен Таравари, сè уште е рано да се зборува за идните чекори на ова поле.
„Веќе се сретнав со сите членови на Комисијата за трансплантација и во процес сме на формирање екипа која би работела само во однос на ова прашање. Се разгледуваат сите правни опции, но сите се во согласност со европското законодавство“, вели Таравари.
Не постојат официјални податоци за вкупниот број пациенти кои се на листа на чекање за кадаверична трансплантација. Попрецизни бројки има само во однос на некои од клиниките. Така на пример, според информациите од Клиниката за нефрологија, бројот на типизирани пациенти кои чекаат орган од кадавер се движи од 170 до 200 пациенти.
А. Б.