Забелешките за измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе се поднесат во форма на амандмани
Комисијата за транспорт, врски и екологија на 16. седница одржа јавна расправа за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, информираат од Собранието на РМ.
На јавната расправа беа поканети членовите на Комисијата за транспорт, врски и екологија и нивните заменици; министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски; министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски; директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски; претставници од Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги; претставници од Стопанската комора; претставници на телевизии, весници, радија, здруженија на новинари, експерти од областа, комуниколози, асоцијации на новинари, невладини организации, претставници од ОБСЕ и други.
„Во дискусијата се вклучија претставниците на поканетите субјекти, а на крајот од јавната расправа беше едногласно изгласан следниот заклучок: Сите конструктивни забелешки кои произлегоа од дискутантите учесници на јавната расправа во однос на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе се земат предвид и ќе се поднесат во форма на амандмани од страна на овластени предлагачи во второ читање на Комисијата закажана за 16 април 2018 година“, информираат од Собранието на РМ.
М.В