/ Прочитано:

1.946

„Забрането е неконтролирано размножување, продажба и давање на подарок домашни миленици, освен под услови пропишани со закон“

Измените на Законот за заштита и благосостојба на животните се во собраниска процедура во фаза на прво читање. Предлог измените и дополнувањата на овој закон, се вели во законското образложение, имаат за цел да обезбеди заштита и благосостојба на животните, да ја доуреди областа на благосостојбата на животните кои до сега не беа предмет на уредување на постојниот закон, како и надлежностите на органот кој ќе го спроведува во однос на унапредување на казнeната политика.

„Забрането е неконтролирано размножување, продажба и давање на подарок домашни миленици, освен под услови и начин пропишани со овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Кучињата и мачките наменети за продажба или давање на подарок не смеат да се чуваат во просториите на продавниците за домашни миленици.

Забранета е продажба и давање на подарок домашни миленици на малолетници“, се пропишува во законските измени.

Со предлог измените на Законот, исто така, се пропишува дека секој сопственик кој држи репродуктивно способно куче ќе треба да се регистрира како регистриран сопственик или како одгледувачница.

„Со Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за заштита и благосостојба на животните се врши унапредување на одредбите во однос на контролата на популација на бездомни кучиња. Со предлог измените на Законот, секој сопственик кој држи репродуктивно способно куче ќе треба да се регистрира како регистриран сопственик или како одгледувачница.

Оние сопственици кои држат репродуктивно способно куче а нема да сакаат да се регистрираат или да регистрираат одгледувачници ќе треба да го стерилизираат своето куче што во голем дел ќе допринесе за намалување на бројот на бездомни кучиња на улиците.

При контролата на популацијата на кучиња еден важен сегмент е неодговорното сопствеништво односно контрола на приливот на кучиња кои потекнуваат од сопственици кои имаат несакани легла или го напуштаат својот домашен миленик.

Со воспоставување на оваа мерка многу ќе се допринесе за зголемување на свеста на сопствениците на кучиња кои пред да почнат да ги чуваат треба добро да размислат дали имаат услови и дали навистина сакаат да чуваат домашен миленик и да се свесни за одговорностите и финансиските трошоци кои ќе ги имаат како сопственици на животни. Од друга страна, очекуваме да се зголеми процентот на вдомување на бездомни кучиња од било кое одобрено прифатилиште каде кучињата кои се нудат за вдомување треба да се здрави, неагресивни, вакцинирани, идентификувани и кастрирани односно ојаловени.

Што се однесува на одредбата за пропишување на расите на кучиња кои се прогласуваат за опасни кучиња, истата се брише врз основа на мислење на Комисијата за заштита и благосостојба на животните при Агенцијата за храна и ветеринарство“, се пропишува во предложените законски измени.

М.В