Задолжително присуство на адвокат во имотни, облигациони, работни и стопански спорови со странски елемент – предлог за иницирање измени на ЗПП
Еден од предлозите, доставен по повикот на Адвокатската комора на Република Македонија, во врска со автентично толкување на Тарифата за награда и надоместок на трошоците е предлогот на адвокатот Владимир Кацарски, кој се однесува на тоа во сите постапки кои се водат и кои се однесуваат на предмети од областа на имотните односи, облигационите односи за исполнување на договори и надомест на штета, работните спорови, стопанските спорови со странски елемент, како и стечајните и оставинските постапки, да биде задолжително присуство на адвокат на судењата.
Адвокатот Кацарски за Академик објаснува дека неговиот предлог првично се однесува на тоа по ставот 3 од членот 81 од ЗПП да се додаде нов став кој ќе гласи:
„Во сите постапки кои се водат и кои се однесуваат на предмети од областа на имотните односи, облигационите односи за исполнување на договори и надомест на штета, работните спорови, стопанските спорови со странски елемент, како и стечајните и оставинските постапки да биде задолжително присуство на адвокат на судењата. Присуството на адвокат во секој случај да биде задолжително кога вредноста на спорот надминува износ од 100.000 денари.”
„Исто така, потребно е да бидат внесени соодветни измени во членот 82 од ЗПП“, додава Кацарски.
„Тие измени во најголем дел треба да се однесуваат на можноста за намалување на износот за задолжително застапување на адвокат/правник со положен правосуден испит, од досегашниот износ определен на 1.000.000 денари на износ од 100.000 во секој случај независно од видот на спорот. Со ваквата измена, но и со доследна примена на предлогот од страна на судовите, ќе се сузбие во голем дел негативната појава на надриписарство, како и постапките водени со лош квалитет и ќе се осигури квалитетно водење на судските постапки. Останувам отворен за сите коментари и сугестии. Исто така, одобрувам моите предлози да бидат искористени во некој иден интегрален предлог за изменување и дополнување на ЗПП“, објаснува Кацарски.
Поголем удел на професионалците во застапувањето и во судските постапки
Според него, предложените измени и дополнувања на овие два члена од ЗПП би довеле до поголем удел на професионалците во застапувањето и во судските постапки воопшто.
„Првите измени, оние кои се однесуваат на член 81 од ЗПП, се директно поврзани со граѓаните и со останатите засегнати лица кои многу често поради неоправдана недоверба одат самостојно да се застапуваат пред судовите, односно во другите постапки кои од судска се пренесени на друга надлежност. Самото појавување на обичните граѓани сами во судница носи определен ризик од неправилно застапување, што на крајот паѓа на товар на самите нив. Неретко таквите постапки завршуваат со негативни пресуди по однос на граѓаните кои се појавуваат без адвокат. Иако никој не може да гарантира од страна на адвокатите за исходот на некоја судска постапка кога би имало адвокат, сепак, на сите засегнати страни во спорот им е многу полесно кога постапката тече без непотребното губење време и енергија на објаснување на правните термини и процедури. Адвокатите во секој случај можат да им гарантираат на своите клиенти дека докрај ќе ги застапуваат нивните интереси во текот на сите фази на постапката, или со други зборови – адвокатите ќе бидат на страната на своите клиенти“, објаснува тој.
„Добар дел од договорите што се склучуваат и се предмет на спор се во вредност до 1.000.000 денари ги изработуваат лица кои воопшто не се правници“
„Во рамки на членот 82 од ЗПП стои износ од 1.000.000 денари над кој е задолжително застапување од страна на правник со положен правосуден испит, кој е вработен во правното лице кое го застапува. Овде е определена надлежноста на правната служба во рамки на една поголема компанија. И тој дел е во ред. Она што се наметнува како проблем во овие постапки е тоа што за разлика од обичните граѓански постапки, стопанските спорови, како и сите останати постапки кои ги вклучуваат правните лица во постапката, се многу поразлични во делот на одговорноста. Немилосрдноста во постапката доаѓа од самиот факт што кога некој се нафатил да работи како стопанственик, би требало да ги знае прописите или, пак, да земе правна помош во случај да не му се познати. Од тие причини, знаејќи дека еден добар дел од договорите што се склучуваат и се предмет на спор се во вредност до 1.000.000 денари ги изработуваат лица кои воопшто не се правници, ја предлагам дадената измена. Со ваквите предложени измени верувам дека ќе се подобри општествената положба адвокатите кои меѓу народот и онака важат за нечесни луѓе кои се големи потрошувачи на пари и за чии услуги дури и кога би имале пари не би платиле“, образложува адвокатот.
Кацарски вели дека, ако продолжи овој тренд на намалување на законските надлежности на адвокатите, Република Македонија ќе може да се пофали со тоа дека е прва држава во Европа, па и во светот, каде што адвокатурата не постои на сметка на останатите правни професии.
„Постои тренд на намалување на законските надлежности на адвокатите“
„Лично се плашам дека, ако продолжи овој тренд на намалување на законските надлежности на адвокатите, Република Македонија ќе може да се пофали со тоа дека е прва држава во Европа, па и во светот, каде што адвокатурата не постои на сметка на останатите правни професии. Исто така, лично сметам дека со овој тренд и останатите правни професии би можеле да станат излишни поради фактот дека „сè што ни треба е објавено на Интернет“. Како да го забораваат фактот дека и оној што ги составил обрасците е исто така правник“, резимира Владимир Кацарски.
M.В / veljanoskim@akademik.mk
7.5. 2015