/ Прочитано:

1.117

Задолжително психолошко тестирање за идните наставници и професори

Среда, 19 јуни 2013 – Наставниците во основното и професорите во средното образование кои треба да полагаат приправнички испит имаат законска обврска да положат психолошки тест согласно Законот за основно и средно образование, изјави денеска министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Психолошко тестирање е обврска согласно Законот за основно и средно образование кое сега стапува на сила. Со психолошкото тестирање планирано е да бидат опфатени сите наставници во основно и професори во средно образование кои предаваат и кои треба да полагаат приправнички испит, одговори  Ристовски на новинарско прашање и додаде дека психолошкиот тест е услов за да полагаат приправнички испит.

Ова, според министерот, е исклучително значајна реформа, бидејќи како што истакна, лицата кои работат со учениците треба да имаат соодветен квалитетен профил и треба да ги градат учениците во вистински личности.

„Со психолошкиот тест очекуваме во многу да се зголеми квалитетот во оценката на тоа кои личности може да работат со деца и кои личности не може да работат со деца. Имено ако не се положи психолошкиот тест тие лица  не може да продолжат со приправничкиот стаж, односно им прекинува работниот ангажман“, нагласи Ристовски.

Според него, постоењето на еден ваков тест ќе ја расчисти сликата и потоа нема да се доведуваме во ситуации да имаме немили или непромислени потези од определени наставници во однос на дечињата.

Во врска со одредени забелешки од родители во врска со екстерното оценување, министерот Ристовски апелираше до родителите и учениците кои имаат било какви забелешки поврзани со прашањата или содржината на тестовите од екстерното тестирање да упатат известување по електронска пошта или лично да достават до Државниот испитен центар.

Како што објасн Ристовски, екстерното тестирање ќе има многу корекции во текот на следната година, а една од забелешките која ја добиле е да се создаде можност самите ученици веднаш по завршувањето на тестирањето да го видат резултатот.

Тој додаде дека сега постои можност за увид во тестовите, односно дека родителите и учениците треба да се обратат до соодветната комисија во училиштето.

– Нашата интенција е догодина тоа да биде многу побрзо и потранспарентно и е една од фазите која ќе биде преземена во насока на корекција на она што беа забелешки од досегашната имплементација на екстерното тестирање, нагласи министерот за образование.