/ Прочитано:

673

Заедничка изјава на жени активистки за човекови права од Балканскиот Регион за родовозаснованото насилство на интернет

Институционалниот молк активно го охрабрува сексуалното вознемирување преку Интернет

Ние, жените-активистки за човекови права од балканскиот регион, стоиме заеднички и солидарно со сите жени жртви на онлајн родово-заснованото насилство и бараме од надлежните институции да постапуваат согласно нивните овластувања за темелно и неодложно да го истражат случајот со групите на платформата Телеграм (како Balkan room, Јавна Соба, Гевгелија Хаб, Српска соба, Смоква и други), да ги санкционираат сторителите и заштитат жртвите од понатамошна виктимизација.

Точно една година по појавата на ваква група на мрежата Телеграм во Македонија, која се користи за сексуално вознемирување на девојки преку објави на нивни фотографии без никаква согласност, во порнографски контекст, како и лични податоци за жртвите, сведочиме и на нови случаи на ваква злоупотреба не само во државата, туку во целиот регион. И покрај тоа што администраторите и креаторите на две од овие групи се уапсени, сметаме дека тоа е само прв чекор во пристапот до правда кој мора да им биде обезбеден на сите жртви на овој тип на кривични дела.

Институционалниот молк  праќа порака дека насилството врз жените се толерира, дека не е казниво,  насилниците се охрабруваат да продолжат со своето однесување, а жртвите остануваат заплашени, засрамени и неми. Случаите во Македонија, Србија и Хрватска покажаа дека против мал број од сторителите се иницираат кривични постапки и дека оние малку сторители кои се гонат, се гонат само за кривичното дело „производство и дистрибуција на детска порнографија“, со што е оневозможена заштитата на полнолетните жртви.

Искуствата на жените од државите од поранешна Југославија на кои со години им обезбедуваме бесплатна правна помош и други услуги, сведочат за бројни пропусти во водењето на постапките. Честопати, жените кои имаат претрпено сексуална злоупотреба онлајн, се соочуваат со несоодветен одговор од страна на институциите, како што е практиката на непостапување, неверување  и  релативизирање на искуства на жртвите, поради што жртвите не ѝ веруваат на полицијата и сметаат дека пријавувањето е залудно. Изрекување на прекршочни санкции и опомени за насилниците, наместо документирани и аргументирани кривични пријави, како и несоодветно спроведување на забраните за приближување и контактирање на жртвите резултира со континуирано, засилено насилството, често со сериозни последици по здравјето на жртвите, а во одреден број на случаи дури и смрт. Во однос на обвинителствата постојано забележуваме ненавремено покренување на обвинителни акти, неефикасно или без должно внимание раководење со предистражни и истражни постапки што резултирало со ненавремено или воопшто необезбедување на релевантни докази, како и непреземање на мерки кон сторителот за да се спречи продолжување на насилството кон жртвите. Сите овие институционални пропусти станаа уште повидливи со појавата на сексуално насилство и вознемирување на жени во дигиталната сфера, кое иако се случува масовно и брои илјадници жени жртви на Балканот, не добива соодветен институционален одговор, ниту пак соодветна јавна поддршка. Напротив, дискредитирање на искуствата, обвинување, засрамување и двојна виктимизација се доминантните наративи со кои жените се соочуваат.

Очигледно е дека молкот на институциите  дополнително го охрабрува фунцкионирањето и одржувањето на вакви групи во дигиталниот простор, а девојките и понатаму се соочуваат со опасност по личната безбедност и нарушено достоинство и здравје. За жал, најлесниот начин за да се понижи една девојка е да се прикаже во сексуално сценарио, што само говори за ненадминливата стигма која и ден денес ја обележува женската сексуалност како срамна и недолична, а жртвите кои се ставени во тој контекст не добиваат статус на жртва, туку на жена која „сама си го барала“. Па така, украдените фотографии, во комбинација со мизогини, сексистички и насилнички коментари и третирање на жените како предмети без интегритет, чувства, желби и трауми, зборуваат за сериозни, длабоко вкоренети мизогини вредности во нашиот регион, кои мора сеопфатно и коренито и да се решаваат. За проблемот да почне да се решава, прво мора да се именува. Ова не е проблем на злоупотреба на лични податоци, па затоа и не може да се решава преку таков ограничен пристап. Ова е проблем на родово засновано насилство, со цел понижување, уценувње, замолчување и опресија на девојки и жени и доколку не се третира како таков, насилниците ќе успеат во својата цел.

Денес сме свесни дека постои и регионално вмрежување на вознемирувачи и насилници, односно отворање и администрирање на балкански групи чија цел е омаловажување и сексуално вознемирување на жени. Затоа бараме од надлежните институции сериозно и со одговорност да им пристапат на овие социјални феномени кои влијаат на најмалку половина од населението. Бараме институционална прекугранична соработка и темелна истрага и гонење на сите вклучени прекршители од регионот.

Овој случај е шанса на институциите од целиот регион да покажат дека се залагаат за женските права и заштитуваат од родово засновано насилство, фактички, а не само декларативно! Оттука, бараме од Јавните обвинителства во регионот неодложно и темелно да ги расчистат случаите со групите на Телеграм кои претставуваат кривично дело. Бараме од Министерствата за внатрешни работи континуирано да преземаат превентивни активности и да го спречуваат опстојувањето на ваквите групи. Не смееме да дозволиме одржување на состојба во која жртвите се множат, а институциите молчат и потфрлуваат во извршувањето на својата функција. Солидарно!“, се наведува во соопштението.

На петтиот Марш за женски права активистките потсетија – Држава што не постапува е држава што силува

Обвинителството ги поддржува измените на Кривичниот законик за кривичните дела „демнење“ и „сексуално вознемирување“

Соопштение на Јавното обвинителство за предметите „Јавна соба 1“ и „Јавна соба 2“

Обвинителството итно да го расчисти случајот „Јавна соба“, бараат од Платформата за родова еднаквост

Притвор за креаторот и за администраторот на групата „Јавна соба“

„Измени на Кривичниот законик за случаи како ‘Јавна соба’ во согласност со Истанбулската конвенција“ – Марта Гусар, адвокат

Протестен марш: Јавна соба е кривично дело

Казна затвор до три години за кривичното дело „Демнење“ како нова законска измена

Пендаровски за случајот „Јавна соба“: Одговорност мора да има во најкус можен рок

Платформата за родова еднаквост: Скандалозен однос на Обвинителството кон кривичните дела од „Јавна соба“

М.В