Заеднички препораки на Проектот за реформа на кривичното право за измени на законодавството и практиките во кривичните постапки во регионот
Проектот „Реформа на кривичното процесно законодавство“ е поддржан од Балканската регионална мрежа за владеење на правото (BRRLN), која го промовира владеењето на правото преку градење механизми со цел да им овозможи на адвокатските комори и на граѓанските организации од регионот да соработуваат и да споделат знаења и најдобри практики. Програмата се имплементира од Американската адвокатска асоцијација – Иницијативата за владеење на правото, со поддршка на Агенцијата на Соединетите Американски Држави за меѓународен развој (УСАИД).
ПРАВО ДА БИДЕ ИЗВЕСТЕН ЗА СВОИТЕ ПРАВА ВО МОМЕНТОТ НА ЛИШУВАЊЕ ОД СЛОБОДА
Обвинетиот мора да има право да биде известен за своите права веднаш штом ќе биде лишен од слобода, дека има право да молчи, дека сè што ќе каже може да биде искористено како доказ и дека има право да биде сослушан во присуство на адвокат по негов сопствен избор.
ПРАВО ДА ЗНАЕ ДЕКА СЕ СПРОВЕДУВА ИСТРАГА И ДА МУ СЕ ДОСТАВИ ПИСМЕНИОТ НАЛОГ НА ОБВИНИТЕЛОТ
Обвинетиот мора да има право да знае дали се води кривична постапка против него, како и право да му биде доставен писмениот налог за спроведување истрага без одложување по спроведувањето на првото дејствие на обвинителот. Истрага против непознато лице треба да биде исклучена како можност.
ПРАВО НА ЖАЛБА ДО СУДОТ ПРОТИВ НАЛОГОТ НА ОБВИНИТЕЛОТ ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ ИСТРАГА
Обвинетите мора да имаат право да се жалат до судот против налогот на обвинителството за спроведување истрага со цел да се обезбеди судска заштита од незаконско и произволно гонење.
3.1. ПРАВО НА ОДБРАНАТА ДА ИМА УВИД ВО ДОКАЗИТЕ ПРЕД РАСПРАВАТА ЗА ПРИТВОР ПРЕД СУДЕЊЕТО
Кога станува збор за расправата за притвор пред судењето, кој било доказ кој му е на располагање на обвинителството треба да биде предаден до одбраната најмалку 12 часа пред обвинетиот да се појави пред судијата на претходна постапка, со цел да го разгледаат барањето на обвинителството за притвор пред судењето. Ова е потребно за да може одбраната исто така да се подготви за расправата за притвор пред судењето и да биде во можност соодветно да одговори на доказите и аргументите презентирани од страна на обвинителството.
3.2. ПРАВО НА ОДБРАНАТА ДА ИМА УВИД ВО СИТЕ СПИСИ И ДОКАЗИ НА ПРЕДМЕТОТ
Aдвокатот на одбраната мора да има право на увид во целокупните списи и да има увид во сите предмети кои се во својство на доказ.
Без право на увид во целокупните списи, правото на одбрана претставува nudum ius. Преку ефективно остварување на ова право, обвинетиот добива активна улога и станува предмет на кривична постапка, наместо ,,предмет на истрага”. Правичноста на кривичната постапка во голема мера зависи од ова право и начинот на кој тоа се реализира.
4.1. ПРАВО НА ОДБРАНАТА ДА ПРИСУСТВУВА НА СПРОВЕДУВАЊЕТО НА ДОКАЗНИТЕ ДЕЈСТВИЈА ЗА ВРЕМЕ НА ИСТРАГАТА
Обвинителот треба да има обврска да го покани сослушаниот обвинет и неговиот бранител да присуствуваат на сослушувањата на сите сведоци и вештаци, како и на сослушувањата на сите сообвинети во текот на истрагата.
4.2. ПРАВО НА ОДБРАНАТА ДА МУ ПРЕДЛАГА НА ЈАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ ДА ПРЕЗЕМА ДОКАЗНИ ДЕЈСТВИЈА ВО ТЕКОТ НА ИСТРАГАТА
На предлог на страните и во нивно присуство, судијата на претходна постапка треба, во одредени случаи, да преземе доказно дејствие доколку постои веројатност да не биде можно на судењето да се изведе тој доказ или ако се работи за доказно дејствие кое одбраната го предложила, а обвинителот одбил да го преземе.
4.3. ПРАВО НА ОДБРАНАТА ДА ПРЕЗЕМА ДЕЈСТВИЈА ВО НАСОКА НА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ДОКАЗИ ВО ИСТРАГАТА
Неопходно е да се обезбеди можноста за издавање судски налог според кој на трето лице ќе му се нареди да предаде одреден предмет на барање на одбраната, како и за парична казна и казна затвор во случај на одбивање да се предаде предметот.
5.1. ДОЛЖНОСТ НА ОБВИНИТЕЛОТ ДА ГИ ОТКРИЕ ДОКАЗИТЕ
Неопходно е на обвинетиот и бранителот да им се обезбеди пристап до доказите кои се во прилог на обвинението и да се обезбеди обвинителот да биде обврзан да состави список на сите доказни дејствија кои се преземени во текот на истрагата, како и да состави список на сите документи кои ги има прибавено – и оние кои тој ги предлага како доказ, како и оние кои ги има прибавено, но не планира да ги изведе како доказ.
5.2. ПОДГОТВИТЕЛНО РОЧИШТЕ – ПРАВИЛА ЗА ТОВАРОТ НА ДОКАЖУВАЊЕТО И РЕДОСЛЕДОТ НА ДОКАЖУВАЊЕТО
Неопходно е на адвокатот на одбраната да му се обезбеди можност за приговор против обвинителниот акт во фазата на прелиминарното рочиште. На адвокатот на одбраната мора да му се даде можност слободно да одлучува за тоа кои докази ќе им се спротивстават на доказите на обвинителството, но само откако ќе ги види резултатите од испитувањето на доказите на обвинителството за време на судењето.
6.1. УПОТРЕБАТА НА НЕЗАКОНИТИ ДОКАЗИ МОРА ДА ПРЕТСТАВУВА АПСОЛУТНА СУШТЕСТВЕНА ПОВРЕДА
Принципот ,,плод на отровно дрво” треба конзистентно да се развива во рамките на ЗКП со изречна забрана за употреба на незаконити докази во текот на испитувањето на други докази во постапката и со јасно регулирање на процедуралниот исход на доказите во чие испитување биле користени незаконити докази и докази кои никогаш не би се прибавиле доколку не им претходела употреба на незаконити докази.
6.2. НАВРЕМЕНО И ЕФЕКТИВНО ИСКЛУЧУВАЊЕ НЕЗАКОНИТИ ДОКАЗИ
Неопходно е да се обезбеди можност за жалба против судската одлука со која се одбива барањето за исклучување докази, која ќе обезбеди двостепеност во одлучувањето за законитоста на доказите пред почетокот на судењето.
ВОНРЕДНА ИНИЦИЈАТИВА НА СУДОТ ВО ДОКАЗНАТА ПОСТАПКА САМО ВО ПОЛЗА НА ОДБРАНАТА
Неопходно е на судот да му се обезбеди правото да интервенира во доказната постапка само во полза на обвинетиот доколку смета дека е неопходно за да се обезбеди суштинско почитување на правото на обвинетиот на правично судење.
8.1. ПОТРЕБНО Е ДА СЕ ПРОПИШАТ КОНКРЕТНИ ПРАВИЛА ЗА ДИРЕКТНО И ВКРСТЕНО ИСПИТУВАЊЕ
Неопходно е да се обезбедат конкретни правила за директно и вкрстено испитување и јасно да се дефинира предметот на вкрстеното испитување и предметот на повторното директно испрашување.
8.2. ТРЕБА ДА СЕ УНАПРЕДИ ВЛИЈАНИЕТО НА ПРОФЕСИОНАЛНИОТ КОНСУЛТАНТ ЗА ОДБРАНА
Ако му се дадат поголеми овластувања во истрагата на професионалниот консултант, наодите од вештачењата би можеле потемелно да се проверуваат и би можеле да се избегнат обвинувања доколку постојат аргументи за поинаков наод од вештачење.
8.3. СИТЕ ГЛАВНИ РАСПРАВИ ВО КРИВИЧНАТА ПОСТАПКА ТРЕБА ТОНСКИ ДА СЕ СНИМААТ
Неопходно е да се обезбеди задолжително тонско снимање на сите судења и транскрипција на сите тонски записи.
Доколку привремено е невозможно да се обезбеди транскрипција на тонските записи за сите кривични судења, можно е да се обезбеди задолжително тонско снимање со цел да се зацврсти текот на судењето – како средство за контрола, а снимањето ќе се транскрибира само во одредени процесни ситуации по барање на страните и на нивен трошок, или кога тоа е неопходно за да се процени валидноста на записникот од судењето, или кога се поднесува барање за изземање на судот или кога се поднесува барање за дисциплинска постапка против други учесници во постапката – со цел да се провери валидноста на барањето.
ОДДАЛЕЧУВАЊЕТО ОД ПРИНЦИПИТЕ НА КОНТРАДИКТОРНОСТ И НЕПОСРЕДНОСТ ТРЕБА ДА БИДЕ МИНИМАЛНО
Неопходно е да се пропише дека изјавите дадени за време на истрагата може да се читаат и да се користат како доказ во судењето само кога испитаните лица се починати или имаат развиено трајна психичка болест или не можат да се најдат или нивното пристигнување до судот е невозможно или значително отежнато поради важни причини.
Неопходно е да се пропише дека изјавите дадени за време на истрагата може да се употребат во судењето само за време на директното и вкрстеното испитување доколку сведокот е контрадикторен на својата претходна изјава и само со цел да се провери вистинитоста на сведокот или изјавата, и за таа цел, тие се изведуваат како докази.
ОБВИНИТЕЛОТ НЕМА ДА ИМА МОЖНОСТ ДА ЈА ИЗМЕНИ ПРАВНАТА КВАЛИФИКАЦИЈА ОТКАКО ОБВИНЕТИОТ ДАЛ ИЗЈАВА ЗА ПРИЗНАВАЊЕ ВИНА.
НИКОМУ НЕ СМЕЕ ДА МУ СЕ СУДИ / ДА БИДЕ КАЗНЕТ ЗА КРИВИЧНО ДЕЛО ЗА КОЕ ВЕЌЕ БИЛ СУДЕН И ЗА КОЕ Е ДОНЕСЕНА ПРАВОСИЛНА ПРЕСУДА (NE BIS IN IDEM).
М.В