„Загрижувачки е трендот на прифаќање на насилството во земјата“
Во периодот од јануари до септември 2019 година, има вкупно 610 жени – жртви на кривични дела во врска со семејно насилство, од кои по однос на роднинската врска со сторителот, од вкупниот број на жени – жртви на семејно насилство 307 се сопруги, 29 ќерки, 92 мајки, 33 поранешни сопруги, 45 жени во вонбрачна заедница и 118 останати жени – жртви, се вели во Годишниот извештај за спроведувањето на Стратегијата за родова еднаквост
Во периодот од јануари до октомври 2019 година како жени – жртви на кривични дела „трговија со дете“ се јавуваат три девојчиња (две на 16- годишна возраст и едно на 17-годишна возраст), додека во овој период не се поднесени кривични пријави за кривично дело „трговија со луѓе“. Земајќи предвид дека истражувањето на ОБСЕ покажува дека „само 2% од жените кои доживеале насилство од сегашен партнер го пријавиле во полиција“, зборува дека бројката на жени кои трпат насилство е многу повисока од официјалните статистики. Исто така, загрижувачки е трендот на прифаќање на насилството во земјата.
„Истражувањето на ОБСЕ открива дека „три од пет (60%) жени сметаат дека насилството врз жените е вообичаено, а речиси три од десет сметаат дека тоа е многу честа појава“. За да се победат овие поразителни бројки, мора сите актери во општеството да работат заеднички: институциите, граѓанските организации, медиумите, како и секој граѓанин. Насилството врз жени не е приватна работа, тоа е општествена појава која треба да се искорени. (ОБСЕ – благосостојбата и безбедноста на жените, истражување спроведено од обсе за насилството врз жените во северна македонија, 2019) Треба да се потсетиме дека секоја трета жена во светот искусила некаква форма на насилство, а според податоците на Обединетите нации, семејното насилство е убиец број еден на жените. Наместо жената да биде и да се чувствува безбедна во домот, понекогаш најголемата опасност за неа доаѓа токму оттаму“, се вели во извештајот.
Пристапот до правда во годишниот извештај за родова еднаквост
М.В