/Прочитано:

515

Зајакнато партнерството меѓу Постојаната канцеларија за координација на ОН и Народната банка

Целта на првата средба помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и постојаната координаторка на Обединетите нации, Росана Дуџак беше да се зголеми меѓусебното разбирање за синергијата помеѓу улогите на Народната банка и тимот на Обединетите нации задолжен за земјата, во унапредувањето на одржливиот развој во нашата економија.

Постојаната координаторка на Обединетите нации се осврна на напредокот на Реформата на системот за развој на ОН, што на ниво на земја, ги поедноставува процесите, ја зголемува транспарентноста и ја подобрува колективната испорака на субјектите на ОН. Таа исто така информира за почетокот на Рамката за соработка меѓу ОН и Северна Македонија за периодот 2021-2025 и ги претстави значајните достигнувања на тимот на Обединетите нации задолжен за нашата земја во поддршката на развојната агенда на земјата, вклучително и во контекст на пандемијата на ковид-19. Дуџак беше особено заинтересирана за ставовите на гувернерката за економските перспективи на земјата и во контекст на улогата на Народната банка, за можностите за обезбедувањето поширок сет податоци и за улогата на приватниот сектор во финансирањето на развојот. Таа истакна дека Народната банка е една од институциите што придонесуваат за сигурен и квалитетен статистички систем, којшто е предуслов за водење релевантни политики.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска ги презентира најновите макроекономски проекции на Народната банка и истакна дека Банката постојано ги приспособува сопствените стратегиски цели кон развојните цели. Во овој контекст, неодамна, Народната банка ги вклучи и целите за следење и управување со ризиците од климатските промени, фокусирајќи се на анализата на влијанието на ризиците коишто произлегуваат од климатските промени врз банкарскиот систем и на улогата на банкарскиот систем во поддршката на одржливиот развој, којшто меѓу другото се заснова и врз „зелена економија“. Со помош на овие активности, Народната банка ќе даде придонес во создавањето „зелена“ и одржлива економија, што во крајна линија би обезбедило повисок животен стандард и унапредување на квалитетот на животот за нејзините граѓани.

Постојаната координаторка на ОН на состанокот информира за техничката поддршка што ОН ѝ ја дава на земјата во развојот на сопствена и консултативна методологија за формулирање на Националната развојна стратегија за периодот 2021-2041. Таа изрази надеж дека Народната банка ќе биде активно вклучена во формулирањето на Стратегијата, кога ќе започне консултативниот процес.

Постојаната координаторка на Обединетите нации и гувернерката на Народната банка изразија цврсти заложби за продлабочување на соработката, заради унапредување на одржливиот развој на земјата и напредок во однос на Агендата 2030.

 М.В