/ Прочитано:

989

Заклучоци од јавната расправа за заштитата на човековите права од аспект на пресудите на ЕСЧП

Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот при Собранието на 7. седница одржа јавна расправа на тема: „Заштита на човековите права – Пресудите на Европскиот суд за човекови права“.

Покрај членовите на Комисијата и нивните заменици, на седницата беа поканети сите пратеници, претставници на Бирото за застапување на Република Северна Македонија пред Европскиот суд за човекови права, претставници на Министерството за правда, на судовите и обвинителствата, на Академијата за судии и јавни обвинители, на Министерството за труд и социјална политика, на Центарот за социјална работа Скопје, на Министерството за внатрешни работи, на Управата за извршување на санкции, на Народниот правобранител, на Комисијата за заштита од дискриминација, претставници од правните факултети, потоа претставници од невладиниот сектор од оваа област: Центарот за правни истражувања и анализи, Фондацијата отворено општество – Македонија (ФООМ), Институтот за човекови права, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Институтот за европска политика, Македонското здружение на млади правници, Коалицијата сите за правично судење, претставници на меѓународните организации: НДИ, ИРИ, ОБСЕ, УНДП, претставници на Европската комисија и Советот на Европа, како и поранешните судии во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска и Мирјана Лазарова-Трајковска.

Јавната расправа со воведно обраќање ја отвори претседателот на Постојаната  анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, Фадил Зендели.

На расправата дискутираа пратеникот Рубин Земон, потоа Даница Џонова,  в.д. директор на Бирото за застапување пред Европскиот суд за човекови права, Маргарита Цаца Николовска, поранешен судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Зоран Дранговски, претседател на Македонското здружение на млади правници, Игор Спировски, адвокат и член на Управниот одбор на Институтот за човекови права, Антоанета Димовска, судија од Основниот суд Скопје 2 Скопје, и Николчо Николовски, судија и претседател на Одделот за судска пракса во Врховниот суд на Република Северна Македонија.

По дискусијата беа донесени следните заклучоци:

  • Да се овозможи право на судење во разумен рок пред македонските судови;
  • Да се води ефикасна истрага во случаите на тортура;
  • Да се посвети поголемо внимание во земјата на пресудите на Европскиот суд за човекови права;
  • Да се врши поголемо промовирање, обезбедување и заштита на човековите права и слободи;
  • Да се организира седница на која суштински ќе се разгледуваат предметите;
  • Државата да преземе конкретни чекори по пресудите на Европскиот суд за човекови права во делот на извршување преку законски измени, односно суштински да навлезе во правото кое е повредено;
  • Да се подобри техничката поддршка на судовите, како и да се зголемат нивните капацитети.

Јавна расправа за пресудите на Европскиот суд за човекови права

М.В