/ Прочитано:

1.288

Заклучоци од меѓународната судска конференција за зајакнување на судската независност и транспарентност која се одржа во Охрид

Меѓународната судска конференција насловена „Зајакнување на судската независност и транспарентност преку редефинирање на судската одговорност“ се одржа на 2-3 ноември во Охрид, а во организација на Здружението на судиите на Република Македонија и Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Република Македонија.

Во своите говори на конференцијата, излагачите и учесниците на дискусиските панели ја потенцираа важноста на балансот помеѓу судската независност и судската одговорност, во смисла на почитување на начелото на слободното судско одлучување и трите вида одговорност на судиите.

Како што се очекуваше – дискусијата на судиите широко и детално ги опфати дисциплинските постапки против судиите, процедуралните гаранции, етичкото однесување и јавната доверба и односот со медиумите. Форумот заклучи дека  механизмот за одговорност на судиите не треба да задира во начелото на судската независност и слободното судско одлучување – предвидени во домашното законодавство и во Препораката на Советот на Европа бр.12 што се однесува на судската независност, одговорност и елиминирање на сите видови притисоци.

Судиите укажуваат дека е потребно да ги имплементираат општоприфатените механизми во развиените демократии во однос на судската одговорност.

„За таа цел – потребно е да се изврши комплетна и целосна анализа на законските одредби кои ја регулираат оваа материја – при што би се направиле детални препораки за понатамошни измени на тие закони“, истакнуваат од Здружението на судиите на РМ, чиј претседател е судијата д-р Џемали Саити.

Заклучоците од конференцијата се следниве:

  • обезбедувањето судска независност треба да биде врвен приоритет во активностите на имплементирачките организации во државата
  • јасно дефинирање на механизмите и критериумите за избор и евалуација, дисциплинска одговорност на судиите, право на реална жалба и транспарентност на постапките, како предуслов за судска независност
  • Судскиот совет може да биде важна алатка за заштита на судската независност. Потребно е зголемување на нормативните гаранции во согласност со меѓународните стандарди и воспоставување на што е можно поголема судска самоуправа во однос на статусни прашања на судиите
  • форумот заклучи дека е потребна плурализација на санкциите при одлучување за дисциплинска одговорност
  • потребно е подигнување на степенот на доверба кон судството со независни и фер одлуки, постапувајќи во согласност со законот
  • учесниците заклучија дека е потребно култивирање соодветен однос со медиумите, со цел промовирање на судските активности
  • почитување на судскиот кодекс и правилата за етичко однесување
  • судиите при своето постапување, покрај другото, имаат и општествена одговорност, како носители на судски функции
  • форумот препорачува да се одбие секое внатрешно или надворешно мешање во слободното одлучување на судијата и градењето на судскиот интегритет
  • излагачите ја потенцираа важноста на улогата на претседателите на судовите во обезбедување на услови за независно постапување на судиите
  • форумот препорачува дијалог и соработка со другите власти во имплементација на овие заклучоци, како и во однос на стандардите за независност на судството.

M.В