/ Прочитано:

1.627

Закон за финансиска дисциплина за незаконско и неодговорно однесување!

Законот за финансиско работење и предстечајни спогодби е најновото оружје за сузбивање на неликвидноста и дисциплинирање на должниците во Хрватска. Кратките рокови за исплаќање на долгот усмерени кон државата и фирмите и стриктните услови за почитување на истите се најинтригантните одредби од овој закон. Следејќи го хрватскиот модел, во Македонија стартуваше примената на финансискиот инструмент Задолжница што во Хрватска и не даде некои резултати, а Владата најави и веќе почна со исплата на долгот кон стопанството, сепак останува отворено прашањето, колку овие мерки ќе влијаат на финансиската дисциплина во земјава, или пак и на Македонија и треба еден ваков, за многумина ригорозен закон

Фирмите ќе мора да плаќаат максимум до 60 дена од доспевање на побарувањето, рокот  за државата и локалната самоуправа уште поригорозен, само 30 дена. Управителите и сопствениците на фирмите кои ги игнорираат овие рокови ќе плаќаат казни и до 140.000 евра, a блокираните фирми можат да се обидат да ги решат долговите со предстечајна спогодба,  во спротивно ги очекува стечај  – вака отприлика изгледа новиот Закон за финансиско работење и предстечјани спогодби со кој во Хрватска ќе се спроведува финансиска дисциплина.

Соочен со фактот дека финансиска дисциплина без кратки рокови за исплаќање на долгот  не функционира, а и Задолжницата не се покажа нешто ефикасна во Хрватска, тамошниот министер за финансии, Славко Линиќ  вооружен со мала армија од околу 600 лица, дел од нив распоредени по специјализирани тела и објави војна на неликвидноста. Вели дека ова е му приоритет број еден, а и амбициозно најавува дека на овој начин Хрватска ќе излезе од магичниот круг на неликвидноста во рок од една година. За разлика од Хрватска, каде вкупната вредност на неисплатените побарувања изнесува астрономски 6 милијарди евра, а подолго од една година се блокирани сметките на  56.778 фирми, во Македонија официјални бројки нема. Следејќи го хрватскиот модел, од септември годинава и во Македонија стартуваше примената на финансискиот инструмент Задолжница, а Владата најави и веќе почна со исплата на долгот кон стопанството. Сепак останува отворено прашањето, дали овие мерки ќе ја поправат финансиската дициплина во земјава, или пак и на Македонија и треба еден ваков закон.

Проф. др Владимир Филиповски: Задолжницата може да ја поправи финансиската дисциплина, но не и oсновниот економски проблем

Според експертот по финансии, проф. др. Владимир Филиповски, Задолжницата  може да ја поправи финансиската дисциплина, но истата не го решава основниот економски проблем.

  • „Поволноста на Задолжницата како инструмент за наплата е нејзиниот извршен карактер и со тоа во принцип може да се подобри финансиската дисциплина. Но, таа не го решава основниот економски проблем – недостигот на ликвидност, креиран пред се од неизмирените обврски на јавниот сектор – централна и локални власти и јавни претпријатија. А ваквите обврски се значајни бидејќи  голем сегмент од бизнисот во приватниот сектор е поврзан со набавките и плаќањата на јавниот сектор. Дури, со одредени претходни законски промени јавниот сектор си обезбеди значителен простор да ги предоговара (и одложува) своите обврски кон фирмите. А и Задолжницата се однесува пред се на обврските на приватниот сектор. Доколку би имало инструмент кој би ја зголемил сигурноста на наплатата на побарувањата на фирмите од државата, тоа би можело да ја намали ризичноста на фирмите при нивно барање кредити од банките, така што би се подобрил пристапот до (или условите за) кредити за покривање на потребите од ликвидни средства на фирмите.“, смета проф. др. Филиповски.

ССК: Tреба да и се даде шанса на Задолжницата, а треба да имаме доверба и во мерката која ја најави премиерот

  • „Постојат разни модели пред се во државите во Европа, како се регулирани односите помеѓу државата и фирмите. Во некои земји не постои рок од 60 дена, туку одредени обврски треба да се платат веднаш или кога државата ќе има средства ги подмири тие обврски, таков модел има во Германија. Во други земји има други законски решенија. Нема унифицирано правило за оваа проблематика, туку постојат различности од земја до  земја. Во вакви концепти одлука на фирмите е дали ќе работат со државата односно дали државата е привлечен партнер за соработка“, вели извршниот директор на Сојуз на стопански комори (ССК), Митко Алексов.

Според Алексов, во Македонија фирмите се премногу усмерени на соработка со државата, наместо фокусот да им е како на домашниот така и на освојување на странските пазари, односно извозот. Смета дека треба да и се даде шанса на Задолжницата и на најновата мерка на Владата, со која е предвидено до крајот на февруари 2013 година да се исплати вкупниот долг кон стопанствениците.

  • „Ставот на ССК е дека треба да му се даде шанса на новиот инструмент – Задолжницата, а треба да имаме доверба и во мерката која ја најави премиерот, односно половина од задоцнетите плаќања да се подмират до крајот на ноември, а во целост до крајот на февруари. Се надеваме дека поредовна динамика на подмирувања на доспеани обврски и поврат по основ на ДДВ ќе продолжи и по февруари. Како и да е, ние размислуваме за одредени инструменти кои би ги предложиле на Владата со цел подобрување на ликвидноста компаниите“, додава Алексов.

Хрватскиот министер за финансии, Линиќ: Нема повеќе толеранција за незаконско и неодговорно однесување!

Според Министерот за финанси на Хрватска, Славко Линиќ, менталитетот тешко се менува, но попуштање нема. Новиот закон, чија примена стартуваше на 1-ви октомври годинава, предвидува рокови на исплата и до 30 дена.

  • „Ова е јасна порака до сите стопанственици, државата и локалната самоуправа ќе исплаќаат во рок од 30 дена, со исклучок на здравството, каде е предвиден рок од 60 дена, но по истекот на истиот задолжени се да платат. И фирмите можат да договорат рок од 60 дена, но после тоа мораат да платат.  Како што во текот на овие 9 месеци пративме јасна порака дека даноците треба да бидат платени на време, така ќе биде сега и со обврските. Досега да побарате наплата на долг беше злочин, ќе ти пропадне бизнисот, ќе го изгубиш деловниот партнер.  Должниците си создадоа начин на однесување. Затоа сега бараме од сите стопанственици своите обврските кон добавувачите и вработените да ги стават во прв план“, изјави Линиќ на седница на Владата на Хрватска.

Финците најдисциплинирани во Европа, ги подмируваат своите обврски за само 27 дена

Финците се најдисциплинирани во Европа кога се работи за исплаќање на своите обврски, нивниот просек изнесува само 27 дена, покажуваат податоците на компанијата „Intrum Justitia“, која секоја година прави истражување во земјите од Европската Унија во однос на оваа проблематика. Истражувањето спроведено на повеќе од 7800 европски компании, во 27 земји покажува дека економската слика во Европа е шарена, Германија и Нордиските земји покажуваат одредена стабилност, додека другите земји, главно во Југоисточна Европа  се соочуваат со големи проблеми.  Според овие податоци, стопанствениците се обидуваат да се справат со ликвидносните проблеми  преку намалување на роковите за плаќање, па така, договорениот рок за наплата во ЕУ се движи од 32-36 дена. Просечниот број на денови на одложување на исплата останува 20 дена, стои во истражувањето.


Автор: Елена Павловска Објавено: 02.10.2012