/ Прочитано:

2.199

Закон за платежни услуги: Бесплатни банкарски сметки за ранливите категории

Денес во Народната банка беше потпишан меморандум за финансиска инклузија од страна на Банката, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и Агенцијата за супервизија на осигурувањето. Целта на меморандумот е да се овозможи поголема достапност до финансиските услуги за сите граѓани, без дискриминација.

„Меморандумот кој денеска го потпишуваме е значаен бидејќи наша обврска, како регулатори, е да овозможиме достапност до финансиските услуги и еднаквост на можностите: за младите, за жените, за ранливите категории население, за населението во руралните средини, за малите и средните претпријатија. Сите требаат да имаат пристап до финансиски услуги, и тоа на лесно достапен, безбеден начин и под прифатливи цени“, беше истакнато на денешниот настан.

При потпишувањето на меморандумот беше најавено дека Министерството за финансии и Народната банка подготвуваат измени на Законот за платежни услуги и платни системи. Новина во законското решение е воведувањето бесплатни банкарски сметки за ранливите категории.

„Работната верзија предвидува сметката со основни функции да биде бесплатна за ранливите категории, односно по закон ќе добијат бесплатни услуги за отворање, водење сметка, уплати и исплати. За останатите потрошувачи, платежната сметка со основни функции ќе биде со разумен надоместок. Ќе напоменам дека за да се отвори сметката, граѓаните не треба да поседуваат друга сметка со основни функции на свое име, како и дека на оваа сметка нема да можат да одат во минус. Исто така, се воведуваат решенија во Законот за платежни услуги и платни системи кои ќе доведат до либерализација на пазарот на платежни услуги. Ова ќе придонесе за засилена конкуренција и нови, иновативни начини на плаќање, лесно достапни и со помали трошоци“, истакна  министерот за финансии, Драган Тевдовски, на денешното потпишување на  меморандумот за финансиска инклузија

Тевдовски посочи дека ова е првиот чекор кон поголема финансиска инклузија, што предвидува сите да имаат пристап до финансиски услуги, и тоа на лесно достапен, безбеден начин и под прифатливи цени.

Анализите на Меѓународниот монетарен фонд покажуваат дека преку обезбедување пристап до сметки и кредити за жените, за ранливите категории се овозможува побрз и поинклузивен економски раст. Друга придобивка од финансиската инклузија е дека таа привлекува повеќе луѓе во формалниот сектор, што пак во фискалниот дел значи повеќе приходи во буџетот. Повеќе приходи во буџетот значат подобро здравство, образование, подобра инфраструктура и други јавни услуги.

Тевдовски рече дека веќе е направен чекор кон поголема финансиска инклузија преку Законот за  платежни услуги и платни системи, со кој се обезбедуваат бесплатни банкарски сметки за ранливите категории.

Во светот 1,7 милијарди од населението нема пристап до банкарски систем, а податоците кај нас покажуваат дека 77 отсто од возрасното население поседува трансакциска сметка, што е сосема споредливо со просекот за Европа од околу 82 отсто.

„Иако се забележува солидна финансиска вклученост од аспект на поседување трансакциска сметка, сепак повеќе други показатели упатуваат на позначителен јаз: само 17 отсто и 53 отсто од населението, соодветно, поседува кредитни и дебитни картички, наспроти европскиот просек од 35 отсто и 71 отсто, соодветно, само 37 отсто од населението ги користи картичките за купопродажни трансакции, што е двојно помалку од европскиот просек 63 отсто, само 12 отсто од населението користи електронски пристап до сметки, а интернет-трансакции прават само 17 отсто од граѓаните, што е двојно помалку од просекот во ЕУ“, рече гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

Новиот проширен меморандум, во кој се вклучени Министерството за финансии, Народната банка, Комисијата за хартии од вредност, МАПАС и Агенцијата за супервизија на осигурувањето, се потпишува во пресрет на Глобалната недела на парите, во која се планирани повеќе активности со кои се сака да се зајакне свеста за потребата од финансиска едукација и да се промовираат предностите од поголема финансиска вклученост.

М.В