/ Прочитано:

2.713

Закони што треба да се укинат или изменат според планот за судските реформи

Во планот за реформи на Владата на РМ, наречен план „3-6-9“, се вели дека во делот на судските реформи, Владата ги прифаќа забелешките и препораките на Европската комисија и на Советот на Европа (Венецијанската комисија и ГРЕКО), со што на краток, среден и долг рок се обврзува да изгради независен, непристрасен, професионален и ефикасен судски систем.

На краток рок, се посочува во планот, Владата ќе направи целосна ревизија на Нацрт-стратегијата за реформа на правосудниот систем и ќе започне да гради атмосфера на слободно судство, без политички притисоци, со цел да обезбеди простор и за неопходните законски измени на среден и долг рок.

Исто така, во делот на судските реформи, Владата најавува укинување и менување на повеќе законски решенија од областа на правосудството.  Па така во планот се истакнува дека ќе се укине Законот за Советот за утврдување факти и дисциплинска одговорност на судии и ќе се подготват измени и дополнувања на Законот за Судски совет, поради враќање на надлежностите во Судскиот совет.

Владата, се додава во планот, го охрабрува Судскиот совет да ги поттикне судиите за сите евентуални случаи на политички или друг вид притисок, веднаш да ги информираат Судскиот совет, Здружението на судии и медиумите, а доколку притисокот доаѓа од јавен обвинител, веднаш да информираат во Советот на јавни обвинители и медиумите. Доколку, пак, притисокот доаѓа од член на Судскиот совет, веднаш да го информираат претседателот на Судскиот совет и медиумите.

Во планот се најавува и формирање работна група за подготовка на Закон за изменување и дополнување на Законот за судови и Законот за Судскиот совет во делот на постапката за дисциплинска одговорност на судиите, основите за дисциплинска одговорност, дисциплински мерки и оценување на судиите, како и формирање нова работна група за ревидирање на Нацрт-стратегијата за реформа на правосудниот сектор, во согласност со препораките на Европската комисија, Венецијанската комисија и ГРЕКО.

Одржувањето редовни консултации со ЕК во однос на текстот на Нацрт-стратегијата, организирањето јавна расправа во однос на Нацрт-стратегијата за реформа на правосудниот сектор и усвојување на Стратегијата, формирање Совет за спроведување на реформите во правосудството, спроведување контрола и увид во системот за управување со судски предмети (АКМИС), за утврдување на евентуална злоупотреба и одговорност, исто така се активности кои се предвидени во планот за судските реформи.

Во планот Владата најавува и целосна институционална поддршка на работата на СЈО, во согласност со соодветните закони, формирање работна група за подготовка на предлог-текст за измени на Законот за заштита на укажувачи, во согласност со препораките на Венецијанската комисија и ЕК, подготвување нов предлог на Закон за заштита на сведоци, формирање работна група која ќе ги разгледа препораките на Венецијанската комисија во однос на Законот за заштита на приватност, а ќе бидат подготвени и предлози и препораки за натамошни активности.

Во планот за реформи на Владата на РМ, наречен план „3-6-9“, се резимира дека  во иднина ќе бидат зајакнати и кадровските капацитети на Народниот правобранител.

Повлекување на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната и измени на ЗКП бараат граѓанските организации

M.В.