/ Прочитано:

1.657

Законите во Хрватска и во Македонија се добри и преку нивно правилно применување бизнисмените можат да бидат успешни на берзата – интервју со Ненад Бакиќ

Управувањето со правните ризици има значајна улога во инвестициите. Многу корпорации го имаат прифатено начинот на работа според кој вредноста прво треба да се сочува. А вредноста најдобро може да се сочува преку инвестиции. За инвестициите, пак, од особена важност е правната сигурност“, истакна Бакиќ.

Ненад Бакиќ Академик Конференција 2016

Управувањето со правните ризици е клучно за правната сигурност и за инвестициите, потенцира еден од најголемите и најактуелни инвеститори во Хрватска Ненад Бакиќ, кој беше предавач на овогодишната Меѓународна конференција на Академик „Управување со правни ризици: правни трендови“.

Тој во своето предавање нагласи дека правната сигурност е од особена важност за инвестициите, па оттука многу компании ја имаат прифатено деловната филозофија потребно е да се работи за да се сочува она што се има и потоа да се гради и да се вложува.

„Во таа смисла, управувањето со правните ризици има значајна улога во инвестициите. Многу корпорации го имаат прифатено начинот на работа според кој вредноста прво треба да се сочува. А вредноста најдобро може да се сочува преку инвестиции. За инвестициите, пак, од особена важност е правната сигурност“, истакна Бакиќ.

Во интервју за Академик, Бакиќ открива како се станува успешен акционер – не преку шпекулативно играње со акции на берзата туку преку соодветна примена на постојната законска регулатива. Тој верува дека законите и во Хрватска и во Македонија се добри, но дека е потребно бизнисмените добро да ги познаваат и да ги почитуваат за да постигнуваат успешни резултати во водењето на својот бизнис.

За себе велите дека сте активистички акционер. Во што се состои филозофијата на вашиот пристап во инвестирањето и како успевате од компании чии акции имаат ниска вредност на берзата да направите успешни бизниси?

На големите и високоразвиени западни пазари активистичкото инвестирање во акции значи свесно постапување. Инвеститорите пронаоѓаат фирма или друштво во кои може со некаков напор да се постигнат подобри резултати и тие свесно инвестираат во нив, иако на берзата акциите на таквите компании можат да имаат и многу ниска вредност. Преку инвестирање, тие имаат цел да ја подигнат вредноста на акциите, а со тоа и вредноста на компаниите.

Но, мојот стил е поинаков. Поаѓајќи од модерната теорија за портфолиото на компаниите и за сфаќањето дека на неефикасните пазари, каков што е пазарот во Хрватска, кога акционерските друштва покажуваат лоши резултати, тогаш и пазарот ги казнува преку нивната цена, и тоа многу непропорционално. На пример, имате лоши фирми чии акции исто така не вредат многу, но пазарот дополнително ги казнува, поради што цената на нивните акции дополнително паѓа, иако тоа не значи дека фирмата ќе пропадне. Преку градењето на портфолиото на овие фирми, од кои секоја може да има лош перформанс, јас сум во поволна позиција бидејќи кога една од нив ќе почне да работи добро, можете многу да заработите.

Правилното користење на законите им носи успех на бизнисите на долг рок

Лошото работење на компаниите е со причина и, за жал, се открива малку подоцна, откако ќе инвестирате во неа, а тоа значи дека управата или акционерите преземаат лоши чекори, намерно или ненамерно. Во моментот кога таквото дејствување или недејствување ја преминува границата на дозволеното, тогаш ги имаме на располагање правните средства преку кои можеме да го поправиме лошото управување во компанијата.

Интересно е што многу луѓе не се свесни дека законите во Хрватска, а веројатно и во Македонија, се многу подобри од тоа како луѓето ги користат. Преку едноставно користење на дозволените и вообичаените правни средства, како што се: составување на правен записник, поставување на правни прашања, јавно претставување на компанијата преку медиумите, може да се направи многу за да се запре лошото управување на компаниите, така што мојата улога како акционер е дека јас сум активистички акционер поради тоа што морам така да постапувам. Јас не инвестирам за да станам активистички акционер, туку тоа го правам поради тоа што има многу проблеми во компанијата кои треба да се решат.

Колку се подготвени управата и акционерските собранија во компаниите во кои инвестирате да ги прифатат вашите предлози за подобрување на работењето?

Многу е тешко да ги убедите управните одбори и акционерите во компаниите дека вашиот план за инвестирање е позитивен. Многу е тешко да ја промените свеста на оние што не се однесуваат квалитетно, особено кога ќе се соочат со правните последици од своето работење, кога ќе ги предупредите дека доколку продолжат да работат на тој и тој начин, може да се случи нешто. Но затоа, пак, е многу лесно да се соработува со акционерски друштва кои имаат доминантна приватна сопственост бидејќи тие имаат многу повеќе да изгубат доколку работата оди на лошо бидејќи им се закануваат тужби или слично. Нив е многу полесно да ги уверите дека со промена на начинот на работа можат да добијат многу повеќе, за разлика од управните одбори кои ги контролираат државни компании и кои се однесуваат сосема спротивно бидејќи капиталот кој е изложен на пазарот не е нивни и тие немаат што да загубат.

Што е потешко: управувањето со финансиските ризици или управувањето со правните ризици?

Финансиските ризици се нешто што може да се предвиди и да се вкалкулира во очекуван ризик или очекуван приход. Правните ризици се, секако, потешки бидејќи секој од нив може да има несразмерно голем удел доколку се материјализира. Мене ми е многу полесно да ги предвидам финансиските ризици бидејќи постојат алатки преку кои се контролира ризикот во финансиите, а во правото секој случај е посебен.

Според Бакиќ, кој на Конференцијата на Академик имаше свое предавање на тема „Инвестирајте паметно и сериозно сфатете ги акционерските собранија“, интеракцијата помеѓу правото и бизнисот е многу актуелна и релевантна тема.

„Сметам дека сите вистински правници во современиот свет размислуваат и за бизнисот, односно гледаат како да го употребат правото во конкретен контекст. Ова е одлична платформа за подигнување на свеста за важноста на управувањето со правните ризици“, истакна Бакиќ по завршувањето на Конференцијата.